Ова е кадифената револуција на комунизмот во демократското општество на транзициските држави од која се плашеше Западот. Ако некој имаше дилема, сега може да се увери дека никогаш не излеговме од шинелот на Титовата Југославија. Симболите и карактерите вградени во урбаниот простор треба да ја легитимираат и институционализираат повампирената идеологија на „социјализмот со човечки лик“. Оној нивниот, токсичен и дегенеративен
Во демократска држава, граѓаните имаат право да паметат, вклучувајќи го и правото на оддавање почит на личности и настани од историјата, но тие не се обврзани да ја почитуваат должноста да запомнат нешто наметнато од државата. Граѓаните не може да ги чествуваат нештата против нивната волја. Промената на имињата на улиците претставува важен дел од процесот на создавање нови јавни иконографски предели во хармонија со вредностите на општеството, за менување или возобновување на контурите на националниот идентитет и националното минато. Програмата на градоначалникот на Скопје за преименување на улиците е моќен симболичен упад во животот на локалните заедници преку враќањето на имињата на улици што се однесуваат на лица, организации, настани или датуми што го симболизираат репресивниот, авторитарен и несуверен режим во Македонија до нејзината независност. Тоа е очаен обид на власта на локално ниво да се регулираат историските настани преку закон и обид да се реконфигурира колективната меморија на еден народ во светлото на променетото име на државата и нејзината историја. Фигуративно кажано, имињата на улиците се сведоци и огледала на локалната историја на секој конкретен град, исто како што тие одразуваат и сведочат за националната историја. Кои се контурите на ново-стариот национален идентитет што го заговара градоначалникот на Скопје? Дали ова ќе предизвикува дополнителна напнатост во веќе поделеното македонско општество?
Како ритуал на една квазиреволуција, преименувањето на улиците е добро испробан и ефикасен начин за воведување и ширење на новата овластена верзија на историјата што новата рурална политичка елита се обидува да ја спроведе во обичен амбиент на секојдневниот живот на „обичните“ луѓе, со главна намера за создавање нова колективна меморија.
Урбаната топонимија и процесот на нејзино преименување одразуваат одредени потреби на ваквата елита и нивната способност за манипулација со симболите на заедничкото културно и историско наследство. Истовремено, последователното преобликување на националната политичка географија на градот дополнително е аспект на неговото ново мултикултурно обединување. Кога сте без визија за зачувување на македонскиот идентитет преку посебно разбирање на историјата на нацијата, безобразно и безобѕирно наметнувате партизиран обид за избор на нови улични покровители. Затоа, промената на името на улиците не може да се смета за „перформативна“ претстава без суштина. Перформативната концепција на симболичкиот капитал на промената на имињата на улиците во Скопје може да помогне во нашето разбирање за процесите на именување во оспорените од власта меморијални пејзажи на Македонија. Менувањето на имињата на улиците го доловува политичкиот момент на сѐ што се случува со Македонија на конкретен начин.
Предложената листа променети имиња на улиците во Скопје може да се „читаат“ и како огледало на идеолошките промени со оваа власт, менувањето на конструкциите на националниот идентитет и макрополитичката ориентација на Македонија. Промената во урбаната топонимија на постсоцијалистичкото Скопје, наместо да обезбеди будење на националната свест кај граѓаните, обликување на нивните национални и регионални идентитети и да го одразува револуционерното национално минато на сопствената држава, го зацврстува и одржува во живот споменот на социјализмот, со несакани идеолошки конотации. Вежбите за именување улици се препознаени како одржлива стратегија за овековечување на претпочитаните идеологии на оваа власт во изграденото опкружување. Реконфигурацијата или преструктурирањето на просторот и историјата на Скопје, наместо да претставуваат витален и интегрален елемент на неговата посткомунистичка трансформација, значат идеолошко повампирување на репресивното минато.
Градоначалникот на Скопје одредува ново-стари верзии на историјата и нови дисторзирани погледи на светот, нагласува лица, настани и историски факти што може да бидат корисни за неговото владеење, обидувајќи се да ги избришат од меморијата на населението оние другите, идентитетски. Кој да се грижи за ризикот дека ваквиот проект ќе придонесе за политичка хомогенизација на антиплуралистички, па дури и антидемократски амбиции насочени кон ограничување на политичката конкуренција и наметнување нов дегенеративен идентитет над другите, затворајќи го прозорецот на можностите да се исправат некои историски неправди. Отсекогаш знаев дека „нивната“ и мојата Македонија не се исти. Моето и нивното Скопје никогаш не биле исти. И никогаш нема да бидат. Затоа не дозволија „нивната“ поствоена Македонија да биде разголена и историски евалуирана. Зашто „нивната“ Македонија и нивното Скопје беа злото посеано меѓу македонскиот народ, на кое сега повторно ќе ме потсетуваат имињата на улиците во главниот град. Ова е кадифената револуција на комунизмот во демократското општество на транзициските држави од која се плашеше Западот. Ако некој имаше дилема, сега може да се увери дека никогаш не излеговме од шинелот на Титовата Југославија.
Симболите и карактерите вградени во урбаниот простор треба да ја легитимираат и институционализираат повампирената идеологија на „социјализмот со човечки лик“. Оној нивниот, токсичен и дегенеративен. Затоа верба во поранешни комунисти, без оглед дали се трансформирани или мутирани, не може и не смее да се има. Треба да сте наивни да верувате дека се способни и искрени да бидат носители на демократски реформи. Можеби на вакви со преименување на улиците и воскреснувањето на тоталитарното минато на Македонија како ново-стара култура на градот.