Во нашата земја се навршува една година од појавата на пандемијата и од првите жртви. Досега кај нас се евидентирани околу 100.100 заболени, над 93.000 излекувани, активни случаи има 7.000, а бројот на починати околу 3.100. Поради тоа не случајно пандемијата останува во фокусот како мошне актуелен проблем. Вакцинацијата против ковид-19 на здравствените работници започна благодарејќи на помошта од северниот сосед, а масовното вакцинирање на највозрасните, на пензионерите и старите лица, ќе почне по добивањето на кинеските и руските вакцини. Меѓутоа за да се стекне целосен имунитет од оваа опасна епидемија е потребно да се вакцинираат над 60 отсто од населението. Разбирливо тоа ќе овозможи не само извесна нормализација на животот туку и непосредна помош за побрзо рестартирање на економијата.
Борбата против епидемијата и натаму продолжува, последиците од предизвиканата економска криза се загрижувачки, бројот на сиромашните и на најзагрозените лица значително се зголемува. Како последица од пандемијата околу 20.000 вработени останаа на улица, нови вработувања нема и бројот на невработените од околу 200.000 во вакви услови добива загрижувачки димензии. Значајно е што и натаму добри резултати во работата покажуваат компании од информатичката и фармацевтската индустрија, додека најпогодени се од туризмот, угостителството, текстилниот сектор и малиот бизнис. Поради сето тоа пандемијата и кај нас останува во незаборавот.
Во тој контекст, од повеќе причини, сметам дека е време денот на регистрирани први жртви од коронавирусот во нашата земја или денот кога имаше најголем број починати, да се одржат пригодни одбележувања со давање минута молчење и други пригодни активности. Тоа особено достоинствено треба да се одбележи во Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Тетово, Штип, Струмица, Охрид, Велес, Кавадарци и други градови каде што се евидентирани поголем број починати од оваа епидемија. Во главниот град каде што има најмногу починати од коронавирусот, повеќе и од загинатите во скопскиот земјотрес во 1963 година, потребно е не само знамињата пред македонската влада да се спуштат на половина туку да се организира и заедничко полагање цвеќе. Истовремено, Владата треба да донесе и одлука одредениот ден да се одбележува секоја година. И не само тоа. Би било добро со посебна уредба да се обезбедат средства за да им се покријат трошоците за лекување на над сто илјади заболени, а на семејствата на сите починати и за надомест за погребнина. Евидентно е дека за лекување од коронавирусот е потребна една просечна плата. За размислување е на сите полнолетни лица, поради зголемени трошоци предизвикани од пандемијата, да им се додели еднократна помош, како што е случај во повеќе држави. За сите овие намени, средства можат да се обезбедат од посебните фондови на Европската Унија и од државниот буџет, во кој има и забележителни средства уплатени од граѓани како казни за неносење заштитни средства, за недозволено групирање и слично.
Познато е дека помошта на Европската Унија за заздравување од пандемијата за Западен Балкан годинава изнесува 3,3 милијарди евра, од кои 38 милиони евра директна помош на здравствениот сектор за премостување на здравствената криза и за набавка на медицинска опрема и 374 милиони за помош на најпогодените сектори, за поддршка на фирмите во приватниот и во јавниот сектор за нивно заздравување, како и за повластени кредити, за макрофинансиска помош и друго. За овие намени, Македонија ќе добие 67 милиони евра, од кои 4 милиони за набавка на медицинска опрема. Во такви услови големо интересирање владее за петтиот пакет мерки на Владата за поддршка на стопанството и граѓаните. За ова се планирани 160 милиони евра. Се предлага директна помош за надминување на очигледната криза во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот и индустријата за организирање настани. Планирани се бесплатни кредити за задржување на бројот на работниците и за поттикнување на развојот на компаниите. Како мерка за помош на стопанството се предлага и намалување или ослободување на некои царински давачки. Директно за граѓаните погодени од пандемијата овој пат се планира само отпишување камати за поранешни долгови во јавните претпријатија, што ќе се прецизира во наредните неколку месеци. Меѓутоа, евидентен проблем е што и дел од претходниот четврти пакет мерки не се целосно реализирани. Меѓу другото и над 20.000 граѓани од најзагрозена категорија не ја примија ветената помош од по 6.000 денари.
Секако добро е што и во корона-кризата продолжи редовната исплата на пензиите. Пензионерите се масовна популација што е меѓу најпогодените од пандемијата.
За поголем број од нив пензиските примања се недоволни да ги покријат животните трошоци. Според сегашните законски одредби, усогласувањето на пензиите и нивното покачување зависат од растот на бруто-домашниот производ од четири отсто, или од растот на минималната плата од 15 отсто и од растот на просечната плата од пет отсто. Оптимистичка прогноза на Светската банка за Македонија е раст на БДП од само 3,6 проценти во 2021 година и 3,5 отсто за 2022 година. За годинава не е планиран раст на минималната и просечната плата. Според тоа, може да се оствари само усогласувањето со растот на трошоците на живот. Од аналитичка гледна точка, тоа ќе значи дека во јули може да се очекува минимално усогласување на пензиите слично на 2019 година кога беше остварено историско најниско зголемување. Неминовна е потребата да се врати поранешниот начин на усогласување на пензиите во согласност со трошоците на животот и покачувањето на платите. Се знае дека животните трошоци во нашата држава се речиси исти како во другите земји од регионот, а македонските плати се најниски. Во Македонија просечната плата изнесува 454 евра, во Босна и Херцеговина 490, во Србија 512, во Црна Гора 525, во Хрватска 890, а во Словенија 1.181 евро.
Од социјална гледна точка, во нашата земја треба да се наоѓаат нови зафати за намалување на сиромаштијата, потребни се реформи во здравството, со воведување бесплатно лекување, но и поголема помош за лицата со инвалидитет и попреченост, за осамени и изнемоштени, за значително зголемениот број на бездомници и слично. Во време на очигледни внатрешнополитички превирања е потребно да се најдат заеднички можности за подобрување на сите аспекти во секојдневниот живот, за достоинствена иднина на сите жители, а со тоа и на нашата земја.
(Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба)