Во една книга Џон Галбрајт се занимава со анатомијата на моќта и во една секуларна смисла, зборува за правилото на тројност на моќта – за изнудувачка, надоместувачка и условена моќ.
Целта на сите три е да изнудат некаква покорност. Во тоа, најнепосредна е секако изнудувачката моќ, во чии раце стои буквално или симболично – камшикот, додека надоместувачката моќ го менува камшикот со награда.
Условената моќ се разликува од претходните во фактот што покорениот не е ни свесен за својата покорност. Напротив, покорувањето го изедначува со доблест или со доблесна цел: покорувањето станува врвна желба на оние што се покоруваат, забележува маркантниот економист со „патики на филозоф“. Но токму (затоа) таа моќ е клучна во модерното општество и капиталистичката дистрибуција на ресурсите и моќта.
Капитализмот немаше да биде она што е денес, ако во својата зрелост не се потпираше на условената моќ: по „младешкото“ густирање на другите моќи, а особено на изнудувачката моќ (иако со повремени навраќања кон навиките од младоста), во својот развој зачестено произведува и приспособува економски идеи во прилог на покорноста што ѝ служи на моќта (некогаш на трговците, потоа на индустријалците, а денес на моќните корпорации). Токму таа дарвинска приспособливост ќе исфрли на површина чудовишни судови како оној дека „работникот е самиот градител на својата сопствена беда“ (Рикардо), а сиромаштијата (како денес ковидот) „придонесувала“ за евтаназија на најранливите слоеви во едно општество.
На ова се надоврзува и „светоста“ на пазарот како „потписник“ на индулгенции за „гревовите“ на моќните верници во пазарот. „Ништо не е толку корисно за одбраната на денешната корпорација како тврдењето дека нејзината моќ не постои – дека сета моќ му е предадена на безличното дејство на пазарот, а дека сите одлуки се реакција на пазарните показатели“, пишува Галбрајт.
Читајќи ја неговата анатомија, којзнае зошто, се сетив на старите добри сметки за потрошена електрична енергија каде што постоеше посебно издвоена ставка за ангажирана моќност – потсетување дека на располагање на потрошувачот е мрежата што му овозможува да троши електрична енергија во секое време и во согласност со потребите.
Сè што треба е да посака (и задолжително да го притисне прекинувачот), со императивот на волјата: „Нека биде светлина“! И ќе бидне светлина, како во Битието, овој пат во кујната или во тоалетот.
Оваа „делегирана“ моќ до потрошувачот чини (барем во библиска смисла) – симболично (меѓу другото, бројот 33 се поврзува и со годините на Исус кога е распнат). Но триесет и три отсто надомест за потрошена струја, придонесува повеќе од симболично на трошковното „распетие“.
И тука/така завршува илузијата за божествената „моќ“, а започнува алузијата за потрошувачката немоќ на граѓанинот.
Веќе со години таа (ангажирана моќност) е засметана во анатомијата на испорачаната сметка до крајниот корисник, иако не се гледа со голо око. Но затоа се чувствува на кожата на потрошувачот, особено ако е соголена. На неа, вистинската економска моќност ниту се гледа, ниту се чувствува. Но затоа, силно почувствувана и јасно видлива е економската немоќ, а најмногу во очите (не во џебот, како што обично се мисли – џебовите одамна ја изгубија својата традиционална улога на магацини за мали богатства, освен можеби кај децата).
Но во оваа колумна нема да пишувам за покачената цена на струјата, ниту за уверувањата дека поскапувањето ќе помине со лесна клиничка слика, речиси асимптоматски, само за да ја гарантира ангажираната моќност, во име на светлината за крајниот корисник.
Не „чепкам“ во струјата, иако ми е познато што означуваат боите на жичките, но не ги познавам рацете што ги врзувале нив, ниту пак како ги врзале. Ниту можам да претпоставам дали некој „ѓавол“ вплеткал рака во струјниот јазол – ѓаволот на незнаењето или ѓаволот на брзањето, сеедно. Не се разбирам во тие сили, но ме плашат нивните трговии, особено по неколку осведочени врз македонското ткиво.
Знам дека и од иста жица течат и светлината и темнината, а ова е уште една војна помеѓу нив, во најбуквална смисла на зборот и без скриени метафори.
Пазарно, тоа значи дека со новата цена, за истите пари ќе може да се купи помалку светлина. Или што е исто (но економски попривлечно) – темнината станува поевтина: за истите пари ќе може да се купи повеќе темнина одошто порано. Велам попривлечна (повторно буквално), зашто очигледно светот натаму влече, во бунар од темнина…
Но како што веќе напоменав – не пишувам за цената на струјата, иако е легитимно прашањето за профитите на големите во време кога една четвртина од општествената пирамида (големиот број од „малите“) е во живиот песок на сиромаштијата (и без короната). Но ме интересира загубата на енергија и расположливата моќност надвор од бакарните спроводници – во жилите и гласните жици.
Ме интересира и она што ги доведува луѓето во сенката на ангажираната моќ (и моќници), она што Макс Вебер го именува како патријархален однос помеѓу владетелот и владеаните, зашто таму каде што има концентрација на моќ, постои и дифузија на моќта, а уште повеќе илузија меѓу припадниците на една моќна организација (корпорација или партија): дека и тие имаат и користат моќ, односно дека на располагање имаат некаква „ангажирана моќност“.
И како што во старите корпорации постоела покорност спрема сопственикот, во денешните покорноста е насочена кон една поширока бирократија, каде што „шефот е застапник на оние што го назначуваат; моќта што се претпоставува дека тој ја има е, барем делумно, добиена од оние што, чувствителни на неговата суета, му припишуваат власт, која, кога би била реална, би била катастрофална“ (Галбрајт).
Оваа илузија се раѓа од снисходливоста на потчинетите кон оние над нив во хиерархијата, каде што покорноста е мера на процената за сопствената моќ, а големата концентрација на моќ и големата дифузија на моќ водат кон уште пораспространета илузија за моќ!
…
Изнудувачката, надоместувачката и условената моќ се испреплетени во Гордиев јазол, како во раната младост на либералниот капитализам. Нивната симбиоза е разорувачка. Фазата е помножена со нула, а заземјувањето е прекинато.
Сметката е на масата. Внатре е сета загубена енергија на жилите и немоќ на гласните жици.