Како до вистинско помирување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ? Преспанскиот договор, наместо да биде платформа за трајно помирување и градење доверба помеѓу два народа со долга, мачна и крвава историја, за жал, уште со самото негово склучување стана нов спорен меѓник, извориште на судири и темен облак за македонско-грчките односи, преполн со бурни дождови што во секој момент се закануваат да се излеат.
Насилното, наметнатото и лошото решение е само една заразена и отворена гнојна рана што произведува ново гангренозно ткиво, кое небаре го немаме доволно во нашата заедничка балканска историја. „Конечната спогодба за решавање на разликите“ станува вруток од кој се излеваат нови проблеми. До таа ситуација дојдовме затоа што преговорите не ги водеа разумни луѓе и патриоти, со длабоко познавање на сопствената историја, туку уценети и корумпирани политиканти што бараа начин за амнестија на сопствените криминали. Суштината на македонско-грчкиот спор произлегува од спротивставените наративи при изградбата на македонската и на грчката нација, на самиот залез на Отоманската Империја, а судирот кулминира со „македонската борба“ во егејскиот дел на Македонија и посебно со Грчката граѓанска војна. Секое меѓусебно помирување треба да појде од заемно признавање на овие длабоки историски разлики и извинување кон жртвите од двете страни, па потоа може да се појде во изградба на заедничка иднина. А тоа подразбира отворен, искрен и суров машки муабет… или женски муабет, сеедно.
Но очигледно е дека на актуелната владејачка врхушка не ѝ доаѓа паметот. Наместо да му се извини на македонскиот народ и да го поведе самата процесот за поништување на Преспанскиот договор, актуелната влада подготвува нов и уште далеку подлабок чин на предавство. Со „Конечната спогодба за надминување на разликите“ ја избришаа Македонија од картата на светот и признаа дека Македонија е грчка, а дека „Северна…“ е нешто друго, па потоа го избришаа и сето македонско од Македонија, односно од сите институции што од 1944 година беа македонски институции. Сега следува еден уште почудовиштен акт, односно да ја бришат сета посебност на македонскиот народ и сите негови културни белези. Тоа треба да дојде спакувано во обланда наречена „еден плус пет“ и во преговарачката рамка од Европската Унија.
Иако никој јавно не кажува што е тоа „еден плус пет“, сепак, благодарение на почитта на преговарачот Владо Бучковски кон бугарската јавност конечно добивме некаков увид во содржината на новиот документ. Според него, разговарале „за пет теми, а шестата ја додаде претседателот Радев, за тоа дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија кога го користи името Cеверна…“. Веќе тука влеговме во „зајачката дупка“, како Алиса во земјата на чудата, но допрва започнуваат налудничавостите и недугавостите. Па така, втора точка би била дека „Македонија нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија“. Трето биле дека „заедно ќе бараме мерки за да се победи говорот на омраза и тука има повеќе точки“. Потоа, четврто е „декларацијата усвоена од македонскиот парламент во 2006 година за рехабилитација на македонските граѓани што имаат бугарски идентитет (?!?)“. А, пак, петто, и што било „многу важно, но не и најважно“ е почесто да се среќавала заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања. Во списокот недостига делот на „плус еден“, но за тоа малку подоцна.
Ајде, да тргнеме со ред… Навидум јас не би имал никаков проблем со „еден плус пет“, но само доколку се следат законите на математиката, па од другата страна на равенството имаме „пет плус еден“. РЕЦИПРОЦИТЕТ!
Прво, би било добро Бугарија да се откаже од територијалните претензии кон Македонија. Самиот бугарски наратив за бугарскиот карактер на македонскиот народ, за постоењето на две бугарски држави на Балканот и за бугарските национални малцинство во Албанија и во Косово е јасно укажување дека Бугарија има територијални претензии кон Македонија. Не само тоа туку Бугарија го слави 3 март како национален ден, Денот на основањето на санстефанска Бугарија, без притоа да се откаже од територијалните претензии содржани во овој големодржавен проект. Германија се откажа од првите две строфи од некогашниот текст на нивната национална химна, токму поради лошите асоцијации што ги предизвикуваат посочените стихови, па ништо не ја чини Бугарија да се дообјасни дали го слави чинот на создавањето на современата бугарска држава или сè уште го тера проектот за Софија како пиемонт на разделениот бугарски народ.
Второ, Бугарија треба да престане да се меша во внатрешните работи на македонската држава. Како поинаку да се нарече, освен како мешање во внатрешните работи, поривот за промена на македонските учебници по историја, претворањето на бракоразводните парници во меѓудржавен проблем и оспорувањето на македонскиот јазик. Трето, ќе престане ли говорот на омраза за Македонците во бугарските медиуми? И тоа најодвратен, вулгарен и приземен говор на омраза. Дали некој ги погледнал скечевите на Слави Трифунов за Македонците? Дали некој прочитал кој е вообичаениот наратив за нас, Македонците, низ најугледните бугарски медиуми? За каков „говор на омраза“ зборува Софија кога таму е нормализирано Македонците да бидат обесчовечувани, понижувани и навредувани, да се спорат нашиот идентитет, култура, јазик, историја и држава? Четврто, Македонија донесе Декларација за извинување кон жртвите на црвениот терор од 1945 до 1990 година. Тука државата Македонија им се извини и на македонските демократи, и на македонските патриоти, и на граѓаните од тогашните народности што биле предмет на репресија, и на сталинистите од 1948 година, и на „технократите“ од 1970-тите, но и на тие што имале бугарско самочувство. Дали некогаш Бугарија има се извини на своите граѓани со македонско самочувство што биле прогонувани од комунистичкиот режим, посебно во годините на Тодор Живков, започнувајќи од „горјаните“, па сè до основачите на ОМО „Илинден – Пирин“? Ете, Македонија смогна сили да им се извини на сите жртви на комунизмот, но зошто Бугарија не го стори тоа сега, триесет и кусур години по демократската преобразба, и тоа макар симболично, со декларација на нивното Народно собрание. Петто, може ли заедничката „експертска“ комисија да се претвори во тело што ќе бара точки за помирување помеѓу двата народа, а не инструмент за дисциплинирање на македонските членови на комисијата и за бугаризација на македонските историски учебници?
И слично како и со Грција…, Бугарија треба да се соочи со своето минато, наместо да бега од сопствените грешки со тоа што ќе настојува да го избрише македонскиот народ. Да, тешко е да се признае дека сопствената држава учествувала во етноцид, убиства, колежи и други злосторства, но токму признанието и барањето прошка ослободуваат. Бојко Борисов дојде во Скопје и се обиде да им се извини на потомците на настраданите од холокаустот, спроведен во Македонија од бугарските војски, но изостанува извинувањето кон македонскиот народ за сите други злосторства извршени во име на бугарската држава и за време на Првата, но посебно за време на Втората светска војна, како и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот народ и на неговиот јазик. Тоа треба да биде улогата на заедничката комисија, а потоа лесно ќе се договориме за светите солунски браќа и за цар Самуил.
Ете, ако направиме равенство дека „еден плус пет“ е еднакво со „пет плус еден“, тогаш може да се најдеме на врвицата на помирување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. За жал, нешто друго се подготвува во владините кујни и тоа ќе биде влез во нов и бескраен кошмар. Прекинете ги разговорите со Бугарија пред да биде предоцна!