Оваа колумна е објавена пред 5,5 години, а сега е само „рециклирана“ во целост: „Еден коментар со кој еден читател ме нарекува ’патриот‘ од мојата претходна колумна, сигнализира дека многу читатели не можат да го одвојат ’месото‘ од боранијата, како во текстот, така и во животот. Читателот е збунет, зошто мојата внука се вика Елени (било грчки), а не Елена, тоа било македонски, според него. Затоа препорачувам секој патриот и ’патриот‘ да си го купат книжето ’Ономастикон‘ од Васил Дрвошанов (Антички Македонец) во издание на ’Детска радост‘ од 1995 година. Безмалку, ниедно име или исклучително малку се македонски, вклучувајќи го и моето Ангел (гр. вестоносец-известувач). Кога велам македонски, мислам со потекло од Р Македонија, во која живееме, а не Македонија, која е предмет на насилен спор со Грција. Кога го крстив мојот син Александар (1973 г.) воопшто не помислив на ’Воинот на коњ‘. Мислев на татко ми и на дедо ми (тестот) бидејќи и двајцата се викаа Александар. И двајцата беа родени во српско и тогаш било популарно и можеби подлизурно во Вардарска Бановина новородените машки дечиња да се крстат (именуваат) според и во чест на крал Александар. И двајцата родители не знаеја дека нивното име е грчка кованица од Алексис (водач) + Андрас (гр. маж-војсководец).
По таа логика на читателот патриот, сигурно ќе го чуди и името на Јохан Тарчуловски, кој достоинствено беше пречекан и наречен патриот од македонските медиуми, а во вечерните вести (23 ч.) на Алсат-М на македонски јазик, беше наречен ’патриот‘. Никој македонски медиум не го нарече Рамуш Харадинај ’патриот‘ кога беше пречекан во Тетово. Јохан бил крстен според фудбалерот Јохан Кројф, во кого бил вљубен неговиот татко во 1972 година кога имало светско првенство во фудбал. Може ли Јохан да не биде патриот, само затоа што татко му не ја прочитал малечката книшка ’Ономастикон‘, туку гледал светско првенство. Може ли градоначалникот на Радовиш да се вика Роберт (?), а притоа да е и радовишанец и патриот, а не ’патриот‘. Ќе набројам само неколку често употребувани и ’македонски‘ имиња во чест и поука на „патриотите“. Мојот пријател и колега од туризмот е Арсеније, Арсо на македонски (гр. мажествен, јуначен).
Имињата за илустрација, поука, доука и иритација на ’патриоти‘, а за македонската патриотска несреќа се со грчки корени, пренесени (примени) преку христијанството, кумот, свекорот и други неочекувани околности за бебето, кое не го избира идното име и најчесто без патриотски предрасуди и осуди, бидејќи религијата била над сѐ, а не политиката и патриотизмот. На пример: Андреас (гр. мажествен), Гаврил (евр. божја крепост), Герасим (гр. почитуван), Григориј (гр. бдее, буден), Васил (гр. царски), Јоаким (евр. Бог воздигнува), Јордан (река во Палестина), Јосиф (евр. Бог умножува), Климент (гр. и лат. милостив), Кирил (гр. господарски), Лазар (евр. Бог помага), Мојсеј (евр. изваден од вода), Михаил (евр. подобен на Бога), Никола(ос) (гр. народопобедник), Петар (гр. камен), Пантелејмон (гр. семилостив), Сотир(ос) (гр. Спасител), Ставро(с) (гр. крст), Филип(ос) (гр. коњолубец). А сега драги патриоти и ’патриоти‘ доаѓа моментот на вистината: посетата на Ахмети на САД, на темата за името на Македонија(!) е најблаго кажано интересна случка. Со себе не понел ’Ономастикон‘ за да го докажува и да го истражува потеклото на името Македонија, туку имал сериозна намера да влијае на ’разликите во името‘ (промена на името). Целите му се поголеми од територијата на малечката Р Македонија.
Да ги потсетам љубителите на античката историја и митологија: оваа денешнава Р Македонија не е ниту античка, ниту илинденска, ниту авнојска, ниту асномска, ниту самостојна. Сега живеете во ’Рамковна Македонија‘, која е кованица од два дела, чиј АСНОМ е 13 август 2001 година, со неповторливиот ’план на претседателот‘ и омекнувачите. Само будалетинка може да каже една деценија потоа ’го замрзнувам потписот‘ (божем бил умен кога потпишал). Сѐ друго претходно е за спомен и за тетратките по историја, но само за внатрешна употреба. Да има што да им раскажувате на внучињата. Како оваа: пролетта 333 г. пр. н.е. на почетокот на големиот поход Александар стигнал до градот Гордион, кој бил познат по тоа што во еден од неговите храмови се наоѓаше двоколката на царот Мидас, легендарниот цар, кој бил познат по тоа што сѐ што ќе допрел – позлатувал. Јаремот на двоколката бил врзан со јаже стегнато на толку сложен и заплетен јазол, кој никој и никогаш не успеал да го отплете, размрси, бидејќи на јажето никаде не се гледал никаков крај. Свештеникот на храмот свечено му рекол на Александар: ’Според легендата, кој ќе го разврзе тој јазол, ќе владее со светот!‘ Младиот цар го разгледал јазолот, помислил малку, го извадил мечот и со еден удар го пресекол. Потоа Александар се упатил кон провинциите Кападокија и Киликија кога ги презема градовите Соли и Тарс. Не поминаа ниту 2.346 години од случката, Гордиевиот јазол, сега наречен Македонија, убаво заплетен, на кој исто така не му се гледа крајот од јажето (решението), ќе го сече Али Ахмети.
Додека вие се договарате кој е патриот, а кој ’патриот‘, Ахмети со одбран тим тргна не на Исток, туку на Запад. Таму е сега центарот на светот (ООН) и таму се наоѓаат врвните храмови и свештеници. Таму згаснуваат и никнуваат нови држави. Таму се вршат регистрација и пререгистрација. Штом оди во својство и во име на државата, тој има мандат да сече и пресече онака како што нему му сече или како што е веќе пресечено. Овој јазол ќе го пресече само со еден удар. Но освен јазолот, може да се распарчат и други делови од двоколката Македонија. Имам чувство дека двоколката има два јарема, но на две спротивни страни. Едниот дел од двоколката оди во еден правец, другиот во сосема спротивен. Две можности и две намери за една држава? Можеби преговара за две држави или за својот дел од државата? Кога му се дава име на човек, одат кај попот. Кога се основа фирма одат во Централен регистар, кога се раѓа нова држава, со ново име, одат во ООН. Со новото решение и име, а сигурно веќе има такво, со каква било додавка или измена, сегашната Р Македонија е новородена и ќе биде најнова држава на Балканот (!), во Европа и во светот. Ќе му го одземе приматот на Косово ’њу борн стејт‘ (новородена држава). Промената на името е рушење на државата до темел и градење нова или друга. Веќе ви ја кажав поговорката: ’Кралската круна е тешка, ама на амал не му даваат да ја носи.
Царот мора сам да ја носи‘. Ова ме потсетува на состојбите во стопанството, кое не можеме сами да го стопанисуваме, па бараме излез. А, излезот бил странски инвеститор или во превод на архаичен македонски – друг да му ја мисли. Хармонично, во чекор со странскиот инвеститор се и странските воено-политички алијанси за кои на колена молиме за прием. И тука станува збор за скриената формулација – друг да му ја мисли. А другиот секогаш мисли на себе (!), никогаш на тебе (!). На кој јазик ќе го презентира долгогодишниот проблем на Македонците со Грците, на македонски? Нели не сакате да се избрише од идентитетот ’македонски‘? Вака се брише идентитетот на замислената Македонија со новите преговарачи, бидејќи тоа е јасен сигнал дека Македонците сами повеќе не можат да решаваат за ова прашање или за кое било друго. И тоа ќе ги забрза процесот и ’решението‘ (промената). Денес е први мај 2013 година и не сум отиден на скара. Просто, не ми се јаде. Ми се одјаде. Па постите ли Македонци од библиска Македонија, велики пости се. Невиден театар. Го чекам Велик-ден, големи вести ќе ми донесе од Америка, со превод на македонски. На Алсат-М секој ден во 23 часот“.
Објавено во „Дневник“ на 3 мај 2013 година
П.С. За денешната колумна: да не беа задните намери „последното домино на СФРЈ“ разликите за името (промената) можеа да се решат со „моминското име“ на двете Македонии. Моминското на едната е Античка Македонија (а не Централна Македонија), бидејќи Атина и по 2.300 години не може да го заборави поразот од Античка Македонија и не ѝ дава таков епитет, бидејќи антика за Атина е само Атина. А моминското и уставното име на Република Македонија е Република Македонија.