Поимот на политичка некрофилија, изведен од менталното растројство (или дури и практика, позната во некои стари цивилизации) поврзано со желба за сексуално задоволување или општење со тела на починати, има повеќе значења во научниот или јавниот дискурс. Всушност, едно од сфаќањата нема ни еротска заднина, туку се поврзува со старогрчкиот збор за блискост/поврзаност/склоност. Тоа е главно поврзано со глорификација на починати политички лидери, од кои актуелните елити црпат легитимитет. На пример, мавзолеите со балсамираните тела на Владимир Илич Ленин или Ѓорѓи Димитров, пренесување на мошти на великодостојници или владетели од други времиња, но и култот на личноста во најразлични други варијанти, се примери за тоа дека политиката не стои далеку од Смртта (Танатос). Ако во социјализмот имаше такви примери, ни постсоцијализмот не остана покус, особено кога новонастанатите држави се свртеа кон претсоцијалистичкото минато. Но да не се лажеме: култот кон Смртта е многу експлоатиран во капитализмот.
Ако, пак, политиката се сфати на највулгарен начин, споредена со или сведена на „најстариот занает на светот“ (проституцијата), и она консензуално прифатено мислење дека „власта е (сладо)страст“ – тогаш, добиваме премиса на дијалектичка поврзаност на Ерос и Танатос, но во јавната сфера. Политичката власт (и државата како нејзино олицетворение, низ практичниот апарат за владеење) отсекогаш командувала со животот и смртта. Нема држава што својата „славна историја“ не ја поврзува со чинови на масовно гинење на своите (или туѓите) граѓани. Барањето/очекувањето „вистинските патриоти“ да го положат животот на олтарот на смртта, а за својата татковина, е сѐ уште присутно, дури и во 21 век. Всушност, целата оваа егзалтација околу скорашното влегување на Македонија во НАТО е своевидно оргијање на Смртта, нејзино славење (наводно) во име на животот и безбедноста. Веројатно една од најнекрофилните политики е онаа на милитантните држави/империи, кои одлучуваат дека, на пример, смртта на половина милион деца од петгодишна возраст е прифатлива заради повисоки цели (легендарната изјава на Медлин Олбрајт во врска со цената во детски животи што ја плати Ирак под американските санкции пред инвазијата од 2003 година).
Иако е ова значајна и длабока тема, која бара многу поголемо внимание и елаборација, многу поургентна е потребата да се проговори (уште еднаш) за политичката некрофилија, чија кулминација се одвива деновиве пред нашите очи. Се разбира, „инспирацијата“ доаѓа од сцената пред судската палата, во која човекот што се искачи на тронот газејќи по мртвите тела на познати и непознати, одеднаш доби амнезија и тоа ѝ го соопшти на јавноста, но и на родителите на момчињата што беа егзекутирани кај Смилковско Езеро. Притоа, на бесрамното лице ја имаше онаа добро позната гримаса на божемна невиност и наивност дури – иако, многу најверодостојна ќе остане запомнета онаа „маска“ (на ѓавол) од Струмичкиот карневал, која барем еднаш го откри неговото вистинско лице. Дилемата е дали овој човек воопшто има совест, способност да размислува и/или срами… Некои мислат дека е толку „натурал“, што како од бога даден (пардон, од нива црпнат) им се најде на оние што беа во потрага по таков папет.
За политичарите неретко се вели дека се толку амбициозни и опсесивно фокусирани на власта, што бескрупулозно (фигуративно) газат по луѓе (или им забиваат нож в грб и на соборците или пријателите) за да поентираат и да се искачат на врвот. И тоа е, ќе речеме, сосема „нормална“ појава. Она што излезе од рамките на нормалноста е кога во култот на смртта и божемната грижа за починатите влегоа и невладини организации и активисти. Ако сме знаеле (или насетувале) дека државата е таа која господари со животот и смртта, одеднаш видовме политички (опозициски) ангажман на цивилното општество, во вид на отпор кон „ненародниот режим“ и „полициската бруталност“, кое беше подготвено да ја искористи секоја смрт за да „докаже“ дека е правично.
Сѐ започна во 2011-та со Мартин Нешковски, момчето што беше член или симпатизер на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а жртва на припадник на обезбедувањето на премиерот. Се дигна бран протести веднаш по настанот, со обвинувања дека власта се обидува да ја скрие својата инволвираност и да го заштити сторителот. На почетокот се придружив на протестите, барајќи политичка и правна одговорност. Но во моментот кога почнаа извици „полициска држава“ пред парламентот и кордонот на полицајци што мирно стоеја пред разлутената толпа, си заминав. Заминав навреме да не го видам најнекрофилниот чин: принесување торта во облик на телото на починатиот Мартин. Морбидната „имагинација“ на лидерите на „спонтаните протести“ ја премина секоја граница на хуманост и цивилизираност.
Тоа што сторителот се пријави за неколку дена, што беше експресно осуден на висока затворска казна, не значеше дека Мартин ќе биде оставен да почива во мир. И во 2015 година неговата смрт сѐ уште беше профитабилна „валута“ за политичко експлоатирање: „спонтаните“ протести од петти мај требаше да покажат граѓани жедни за правда, без прошка на власта и гневни, дури и ако убиецот веќе беше во затвор. Мартин беше почетокот; жртва и икона за политичка битка, заедно со целото негово семејство. Сега, кога се откри дека осудениот убиец не само што имал доста лагоден живот во затворот туку и побегна без напор, нема никој да се огорчи. По иста „методологија“ максимално беа злоупотребени убиството на момчињата кај Смилковско Езеро, смртта на малата Тамара, сообраќајната несреќа на Никола Младенов…
Починатите не можат да знаат за што била искористена нивната смрт (впрочем, и живите сѐ помалку знаат како се злоупотребувани). Биле десубјективизирани, лишени од личниот идентитет и претворени во политички икони во мигот кога станаа предмет/објект и алатка за уривање на „режим“. Се лееја крокодилски солзи, се правеа перформанси, се сечеа вени, се корнеа коси – сѐ до моментот кога власта премина во рацете на „нивните“. Смртта (и трупот) стана неважна – затоа што „Дојде живот“ (каков пресврт, преку Смртта до Животот, во неколку епизоди)! Инструментализација и на едното и на другото за приземни цели. Но што е со живите? Што е со семејствата, блиските, со оние кај кои остана жива рана? Има ли емпатија, сочувство, нешто? Македонија и во тоа има искуство – она од 2001 година! Само, тие жртви имаа обратна судбина – веднаш покриени со превезот на официјалниот заборав, под покровителство на „меѓународната заедница“, а во „име на мирот и соживотот“. Мавровските работници никој не ги споменува, како ни исчезнатите/жртвите од Непроштено, дури ни тогаш кога пратениците изгласаа автентично толкување на Законот за амнестија (во речиси ист миг кога се протестираше за Мартин) – затоа што тоа не беше политички опортуно. Цензурата за тој дел од нашиот живот се протегна и на уметноста. Животот и смртта на едни луѓе никогаш не биле важни како тие на некои други.
Не еднаш сум напишала дека се однесуваме како лоботомирани, но никогаш тоа сознание не било поболно од мигот кога Заев без сенка на лицето, срам или каење призна дека ги лажел родителите на момчињата од Смилковско – со други зборови, и со (искрено!) уверување дека ќе му ја проголтаме и таа бесрамност. Каде се сега да му скандираат: проба/вте да скриете/излажете! Бруталната вистина, која некои од нас ја знаеја или насетуваа и опоменуваа уште кога беше опасно и да се каже гласно, гласи: сторија сѐ заради собирање политички поени и оцрнување на политичкиот противник. Ликот на Заев пред судската палата (со обвинетите кои со насмевка си правеа селфи) беше надреален приказ на сојузот на Власта и Танатос, кој ни се смее в лице. Оние што беа најгласни во барањето „нема правда, нема мир“ стивнаа како јагниња.
Никој не чувствува потреба да изрази гнев поради ваквата инструментализација на смртта, во секој момент, за секое политички профитабилно лице, дури и ако е дете. Ниту протести има, ниту два прста срам! Досега само двајца новинари покажаа висок интегритет и храброст (да, да, сѐ уште е потребна храброст да се каже дека власта се искачи буквално со бескрупулозно газење на сѐ пред себе). По тоа ТВ-интервју, во кое не откривме ништо изненадувачко, а во кое фактите беа така прецизно нанижани и сеќавањето така неумоливо освежено – никој веќе нема право да каже: ама јас не знаев! Бев заведен/а! Тоа интервју кое најбрутално, но точно, ни порача дека пострашно од политичката манипулација, поддржана од странците, е тоталниот колапс на идејата за правда и/или правна држава. Правдата е мртва и почива заедно со телата на оние кои беа искористени за една политичко-порнографска епизода на освојување на власта по секоја цена. Од човек/група инсталиран/и за една геополитичка цел. Кога е геополитика во прашање, господарите на животот и смртта жртвуваат цели популации; ние минавме „само“ со оние смртни случаи што им се најдоа при рака.