Кога во древноста се случувала некоја стихија, помор, глад, болест или војна што ќе заврши со пораз, Македонците освен што ќе посочиле кон водачот како единствено одговорен и го менувале, заедно со него го казнувале и богот во кој тој верувал и во кого се колнел. Па, така, откако архонот ќе биде протеран од земјата, со него го претерувале и неговиот бог, со прогонство што некогаш траело и до сто години! Каде било тоа прогонство, драги мои? Па, во Хипербореја. Тој лош непомоглив бог се протерувал во Северната Земја, а неговото име било забрането да се споменува. Така формално се извршувала казната. Замислете, тоа е времето кога човечкиот век траел во просек околу триесет години. За сто години се потребни четири генерации да паметат дека тој и тој бог поради таа и таа работа е прогонет и неговото име не смее да се споменува и кажува. Какво паметење, а? Но да се вратиме ние во сегашноста, каде што допрва ќе се учиме да паметиме.
Денес, кога нешто што е важно а треба да се прогони од Македонија, да се скрие, поттурне, забошоти и игнорира, а дополнително тој што го прави тоа од позиција со силата на власта, најчесто нема аргументи зошто го прави тоа што го прави, па посегнува по единственото нешто што му преостанува: а тоа е прогонство и забрана за зборување за тоа за него некорисно нешто! И сите добри практики за постигнување вакви цели водат на почетокот кон стигми, етикети и рестрикции, кои на крајот завршуваат со носење уредби и закони. Тоа ќе биде и последниот чин од претставата наречена „Создавање на новодржавата Република Северна Македонија“, каде што за да се воспостави правен поредок ќе мора да се воведат рестрикции на сите нивоа и во сите животни сфери. Во дваесет и први век планираат да воведат државна цензура, со која зад формулираното казнување на „говорот на омраза“ во суштина ќе направат систем на цензура во кој ќе се криминализира и казнува секогаш кога надвор од пропишаните контексти, правила и прописи – некој граѓанин, ентитет или организација незаконски ќе ги употребува поимите Македонија, македонски, македонска и сите други изведени форми од именката и придавката! Дополнително е предвидено низ системот на информирање, во медиумите и во целата организација на формалното и неформалното државно и приватно образование, да се направи ревизија на историјата од антиката, па до денешен ден, во која ќе бидат преформулирани содржините што ќе се изучуваат и кажуваат а се однесуваат на минатото и сегашноста на соседните земји, но и на минатото и сегашноста на Република Северна Македонија, со целосна „севернизација“ на земјата и нејзините духовни и материјални вредности, почнувајќи од јазикот, нацијата, производите, уметничките и другите нематеријални добра, од македонски во северномакедонски, и производство на нова нација северномакедонци.
Тој процес е веќе почнат и видливо се применува во сите институции, медиуми, формални и неформални форуми, настани и средби низ институциите на Европската Унија, со тенденција сето тоа да стане кодекс и правило и надвор од опсегот на Унијата и нејзините институции. Дека тоа е така зборува и фактот што две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, каде што формално јазикот е македонски, а нацијата македонска, никој официјално од некоја државна институција, амбасада или поединец не реагирал кога поимите „северномакедонски јазик“ и „северномакедонска нација“ се употребуваат во формалниот и неформалниот говор на европски функционери и политичари, но и кога се практикуваат низ медиуми, форуми, настани и други јавни случувања. Сите прикаски за заштитата на македонскиот јазик и идентитет се само флоскули, кои не значат ништо во реалноста, која е сосема, ама сосема поинаква. Тој премолчено прифатен јавен говор во странство е договорено да почне да се применува и внатре во Република Северна Македонија, со прецизна примена на Договорот од Преспа, но и на Договорот со Бугарија, каде што е планирано да се прецизираат сите форми и правила на употреба и пишување на поими поврзани со именката Македонија и придавките од неа, за што веќе е направен и првиот чекор, прифатен од „северномакедонската“ страна, каде што бугарските членови на „Комисијата со Бугарија“ формално се обраќаат со поимите Северна Македонија, северномакедонци и северномакедонски. Дополнително, членот од Договорот од Преспа што се однесува на трговските марки и категоријата „Мејд ин Маседонија“, како прашање што дополнително ќе бидe решено, а дотогаш ќе се употребува како и пред Договорот, по сугестија на Владата на Република Северна Македонија, сите производи на големите компании што продаваат стока за широка потрошувачка во земјата и во странство веќе се пишуваат и продаваат како „северномакедонски“.
Ѕирнете ги оние од другата страна испишани информации на сите „северномакедонски производи“ во вашиот маркет денеска, самите ќе си се уверите, не верувајте во сѐ што ви кажуваат и за сѐ што пишуваат.
Во неколку наврати поранешниот премиер на Грција и министерот за надворешни работи, јасно, недвосмислено и разбирливо ви кажаа и повторија две работи: првата, промената на името и потпишувањето на Договорот од Преспа не се гаранција за влез во Европската Унија, а именката Македонија и придавките изведени од неа ќе бидат забранети и казниви ако се употребуваат спротивно на правилата и прописите. На ушите ли си седевте, бре Македонци? Кој дел не го разбравте добро? Особено вие што седумдесет години го лажете народот дека сте завршиле „високи чколи“ и се имате и себераздавате за учени. Што е нејасно, освен како што шеговито кажа другарот Нико Коѕија – во случај кога момче на девојка ѝ шепоти на уво дека е тоа што си мисли дека е, а не тоа што пишува во законот, затоа што не може на секој човек да се стави по еден полицаец! А ако се стави, по примерот како тоа во минатото било решено во северна Грција? За пријател прашувам?! М?! Ете им една добра идеја. И тоа е сѐ.
Оттука натаму секоја „борба за одбрана на името, јазикот и идентитетот“ е во колизија и во директен судир со законот секогаш кога некој ќе инсистира на јавна практика на именката Македонија и нејзините придавки, чија употреба и сега е строго определена. Формално и категорично уставно и законски е дефинирано како, кога и во врска со што се употребуваат, така што прифаќањето на таканаречените „бугарски барања“ не е ништо друго туку само проширување на опсегот на примена на тие закони и дефинирање на фактичката состојба дека освен кон јужниот сосед и неговата историја, традиција, култура и предметно и духовно сознание, тие од денес со устав и закон се однесуваат и на источниот.
И тоа е сѐ. Во таа смисла, оваа борба со Бугарија во многу нешта е задоцнета и залудна, па и доколку евентуално се добие, таа победа ќе биде Пирова. Што и да се случи во нашите односи со Бугарија, идентитетските рестрикции врз Македонците во земјата и во странство си остануваат во сила преку Преспанскиот договор, кој е дел од националното законодавство на Република Северна Македонија. Игнорирањето на овие факти води кон фрустрации, комплекси, нетрпеливости и постојано, секојдневно, немилосрдно производство на внатремакедонски конфликти и борби, кои треба да резултираат со внатрешен судир и распад на државата Република Северна Македонија. Со тоа по природен пат ќе се случи и исчезнување на Македонците како нација. Тиранската платформа, Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се синхронизирани и организирани дејства на соседните држави и нивните влади, а се насочени кон создавање постојани внатрешни, на почетокот политички конфликти, кои ќе прераснат во идеолошки, а со тоа и интеретнички, кога и ќе се претворат во процес на дефиниција на двете спротивставени страни според начинот на кој тоа беше направено во Турција, Грција и Бугарија во периодот од Договорот од Неи во 1923 година, па до денот кога беше потпишан Договорот од Преспа во 2018 година. Еден месец подоцна со официјална писмена нота, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, ја извести другата страна дека во Република Северна Македонија поимот македонска нација не се сфаќа во етничка смисла, туку само како граѓански поим. Има ли нешто неразбирливо во ова? Во принцип, мислам дека е доволно само да знаеш да читаш за да разбереш, јасно и недвосмислено, дека ти што во Република Северна Македонија во личната карта и во пасошот ќе добиеш на местото на националност испишано: „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“ во суштина не си етнички Македонец, туку тоа што убаво ти е објаснето и испишано по „косата црта“ дека ти си „граѓанин“. Толку е. Кој не го разбира ова, има проблем со читањето. Сѐ друго си е во ред со него!
Ете, за помалку од сто години работата е завршена. Сега знам некои ќе речат, па што сега, ние ќе се расправаме уште сто години ли со соседите? Уште ли ќе чекаме? Не знам за вас, драги мои, ама од приложеното е сосема јасно дека соседите баш нешто и не брзаат кон иднината на средба со историјата.
Најпосле, историјата е нешто што веќе се случило и нема никакво значење дали вие ќе побрзате или ќе подзабавите на „рандевуто“ со неа! Таа вас, драги мои, не ве чека и нема да биде во иднината каде што вие сте се упатиле. На сите што тргнале кон тој, сигурен сум, надежен пат кон иднината им посакувам сѐ најдобро и, секако, пишете. И аманте, другари и другарки и браќа и сестри, не грижете се, кога и да сакате да се вратите назад, повелете. Само, имајте на ум дека во моментот кога се упатувате напред кон иднината, нас нѐ оставате во минатото, па кога ќе тргнете да се враќате кон нас, ние веќе ќе бидеме историја од која вие сте се откажале, па ако евентуално стигнете назад на вашите родни места, нас нема да нѐ има. Ама, мора да ве разочарам, и вас ќе ве нема, затоа што откажувајќи се од нас, како дел од вас, сте се откажале и од самите себеси, затоа што просто е, а бре Македонци: твоето постоење е можно само ако се потврдиш дека си постоел како личност и со дела во историјата, и само во паметењето на оние по тебе, во времето што за тебе ќе биде идно, а за нив сегашно. Кој веќе заборавил за што станува збор, нека се врати на почетокот од ова писание. Нема ништо друго.
П.С. Ова писмо им го праќам на тие што веќе тргнале кон патот на иднината, кој секако води на север, по течението на реката Морава, па кон Дунав, каде што се наоѓа ветената среќна иднина денес наречена Европа. Е, таа Европа, драги мои, некогаш се нарекувала Хипербореја, или со современ македонски јазик кажано „многусеверназемја“. Синот на Филип Македонски, подоцна и крал на Македонија Александар Велики, не му верувал на својот учител Аристотел Страгиров дека вистинската смисла по патување за да се достигне духовна вредност е на исток кон Индија, па Александар, полн со себеси и со потреба да проверува дали нештата се такви какви што учителите кажуваат дека се, собрал војска и тргнал на поход на Север. Тоа е неговиот прв поход. И одел со месеци на север, на север, на север! И стигнал до Дунав, каде што природно е, нели, завршувал нашиот свет и почнувала северната земја Хипербореја! На тоа патување не се судрил со никого, не освоил ниту еден град и не се стекнал со ниту едно духовно спознание. Немало ништо. Го свртел Букефал и се вратил во Македонија. По неколку години тргнал на исток. Другото е историја.
Авторот е режисер и универзитетски професор