Ама па видовме дека јазикот ни е забетониран. Толку е добро бетониран што воопшто не може да се види. Затоа на сајтот на НАТО, наместо да стават „македонски јазик“, нашите „стратегиски партнери“ ни го акнаа знамето. И наеднаш македонскиот јазик стана ЗНАМЕнит јазик. Што е вистинска гордост за северноцрпНАТО нЕУпотребливите
Минатата колумна ви го споменав „мртвиот папагал“ на Монти Пајтон. Оваа колумна ќе ја започнам со мојот папагал. А ха, си купив папагал. И гледај чудо, сите ги учат своите папагали да повторуваат некоја банална бесмислица, само јас морав да го одучувам. Да, да, сите ги учат, јас го одучував. Како навиен повторуваше ЕУНАТО. Ветеринарот ми објасни дека сум купил автохтон политички папагал. СеверноцрпНАТО нЕУпотреблив, тоа му е латинското име. Глупа сорта папагали, додаде ветеринарот. Искрено, не можам да го поднесам. Од утро до мрак, тоа па тоа, ЕУНАТОЕУНАТО, крешти како полуден. Не издржав. Ѝ го подарив на сосетката од соседната зграда. Она се пали на шарени нешта. Како политички папагали што повторуваат ЕУНАТО. Јас си купив нормален миленик што молчи. Руска вотка.
Не знам за вас, ама мене ми преседна. Од сите. Не можам веќе да ги поднесам политички брендираното лицемерство и безумие. Ете им ја Северна, ене им го НАТО, ене им ја ЕУ. Северна нека им даде студ на душите. Од НАТО-војни, мир да немаат. Низ политичките бордели на ЕУ, љубов да си бараат. Дефиницијата што ја даде, мислам беше полски министер, за политичките корисни идиоти, кај нас е секојдневна практика. Имаме и најбрутален вид на стокхолмски синдром. Силуваната жртва веќе сама си бара нова доза перверзно насилство. Штом и МПЦ се истопори да се пенави за НАТО, смрдеата на пеколот се чувствува силно. Оние што требаше да бидат Христова војска, ене ги, му го бакнуваат задникот на господарот на злото. Еве им од мене и парола. Под знамето на НАТО, во скутот на натемаго.
Пред два дена на Фејсбук напишав статус. „ЕУНАТОЕУНАТО… и така до бесконечноста на вселенската глупост. Драги мои, политички папагали! Меѓу мене и вас постои амбис. На едната страна од амбисот сум јас, а на другата вие, ЕУ, НАТО и гласачката кутија. Се прашувам како да отпливам низ воздухот до гласачката кутија, кога знам само да летам со мечтите. Вам, драги мои политички папагали, удобно ви е во кафезите на изопачената ЕУ/НАТО моќ. Јас кафези не сакам. Чувајте си ги кафезите, лапајте што ќе ви фрлат изопачените, клањајте се на ЕУ/НАТО идоли и полнете ја сами гласачката кутија со робовски менталитет. Не, јас не ве бојкотирам, јас НЕ ВЕ ГЛАСАМ“.
Точно е, кревам раце. Не од Македонија, не од љубовта кон неа. Нема да престанам да пишувам за она што Бог ми дозволи да го посведочам, варварското злосторство врз цел еден народ и држава. Ќе си ја продолжам својата војна. Ако ми дозволат светот и околностите, ќе ја изнесам вистината за Македонија надвор. Ако не ми дозволат, ќе ја оставам вистината меѓу своите редови, па иднината нека суди. Кревам раце од македонската политичка жабокречина. Не можам да ги поднесам веќе ЕУ/НАТО-папагалите. Сите до еден, истата глупа песна. Просто е ненормално како може толку исто да звучат. Па и во догмите има повеќе слобода. Сите си го најдоа своето место во безумната фраза „нема друга алтернатива“, наследник на она малоумно „еден е изборот“. Ограничени луѓе мислат дека може да има само една алтернатива. А бидејќи ниту јас, ниту вие сме ограничени, можеме да гледаме со отворен ум и слободна волја. Оттука, иако немам намера да се занимавам со папагалската политика на корисни идиоти, нема да престанам да ја исмевам нивната безумност.
Океј, „северниве“ потпишаа протокол за влез во НАТО. Симболично добија столче. Ама смеат да седнат само на половина задник. Затоа што не сме завршиле сосема со идентитетското самоубиство. Вака, седнати со половина задник, немаме право на глас, можеме само да бленеме како телиња во шарена врата. Ама па видовме дека јазикот ни е забетониран. Толку е добро бетониран што воопшто не може да се види. Затоа на сајтот на НАТО, наместо да стават „македонски јазик“, нашите „стратегиски партнери“ ни го акнаа знамето. И наеднаш македонскиот јазик стана ЗНАМЕнит јазик. Што е вистинска гордост за северноцрпНАТО нЕУпотребливите.
Е сега, можеби глумиме дел од НАТО без право да бекнеме, ама веднаш некако се чувствуваме безбедно. Не за џабе власта ја тргна оградата од пред Владата. Штом видов како изгледа тоа, мојот забеган ум веднаш создаде слика. Поминуваат странец и шарен револуционер покрај Владата.
– Уф, што е ова? – реагира странецот, гледајќи во белите столбови без ограда. – Какви се овие фалуси?
– Тоа е споменик што Владата го крена во чест на шарената револуција – вели гордо шарениот. Знаеш, ние симболично мававме по режимот со презервативи, што па излезе реалност, оти бевме за една употреба и сега, ете, во наша чест… фалуси.
Како и да е, НАТО ни влезе (ние нему сè уште не), па ај да ги видиме големите придобивки од него. Голема придобивка е што ќе ѝ плаќаме на Алијансата по милион и двесте илјади евра годишна членарина. НАТО е тоа, не е заебанција како некојаси таму библиотека, чест е да им плаќаме. Ама па за возврат нема да знаеме што да правиме со НАТО-инвестициите што сега ќе влезат кај нас. За почеток, НАТО ќе инвестира антиракетни системи во својата нова северна провинција. А таму кај што има ракети, гарант доаѓа НАСА. Тоа дека антиракетните системи не носат пари, туку се бесмислена воена провокација за Русија, е само во главите на „небањатите“, зашто секој паметен северен граѓанин што зборува ЗНАМЕнит јазик, знае дека со ракети се лета на Марс. Башка за инает на руски Бајконур, нас тука НАТО ќе ни отвори Зајконур.
И не само тоа. Со НАТО нормално доаѓаат војници. А кај што има војници, таму има дрога. Ете, веднаш стануваме економска сила како Република Бондстил. Со војниците доаѓа и осеменувањето, во нашиот северен новоговор тоа е пошумување на женската популација, и тоа не која било жена, туку оние од прогресивната граѓанска родова определба. А науката одамна има докажано дека плодот од НАТО-мажјак и женка со прогресивна граѓанска сексуална ориентација, по дифолт е генијалец.
Бајката малку ја расипа оној Никола Димитров од Вашингтон. Тоа е поради остатоците вмровска „небањатост“ под неговите нокти, кои итно мора да поминат уште еден евроатлантски маникир. Димитров изјави дека сеедно што сме станале северни, влез во ЕУ нема да видиме, оти Унијата не сака да се проширува. Каква лага, изгледа Трамп му подметнал руска дрога во молитвениот појадок. А Велика Британија кому му отстапи место? Според стандардот, животот и цивилизацијата што ни ги донесе оваа влада, ние сме веќе членка на ЕУ. Останува само да ни го испратат договорениот камшикар и да ни кажат колкава членарина да плаќаме.