Во времето во кое живееме, кога постојат силни стресни ситуации, не треба да заборавиме да се заштитиме од преголеми дози адреналин и да ги поштедиме здравјето и, особено, нашето срце
Емоциите се најважните психолошки функции, без кои хуманиот род не би можел да постои и да функционира. Емоциите доаѓаат од мозокот и завршуваат во него, во неговите специфични делови, главно поврзани со делот означен како – амигдала. Иако доаѓаат од мозокот, емоциите можат да ни го погодат срцето, но и сите други органи.
Уште многу децении наназад, гранката во медицинската наука позната како психосоматика го објаснила редоследот на појавите кај кои емоциите (како почетна алка) предизвикуваат синџир од реакции, кои завршуваат во разни органи предизвикувајќи вистинска физичка болест. Со други зборови, кај психосоматските болести органот е физички болен, не станува збор за ментален проблем! Како типични психосоматски болести се сметаат високиот крвен притисок, бронхијалните спазми, хипертиреозата, улцерозниот колит, псоријазата и многу други.
Кога станува збор за синдромот на скршено срце, тоа е навистина случај предизвикан од силни емоции, кога доживуваме голема тага, кога сме напросто скршени, или кога доживуваме вистинско цунами од анксиозност по смртта на некоја сакана личност, економски банкрот, губење работа… Но истото може да се доживее и при силна радост (венчавки, родендени и сл.). Доживеаното чувство е слично како кога голема физичка сила ни ги притиска градите. Болката оди и со промени во ЕКГ, кои имитираат инфаркт на предниот ѕид на срцето, но нема покачување на типичните ензими.
Во некои случаи, називот скршено срце ја надминува метафоричката смисла на зборот, и навистина се презентира како такоцубо-синдром, или синдром на скршено срце. Силниот наплив на снажни емоции, во некои случаи можат брзо да ги ослабат мускулните ќелии во срцето, предизвикувајќи левата половина на срцевиот мускул да се прошири нанадвор како вистински балон. Вака проширеното срце е многу слично на јапонскиот уловен такоцубо-октопод, по што синдромот го добил и името.
Состојбата ретко е фатална, но може да доведе до срцева слабост, а вообичаено се повлекува по неколку недели, сама од себе. Најчест тригер-фактор е силниот стрес, но тоа не мора секогаш да е случај. Најчесто се јавува кај постари жени, можеби поради смаленото ниво на естрогени хормони по менопаузата. Силниот наплив на адреналин предизвикан од стрес надоаѓа во организмот, и се смета дека е причина за појава на овој синдром.
Користејќи функционална магнетна резонанца, истражувачите ја мереле мозочната активност кај група луѓе со такоцубо-синдром и наодите ги споредувале со група здрави луѓе, како контрола. Биле најдени забележителни разлики во изгледот на мозокот кога пациентите мируваат или не мислат на нешто посебно. Разликите биле локализирани во регионите на мозокот што се регулатори на автономниот нервен систем, како што се амигдала, хипокампус и цингулатниот гирус.
Автономниот нервен систем подразбира два потсистема – симпатикус и парасимпатикус, а двата се сметаат како несвесен мозок, т.е. не се под волева контрола. Овие два система имаат контрола над работата на сите наши органи одржувајќи ги функциите какви што се дигестијата, циркулацијата, но и одговорот на стрес означен како „бегство или борба“. Истражувањата покажале дека луѓето со синдром на скршено срце имаат помала конективност во овие системи, што доведува до нарушена мозочна активност.
Нашето срце, како и другите органи, исто така е под контрола на автономниот нервен систем. Што станува во моментите кога силните емоции доведуваат срцето да не може да ја одржува својата структура? Одговорот лежи во фактот што ниту една регија во мозокот не е одговорна само за една функција. Амигдалата, хипокампусот и другите делови на мозокот што ја регулираат внатрешната машинерија, исто така се инволвирани во емоционалното процесирање. Така на пример, истите региони што го контролираат срцевото отчукување се вклучени и при депресивните состојби.
Овие двојни функции, при емоционален стрес, во мозокот предизвикуваат силно влијание врз физичкото работење на нашето тело. Особено делот опишан како амигдала треба да ги раздвојува емоционалните процеси од биолошката функција. Активноста во овој регион се поврзува со кардиоваскуларна болест, но, да не заборавиме дека и другите делови на лимбичкиот систем се вклучени во состојби како што е депресијата.
Истражувачите одат чекор понатаму и сугерираат дека нарушената конективност кај некои луѓе може да предизвика попесимистички поглед на нивната состојба отколку што таа навистина е, особено кога се во состојба на стрес или во време на болни случки. Зошто настанува физичко попуштање на срцевиот мускул сѐ уште не е познато, како и тоа зошто ваквата појава е доста ретка. За среќа, кај најголемиот број луѓе нервниот систем не функционира како кај оние што развиваат синдром на скршено срце.
Постои ограничување во истражувањата околу оваа појава зашто тие сите се направени по доживеан синдром, најмногу кај жени, така што нема податоци за машките, а кај нив сликата можеби би била поинаква.
Засега лекување за овој синдром не постои: времето е единствениот лек!
Во времето во кое живееме, кога постојат силни стресни ситуации, не треба да заборавиме да се заштитиме од преголеми дози адреналин и да ги поштедиме здравјето и, особено, нашето срце.