По распуштањето на Собранието и пред претстојните избори за негови нови пратеници, ред е за едно мало пишувачко интермецо, како понуден одмор од бурната, но сепак здодевна, еднолична, стопати репризирана македонска политичко-судска претстава. Ајде малку, од Талат Џафери, да се префрлиме на славниот Бред Пит, кој не заостанува зад артистичките способности што ги покажа македонскиот доскорашен „спикер“, титулиран на англиски. А од тазе оскаровецот Бред Пит да наклониме и кон Милена Дравиќ, притоа не заборавајќи ја обвинителката Вилма Русковска, новата телевизиска ѕвезда, која преку бројот и интересноста на нејзините појави на екраните може да ја загрози гледаноста на турските серии. Таа е женскиот цар на судската џунгла што треба да донесе правда во неправната држава, неправедно заведена под името Северна Македонија. Се разбира, ќе кажеме и некои непознати, или малку познати, пикантерии од светот на филмот, а неповрзани со „Медена земја“, филмската сторија што неколку месеци заслужено го имаше преплавено медиумскиот простор во земјава.
Сега ќе ја раскажеме приказната за темната страна на сонцето. „Темната страна на сонцето“ е наслов на филм во кој Бред Пит ја имаше својата прва улога. Кога пред неколку месеци почина славната српска актерка Милена Дравиќ, сите македонски медиуми и портали се изнапишаа дека во тој филм глумела со Бред, по што младиот убавец направил блескава кариера. Таа во филмот му била мајка, факт што медиумите, на еден или друг начин, го посочуваа асоцијативно, оддалеку сугерирајќи дека му била и некаква мајка во кариерата, што е сосема погрешно. Не треба да се докажува дека денес Бред Пит е ѕвезда високо на холивудското небо, а српската артистичка икона честопати знаела шеговито да рече дека ѝ е мило за големиот успех на нејзиниот „филмски син“. Читајќи ги, речиси од ред, сите информации за Дравиќ и филмот, може да се забележи дека никој и никаде ги нема споменато вмешаните македонски прсти, кои го имале и најголемото влијание во тој филмски проект.
Филмот „Темната страна на сонцето“ е сниман на Јадранско Море, во Котор и Дубровник во 1988 година, а во САД е прикажан десет години подоцна, нешто поради почнатата војна во Југославија, нешто од други комплицирани причини. Тој е американско-југословенска-канадска продукција, режисер е Божидар Николиќ, музиката од славните Воислав Костиќ („Ко то тамо пева“) и Корнелие Ковач. Во стоминутната сторија се раскажува како едно американско богато семејство доаѓа на јадранскиот брег за да го излечи синот од ретко кожно заболување. Како и во секој филм, во него има и љубовен заплет и убави панорами и разни филмски трикови. Бред Пит, во улогата на синот, речиси во целиот филм на себе има црна кожена облека, таква маска има и на неговата глава. Од стоте минути, лицето на тогаш релативно младиот Пит не може да се види ниту десет. Вака опишаното дејство би било најкратката содржина на филмот, кој, се разбира, завршува со хепиенд.
Елем, во погорниот пасус ги спомнав македонските прсти во филмот, ред е нив да ги отворам, да ги покажам. Тие прсти водат до името на Борис Ничов, Македонец во Чикаго, познат бизнисмен, општественик, донатор и признаен човек во македонската заедница и во дверите на Македонската православна црква во Америка и Канада. Ничов во шеесеттите години од минатиот век, уште како дете, со родителите заминал во САД. Негово родно место и појдовна точка кон пуста Америка е селото Подмочани, општина Ресен, околија Преспанска, село триесетина километри оддалечено од Нивици (по грчки Псарадес), местото каде што е потпишана Преспанската спогодба со Грција за промена на името. Исто крајбрежје поделено меѓу две држави, два народа и два различни политички системи.
Борис Ничов е главниот продуцент, финансиер на филмот од американска страна. Мотиви да се зафати со филм и филмаџии, освен бизнис-интерес, бил и тој што син му Константин сакал да биде глумец. Синот има улога во филмот, го има и на неговата шпица. А не се исклучува ниту носталгијата кон Југославија, па дури и кон Македонија, зашто лесно може од Дубровник да се тркне до Подмочани, ако се познава човекот. Тоа не е никакво растојание, ако веќе си го прелетал океанот, или ако си Американец за кого 400-500 километри пат не се некоја голема релација. А и бензинот таму е евтин. Значи, според некоја логика, Ничов може да се смета за прв (најверојатно и единствен) Македонец што продуцирал еден американски филм, на англиски јазик, од американско говорно подрачје, што би се рекло со оскаровски јазик. Еве тема за проучувачите на историјата на македонскиот филм.
Дотука, сѐ што е напишано се факти. Следува приказната навестена на почетокот, која најверојатно е вистинита, но не и докрај проверена. Приказната сум ја слушал во сама Преспа, во неколку наврати, од неколкумина. Имено, откако Бред Пит станал познат и славен, откако почнал да игра во блокбастери и од филмското платно се прочу неговата машка убавина, настојчиво сакал да го заборави своето филмско деби, својата прва филмска ролја, која не само што не му се допаѓала туку бил очајно разочаран, да не речеме се чувствувал посрамотено од неа. Од тие, не само суетни причини, барал од Ничов да не го дистрибуира филмот или да го уништи. И Ничов можеби имал таква желба, зашто филмот навистина бил лош и не донел очекуван профит, но како секој добар бизнисмен, сакал парите да си ги врати назад, а ако може нешто и да заработи, знаејќи ги сѐ повисоките хонорари на Пит. Паднал договор: Борис Ничов му ги продал на Пит продуцентските права, му ја предал сопственоста на филмот за износ во долари што бил неколкукратно поголем од оној вложен при снимањето. Оттогаш филмот е кај Пит, но Бред не го впишува во својата филмографија. Како да не постоел, како никогаш да не е сниман, иако може да се најде во некои зафрлени македонски киноархиви, можеби како куриозитет.
За Борис Ничов пишувале повеќемина македонски новинари, а најмногу Славе Николовски-Катин, кој во својата глава носи речиси десет тома македонска иселеничка енциклопедија. Ничов ја почитувал поговорката по која ништо не си направил во животот ако, на некој начин, со некој макар и најмал гест, не си му се оддолжил на родниот крај. Во родното село, во Подмочани, на врвот од ридот под Баба Планина, во 2000 година со негова донација е подигнат висок триесетметарски крст, во чест на Исус Христос, а подоцна заедно со неколкумина иселеници е донатор и на новата црква „Свети Петар и Павле“, околу која на празникот на светецот се собира речиси цела Преспа. Таму, на тоа свето место, во слога живеат Америка и Русија – црквата е изградена со долари, а ѕвоната на камбаната, што се слуша речиси низ цела езерска ширина, ечат по руски, руско производство. Не е познато дали стотиците илјади долари дадени како донации се дел од парите земени од Бред Пит, но и да не е вистина, таа досетка може да послужи како убава шега, низ која ќе се фали македонската итрина, наспроти американската слава.
Борис Ничов често доаѓа во Македонија, има голем број пријатели, поседува дел од она што остана од поранешното прекрасно летувалиште Отешево. Негов е мирниот, зелен, климатски ексклузивен автокамп викан „Стар логор“, кој го одржува неговиот ресенски партнер и пријател Симе Стојчевски. Таму налето може да се сретнат Борис и многумина македонски иселеници што се гратис-гости на домаќинот. Таму сум ја чул приказната што ви ја раскажав, за која не тврдам дека до точка и запирка е точна, но не е невистинита.