(Посветена на Европа)
Драг читателу, многупати сум рекол. Велам и сега. Најстрашното нешто што им се има случено на Македонците, тоа е нивната идентитетска ликвидација во Преспа во јуни 2018 и затоа, ме сфаќаш, тоа е примарната тема на моите колумни. Нема за нас друга подраматична и поболна тема од неа. Веќе по насловот знаеш за што се работи. Оваа колумна доаѓа како еден вид финале на претходната во пет продолженија: „Северна: проект на европскиот фашизам“. Затоа ѝ е посветена, имено, на Европа. Тоа е подолга песна-поема од книгата што ја завршувам „Погреб во Преспа“. Но да не должиме. Цртичките се граница меѓу еден и друг стих. Почнуваме: Преспанска гилотина:
Да не ʼрѓосува напразно во европскиот музеј на демократијата и хуманизмот во Брисел и да не се досадува по Бастилја без работа во цивилизацијата на просветителството, европската господа за да ја извлечат гилотината од тешката меланхолија сега решија да ја донесат во божествената Преспа. Тука имаше за неа голема и златна работа, оти требаше да ги засука со крв ракавите и да почне со ликвидација на столченото македонско племе. Целосно. Докрај. За таа цели, разбирливо, со неа допатуваа и надалеку познатите западни мајстори на смртта, како што ги именуваше нив и Пол Целан. И кога стигнаа тука, божем како Господ, изморени од создавањето на светот, седнаа крснозе да се одморат од патот под златните гранки, како во Едем, на преспанските јаболкници, ама без товарот на страшниот грев на Адам и на Ева врз нив. Седнаа темните бриселски гости да се одморат од својот Opus mundi на злосторството ама и да се договорат со смртоносната госпоѓа како ќе треба да изгледа оваа сатурналија. А тука беше заедно со нив лично и месје Гилотен, изумителот на просветителската направа на смртта што ѝ ја отсече главата на монархијата и ја внесе новата епоха во Париз. Така. И беше детално, под микроскоп подготвена западно рационалистички темната свеченост за настапот на господата Гилотина од Брисел.
Првин за да се восфали западната страст за смрт, европскиот парламентарен и собраниски оркестар ја отсвири „Ода на радоста“ на германскиот гениј, кој, слушајќи ја, неколкупати се преврте во гробот. И би отворена таа, и веднаш по неа беше главната точка на претставата на мајсторите на смртта, месје Гилотен и неговиот смртоносен изум. И почнаа да паѓаат златните крошни на преспанските овоштарници. Отпосле се виде и стана јасно дека се тоа главите-дијаманти на столченото племе осудено на смрт. И сечеше, сечеше госпоѓата Гилотина, излезена од француските салони на демократијата, како тогаш на Бастилја, од каде што вмаршира во Париз со реки крв до готските вршки на катедралите, веејќи го знамето на просветителството; „Слобода, братство, еднаквост“ малку заматена лозинка, не децидна како онаа на македонските комити: „Слобода или смрт“. И сечеше, сечеше госпоѓата Гилотина, и би таа сеча навистина страшна и ефикасна. До пладне беше кутната целата златна корија од свети дабје и липи. До пладне, кога стрелките на часовникот од градската кула ги поклопија мртовечки под себе просторот и времето, и некој црн ветер запеа за миг низ голото стрниште во срцето на човекот. И лежеше поснопица златната корија на племето безброј пати сечено од 1913-та наваму од Европа.
Во шурки крв капеше потемнета летната светлина, и беа задоволни мајсторите на смртта. Видоа дека нивниот демократски изум не фатил ʼрѓа, госпоѓата Гилотина, централната фигура на европскиот хуманизам. Сфатија дека само досадата ја мачела неа во Брисел и повторно блескаво функционира, откако излезе од депресија во Преспа, како на свадба а не на колеж да е, и откако повторно, како тогаш на Бастилја, ги спотна својот темен ерос и страст за смрт. Откако, конечно, ја разгрна својата космичка вагина, црна дупка, сингуларитет што смука цели соѕвездија наеднаш и што го голтна во Преспа и најубавото европско созвездие Македонија. И беа восхитени од таа црна дупка и нејзиниот енергетски потенцијал мајсторите темни од Брисел и месје Гилотен, кој на самото место, како Тесла да е, замисли цел куп од нови делови за доусовршување на госпоѓата Гилотина и зголемување на нејзината работоспособност. И сѐ беше во идеален ред, оти беше и предвреме завршена епохалната работа во Преспа, ама пак ги голтна тешка меланхолија европската госпоѓа и мајсторите на смртта, меѓу кои имаше некои дојдени и од зад океанот од Вашингтон. Причина, пак, за таа меланхолија, за која беше консултиран и Фројд, беше инсуфициенцијата на либидото на таа европска дама, чиј темен ерос, незаситен за смрт, не е доволно нахранет: оти беше премало племето во Преспа за да го задоволи нејзиниот лаком апетит за смрт.
И тука, фројдист, пристапи на помош еден од западните иноватори на демократијата, кој предложи уште еднаш да се заколат веќе закланите, за да се извлече од депресија госпоѓата Гилотина, а и сите тие дојдени од Запад на север право во смртта, несвесни за тоа. Потоа тој нагласи и дека е тоа добро проверен историски метод, посебно и на столченото македонско племе за да се осигурат ликвидаторите дека е целосно уништено тоа и дека никогаш нема да се обнови. Така. Арно ама некој друг рече дека тоа, сепак, може да го наруши хуманистичкиот имиџ на Европа, и беше послушан неговиот рационалистички резон во стилот на Декарт: „Мислам, значи постојам.“ Да. Ама сепак господата од Брисел и Вашингтон сфатија дека во тој резон има пукнатина, оти им светна дека сепак не е докрај завршена работата, дека всушност не е ликвидирано и Името, архијерејот на целокупната меморија, за нив мôра, на ова непрокопсано племе. Ама притоа еден поискусен мајстор на масонската европска ложа изложи помикроскопски план за апсолутна смрт на таа меморија. Предложи првин да се доведат под смртоносното сечило сите знаци и симболи што се вртат како ѕвездени галаксии околу сончевата оска на Името на столченото племе, сите до еден свети, оти не постои ништо што не е свето кај него. Но темните европски гости не ги интересира тоа. И првин се почна од црквите, чиј број тука го знаеше само Питагора, и не се фаќаше на западниот бројченик за профит. Ги симнаа во нив од иконите и фреските, сосе позлатата и нимбусот околу темето, топтан светците и ангелите, за на крајот, безбожни, сосе малтерот да го симнат од централното кубе горе и Седржителот. И по тој варварски грабеж, безбожниците ги оставија храмовите Господови со голи ѕидови само, како да се префрлиле од православие во протестантство, пред тоа до врвот полни со златото на меморијата. Така.
И паднаа на купишта пресечените глави на светците и ангелите. Дури потоа, откако мислеа дека секој знак и симбол што е белег на колективната душа на столченото племе е уништен, црните гости го доведоа триумфално и Името на сцената на губилиштето во Преспа, со кое беше обновена сликата на римскиот гладијаторски колосеум на Нерон и на Калигула. И светеше страшно кога го искачуваа како Исус на Голгота, Името на преспанската сцена на смртта. Неговата светлина беше слична на онаа што изби од лицето на Јахве, од која безмалку не ослепе Мојсеј кога се сретна со неа на Синај. И го скрија пред неа кукавичкото лице европските гласници на мракот, ама и така не им пречеше да го спуштат прецизно сечилото на гилотината врз вратот на жртвата, иако мораа неколкупати да го повторат тоа, за да ја докусурат неа.
Летна најпосле златната глава на Името, и неволно тоа темните гости од Брисел ги потсети на главата на Робеспјер заклан на Бастилја. Летна, ама глеј чудо, на нивен ужас, сега уште посилно светеше. Плус, наеднаш и запеа некои исконски, свадбарски песни, неразбирливи за нив, апстракција како клинестото асировавилонско писмо. И само се грчеа преплашени ликвидаторите од фактот дека и со пресечено грло главата на Името пее, а и од страшната убавина на тие песни, од Откровението што беше едно цело новозаветно евангелие. На крајот, откако се созедоа од шокот, гневни, темните европски дојденци решија да не му ги укажат основните погребни почести на Името како што е ред и чест и ја фрлија неговата глава во најдлабоката кал на цивилизацијата што смрди на бордел, помија и распаѓање. Ама и таму таа светеше како дијамант, кој ја минал низ столетија долгата ноќ на јагленот пред да стигне пред олтарот и да се вглоби во прстенот на младоженците на сега закланото во Преспа племе. Пееше и светеше, Аладинова ламба во светската ноќ. Онака како што светеше во неа и крвта на витлеемските деца заклани од Ирод, и главата на Јован Крстител фрлена како и Името сега во Преспа во сребрената чинија на европската Саломе дојдена од Брисел.
Така. Ама ужас ги фати темните европски гости курдисани под златната сенка на преспанските овоштарници, кога во чинијата на перверзната танчарка што танцуваше во дервишка екстаза, наместо на Името, ја видоа сопствената глава мртовечки бледа, од која се повлекол целосно огнот без да ѝ вети на пепелта дека ќе се врати. Да, ама и покрај сето тоа, мајсторите на смртта сѐ уште не си одат од Преспа и сѐ уште стои како монумент на либералната епоха мрачниот изум на месје Гилотен, напрчен и тука просветителски, ама без благослов на Волтер, Дидро и Декарт. И беа собрани на куп под тој мрачен монумент на смртта европските роднини на Маркиз де Сад. Дури по некое време се охрабрија, соземени по страшниот преспански колеж, и тие да запеат оти требаше да го прослават тој темен сведен на цивилизацијата. Запеаја некои подземни песни/полни со ноќ без месечина и ѕвезди, а со нив барабар пееше и смртта донесена од нив во Преспа, оти решиле да го чекаат макар и цело столетие да се роди новиот пород тука, зачнат во бакнежот на преживеаните македонски љубовници, кои ѝ побегнале на преспанската катастрофа. Толку многу се трпеливи кога станува збор за злосторство тие. Подготвени се, алчни за смрт, да ги отворат дури и гробовите на столченото племе, да ги извлечат за гуша предците и прапредците од нив и повторно да ја вработат госпоѓата гилотина.
Подготвени се, ама не можат да го сторат тоа, оти самиот Господ ги заклучил нив, и само заспаните таму, оти не се обични мртовци тоа, го држат во дланка магичниот клуч. Никој друг. Клучот на воскресението во облик на ангелско крило е тоа и тие, будни во смртта, само го чекаат звукот воскресенски на ангелските труби да излезат од гробовите како сватови со венчална ружа на реверот и да се упатат на Новата свадба на закланото во Преспа племе, додека сега Европа по Божја волја умира со неговата смрт, ама без искрата воскресенска на светиот во неа, оти се безбожни и не ја заслужуваат неа тие.“
Верувам дека и ти се сложуваш со овој заклучок, драг читателу. Те поздравувам до следната наша средба.