Повеќето земји во Источна Европа, како и Македонија, за да го сменат демографскиот тренд преземаат мерки во фертилноста и миграцијата, но со слаби резултати
Предминатата седмица започнав со коментари за демографската катастрофа во Источна Европа и Македонија („Демографска катастрофа во екскомунистичките земји“), како и причините за тоа („Потрага по подобар живот – причина за демографската катастрофа“). Додека повеќето земји се соочуваат со популациски пораст, екскомунистичките држави во Европа се соочуваат со демографска катастрофа. Источна Европа се соочува со „масивна загуба на популација, невидена во мирновременски услови“. Најмалку 11 земји имале загуба на население повеќе од 10 проценти од 1989 година. ОН проценуваат дека Источна Европа имала 292 милиони луѓе во 2017 година, или околу 18 милиони помалку отколку во 1989 година, или околу 6 проценти намалување.
Во Македонија поради неспроведување на пописот не се познати точните бројки, но со вкрстување податоци од повеќе избори може да се претпостави дека во моментот во Македонија живеат малку над 1,8 милион луѓе и губиток на население од околу 10 проценти. Генерално се наведуваат три причини за демографската катастрофа на Источна Европа: емиграцијата, паѓањето на стапката на раѓање, при сѐ уште високи стапки на смртност. Слични се причините и во Македонија. Од некогашната висока стапка на фертилитет од 3,84 во 1960-тите, во првите години на независна Македонија таа изнесува 2,21, а во 2016 година паѓа на само 1,5. Во истражување на МЦМС и ТВ Телма од април 2017 година, околу 40 проценти од граѓаните би сакале да се иселат од земјата, а водечките причини за иселување се повисок стандард (25 проценти), барање работа (23,2), нестабилната политичка состојба (14,9), можности за образование (8,1), услови за кариера (10,9) и различен животен стил (4,9). Профилот на граѓанин што сака да се исели е граѓанин што смета дека во Македонија не може да се напредува со напорна работа, не е задоволен со местото на живеење, има завршено средно или повисоко образовани и е на помлада возраст.
Алармот за демографската катастрофа е веќе вклучен во повеќето земји во Источна Европа. Покрај краткорочните ефекти на емиграцијата, во смисла на можности за работа и дознаки во земјата, долгорочните се помалку позитивни, како помала работно способна популација, загуба на образовани млади луѓе, недостиг од одредени професии, со последици по компетитивноста на економијата и по здравствениот и пензискиот систем.
Повеќето земји во Источна Европа, како и Македонија, за да го сменат демографскиот тренд преземаат мерки во фертилноста и миграцијата, но со слаби резултати.
Во Полска, како и во Македонија, има паричен надомест за трето дете. Универзитетот „Оксфорд“ ги има истражувано овие мерки во 15 земји во Источна Европа, кои вклучуваат повеќе модели, како: сеопфатен модел на семејна политика, пронатален модел на политика, модел на привремен машки „бредвинер“, како и конвенционален модел на семејни политики. И повеќето модели имаат одредени недостатоци, кои спречуваат да се постигне подобра семејна благосостојба и услови за зголемување на фертилитетот. И во Македонија се има впечаток дека повеќето мерки немаат влијание на природниот прираст. Моделите што даваат резултати, како нордискиот модел, вклучуваат родова еднаквост, високо ниво вклученост на жената во работна сила, придружено со високо ниво на заштита и поддршка за деца и повисоко ниво на родителска ангажираност на мажите.
Слични, слаби резултати се постигнати и во миграцијата. Политиките за враќање на мигрантите, според ОЕЦД, имаат ограничен успех. Саемите за дијаспората во Романија не довеле до многу повратници. Слично поминале и програмите во Полска, каде што слабите резултати се поради недоволното планирање, негативните економски услови и други пречки. Во Македонија, надвор од декларативни заложби, не постојат ниту програма ниту мерки за поттикнување повратници од дијаспората.
Од друга страна, земјите од Источна Европа што имаат пораст на популацијата како Чешка и Словенија, имаат позитивна нето-миграција, односно повеќе луѓе се доселуваат отколку што се иселуваат. Но источноевропските земји се меѓу земјите каде што постои најголемо чувство на закана од имиграција и веројатно доселувањето не е опција за решение на демографската катастрофа.
Најефективно решение е намалување на јазот во богатството со ЕУ. Земјите со позитивен демографски тренд, како Чешка и Словенија, имаат постигнато околу 80 проценти од просечниот БДП на ЕУ, од почетните 50 проценти во 1990-тите. Македонија денес има полоша позиција со помалку од 40 проценти од просечниот БДП на ЕУ. Намалување на јазот значи дека економијата расте со повисок процент, но тоа не се случува со НАТО и ЕУ-членството туку со многуте промени за подобрување на конкурентноста од подобро образование, владеење на правото, фер конкуренција, напредок заснован на напорна работа, а не на патрон-клиентелистички односи, подобри работни услови итн. Сѐ до обезбедувањето чувство на еднаквост, без разлика на родовата и етничката припадност или сексуалната ориентација. Членството во НАТО и во ЕУ нема да го обезбеди тоа, тоа може да го обезбедиме само ако се промениме ние самите.
(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek