Проф. Звонимир Јанкулоски
Македонијо, треба да разговараме. И, нема да го сакаме она што ќе го слушнеме. Но избегнувањето да го слушнеме она што не го сакаме нè донесе до местото каде што е согласен македонскиот народ: до дното во моралниот и интелектуалниот карактер на македонската политика.
Разговорот што треба да го имаме, а не сме способни да го имаме, не е толку за изборите или резултатите од изборите, за нивниот квазискандинавски карактер, за брашното и маслото и бедата на духот на оние што го продаваа својот глас, туку за она што прави невозможно да ја промениме состојбата во државата на подобро. Да, треба да зборуваме и за нашиот срам од изборите, кој е срам за Македонија што некој друг го фрли врз сите нас и кој тежи. Зашто, без оглед кого и да обвините за него, срамот е заеднички на сите нас. Срамот му припаѓа на секого од нас и на сите заедно што дозволивме да бидеме вовлечени во политички безизлез и станавме дел од темелното пропаѓање на нашиот политички процес, што направи политичко-идеолошки и интелектуално празни ликови да ја добијат можноста да водат држава.
Знам дека многумина од вас имаат оправдана загриженост за тоа какви нови и целосно забегани предизвици ќе ни испорача новата власт во нашите секојдневни животи. Знам дека се ужаснати од помислата дека новата власт ќе биде устоличена надвор од волјата на мнозинството на македонскиот електорат и нема да успее да ги осуди сите промашувања и неисполнети ветувања на политиката, туку директно или индиректно е на пат да го продолжи пропаѓањето на државата, кое веќе го живееме и преживуваме во последниве години. Можеби ова што го пишувам како мое одбивање да бидам дел од овој продолжен процес на обезличување и редефинирање на државата е оправдан гнев на прифаќањето на политиката да биде марионета на други туѓи интереси, кои немаат своја потпора во волјата на македонскиот народ.
Исто така, разговорот со Македонија треба да го водиме и за новото чувство на македонскиот патриотизам што за момент го искусивме во политиката и имаше тенденција да се рашири во секојдневниот живот. А потоа згасна. А згасна со свесно раширениот страв дека премногу патриотизам нема да е на добро. Па, така, наместо патриотизмот и љубовта кон државата да бидат извор на гордост, со промената на името на државата, нејзината историја, јазик и идентитет се претворија во македонски срам. Кој го видовме со слика и без тон на Илинден, а верувам наскоро истото тоа ќе го доживееме и за Денот на независноста. Чудно е како патриотизмот стана демоде во нашата држава. Жално е кога патриотизмот што го слават оние што биле историски угнетувани или обесправени се доживува со цинизам и омаловажување. Затоа националната гордост е изгонета од Македонија.
Патриотизмот стана табу-тема кај нас Македонците, при што полека одредена група од македонскиот народ свесно прифати дека не може да изрази каква било форма на национална гордост. Превоспитувањето на Македонците е процес што со години е под тешка индоктринација и всадување стравови дека патриотизмот ќе резултира во национализам, терајќи нѐ да чувствуваме страв дека патриотизмот може да нѐ однесе предалеку, дефинирајќи нѐ како народ со сопствена историја, култура, јазик и национална гордост. Секој друг патриотизам е добар, само нашиот е лош. Вината е на оние политичари што дозволија на овој начин да биде обликувано т.н. современото разбирање на патриотизмот на Македонците за полесно да бидат обезличени.
Независноста на државата и падот на комунизмот не донесоа и обновување на можноста земјата да се дефинира себеси. Ниту бевме ниту станавме целосно независна земја, ослободена од вмешаноста на странските фактори во креирањето и модифицирањето на нашиот политички и општествени систем. Во изминатите триесет години не видовме Македонија да покажува знаци дека станува поудобна со тоа што е македонска, а новата генерација македонски историчари заборавија, или беа спречени да го акомодираат нашиот патриотизам. Чудно е дека само кај нас прашањето на македонскиот патриотизам предизвикува потсмев и нѐ тераат да чувствуваме срам за македонското минато. Затоа бараат да се сруши портата „Македонија“. И сето она што нѐ прави горди на македонската борба и непокор.
Можеби треба да се избегне можноста низ патриотизмот да се идентификуваме за нација за да може полесно да бидеме обезличени кога ќе се создадат услови за тоа. А се создадоа побрзо од очекуваното. Очигледно дека во Македонија не живее Русо, за кого патриотизмот беше втемелен во љубовта кон граѓански доблести, создавање заедничка припадност заснована врз споделени права и слободи, ниту американската политичка култура, која разви патриотизам заснован врз љубовта кон либералните вредности што ги обезбедува националната држава. Кај нас развија чувство на срам и презир кон љубовта за татковината. За македонската држава да умре пред да се роди.
Затоа кај нас патриотизмот секогаш се замаглува со ксенофобија и исклучивост. Тоа е кога „својата“ земја политичарите ја зедоа здраво за готово. Не очекувајте дека тие ќе бидат изворот на повторното раѓање на патриотизмот. Од оние што го закопаа не можеш да очекуваш да го воскреснат. Чекам македонскиот патриотизам повторно да биде роден и раководен од почитта на народот кон нашата историја и култура, нешто што ја одделува земјата од повеќето други. А срамот што го живееме последниве години да го замени македонската гордост.