Драги мои, до пред само неколку години не ми паѓало на крај памет дека ќе видам со отворени очи како онаа синтагма дека во случај кога е вторпат, историјата се повторува како трагедија, а во третиот случај како фарса, се одигрува тука, пред мене. За оние што не се толку упатени во историјата, еве еден краток преглед на бугарско-македонските истории. По неуспесите со црковни, образовни и револуционерни средства (со инфилтрирање и манипулација на македонските револуционерни организации, од МРО до ВМРО за свои интереси и цели) да ги придобие Македонија и Македонците, Бугарија во 1913 година ја почнува Втората балканска војна, која се прелева во Првата светска војна и завршува трагично во 1919 година со Версајскиот мир кога Бугарија ја губи Македонија. И во таа воена и политичка епска трагедија, која ќе се трансформира во мирнодопска тривијална фарса, Бугарија на крајот ќе го добие од трите – најмалото. Само 11 отсто од Македонија. Еве го првото повторување по руско-турските и бугарско-српските војни, во кои Бугарија се утврдува територијално на позициите на кои се наоѓа и ден-денешен. Второто повторување е во Втората светска војна, кога по долги дебати, премерувања, калкулации и недоумици, бугарскиот Германец, царот Борис Трети, ќе пристапи кон Третиот рајх и во април 1941 година, ќе влезе со војска и во Вардарска Македонија. Тогаш почнува второто повторување, кое ќе заврши со уште еден воен пораз и повлекување во распад на она што се нарекувало бугарска армија, која во септември 1944 година ќе се преврти на страната на победниците за да го замаскира своето несомнено учество на страната на фашистичките сили предводени од Германија. Кога на крајот од април 1941 година, Бугарија воспоставува административна власт во Вардарска Македонија, првото што ќе го направи е поделбата и на тој дел од земјата, која, нели, целата е бугарска, па голем дел од северна и западна Македонија ќе им остави на Албанија и на Италија. И толку од братското ослободување.
Бугарија во Втората светска војна формира отворено сојузништво, административна и споделена воена агресија со италијанската војска и особено со балистичките воени формации. Видете ги изјавите на Каракачанов, Џамбаски, Захариева и други бугарски политичари што отворено го прокламираат новиот бугарско-албански сојуз заедно со групи Албанци, главно од Македонија и од Косово. И ете го сега третото повторување, во кое сѐ, ама сѐ, е идентично. Бугарија во 2020 година, врз основа на Договорот за добрососедство потпишан од Зоран Заев во 2017 година, бара влез во Вардарска Македонија, со изговор дека тоа го прави за да го пресече српското влијание (тоа се германските политички и воени стратегии уште од Бизмарк за контрола на текот на реката Вардар) и за таа цел започнува кампања, идентична, ама идентична како во вториот пат кога денес повторно почнува да го репресира македонскиот народ со стигми, етикети за србманство, југословенство, коминтерновство и отворена закана и играње со Албанците како бугарски сојузници, а македонски непријатели и отворено инсценира поделба на Вардарска Македонија, доколку таканаречените Македонци не се освестат и не се вратат кон бугарските корени како нивна заштита од албанската агресија. Сѐ е исто. Заканата со исклучување од европските интеграции (во Втората светска војна тоа е администрацијата на Третиот рајх) и политичка и економска дестабилизација. Она што како феномен ќе се роди во третиот случај е тоа што првпат, ама првпат од 681 година кога со формирање на првото царство Бугарија е на иста страна со Грција по прашање на Македонија. Како што разбравме од премиерот Заев, Бугарија активно учествувала во создвањето, а сега и интензивно се залага за немилосрдно спроведување на Преспанскиот договор.
И тоа е почетокот на крајот на третото повторување, кое, ете, јас денес имам несреќа да го живеам и доживеам, а ми се чини дека тоа е единствената среќна околност – како фарса. Претставата е при крај. Деновиве во последниот чин се вклучи и гувернерката на северната територија госпоѓата Брнз Кејт, која ги врати завојуваните страни на почетните позиции, веќе кажавме утврдени во Версај во 1919 година. Тоа е, драги мои. Влегуваме во период на расплет на оваа политичка фарса со веќе многупати видениот принцип што го користат Американците. Не со решавање на проблемите туку со замрзнување на конфликтот. Системот е ист, од Кореја, преку Виетнам, Јужна и карипска Америка, Ирак, Иран, Сирија, сосе Израел и Палестина, сосе западна и јужна Африка, Авганистан и Кавказот, сосе Полска и Украина на истокот од Европа. Ако сакате сосе Франција и Германија во Западна Европа. Ако сакате, сосе Шкотска, Ирска и Велс во Британија, сосе Каталонија и Баскија, сосе Белгија и сосе северна Италија. Кој дел не го разбираат таканаречените интелектуалци и професорската и политичка елита на црвената буржоазија и аграрното владејачко крило на нивната партија СДСМ? Колку треба да си необразован за да не можеш да го повлечеш во својата глава овој временски континуитет, кој, пак, има своја генеза уште поназад и во основа е последица од поделбите на остатоците од Римската Империја. Во ова трето историско повторување, Бугарија повторно е обединета. Сите политички страни, сите влијателни сили, оние што носат одлуки, од сите политички партии, постигнаа консензус во однос на бугарската надворешна политика кон Македонија. Исто како во Првата, исто како и во Втората, исто е и во оваа трета балканска војна, драги мои.
И затоа сѐ што направија беше повторување, полека ама сигурно ја губат и оваа, многу сакам да верувам во тоа, најпосле за нас Македонците освестувачка војна. Вардарска Македонија повторно е вратена на Србија, која на крајот од 1990-тите години, кога почнаа да се копаат првите ровови, тргна со неколку историски повторувања. Но околностите што ѝ се наметнаа да војува на запад и север, ја принудија да ги повлече силите од текот на Вардар. И на почетокот од немоќ да прави нешто друго, Србија повторно се врати на крајот од деветнаесеттиот и почетокот од дваесеттиот век, кога почнува да се соочува со фактот од реалноста за постоењето на Македонците и потребата за нивно осамостојување и на крајот, одделување и создавање своја држава. Тоа е доктрина. Ова не е прашање на љубов на српската надворешна политика кон Македонија и кон Македонците. Да не се залажуваме. Но иако утврдивме дека историјата главно се движи по своите веќе утврдени и логични теченија, секогаш постојат плими и осеки, суши и поплави во горните и долните текови на историското течење на времето. Македонците и Србите живееле во различни државни уредувања и во различни меѓусебни односи на војна, мир, соработка, антагонизми, недоразбирања, непријателства и сојузништва, и сепак, на крајот, неприкосновеноста на животот создала свои правила. Во периодот од 1919, но интензивно од 1945 до 1990 година, меѓу Македонците и Србите се создава една недефинирана, но јасна нишка на поврзување, што излегува од вообичаеното добрососедско лицемерство, па односите меѓу двата народа прераснуваат од општи во лични. Македонците и Србите исклучително лесно стапуваат во пријателства, врски и на крајот во брак. Се мешаат семејствата, културите и нотропијата до непрепознатлива меѓусебна асимилација во различностите.
Во времето на социјалистичка Југославија постои тенденција за асимилација на Македонците преку културно и политичко влијание, што е логично ако ја земеме бројноста на Србите наспроти нас, но Македонија вешто ги избегнувала таа српска доминација и тоа тивко но моќно влијание, што во краен случај ги има дефинирано македонско-српските односи на ниво на добрососедски, пријателски, а некогаш и братски. Што прави Србија за тоа? Наспроти Бугарија? Ништо. Во тоа е тајната. И на крајот, определеното сознание, преднамерност и тактиките кога ќе се стават во контекст на оние погореспоменати временски текови што некогаш се во плима, а некогаш во осека, ја натераа Србија да се качи на брановите на плимата и да ги употреби старите пријателства и новите вакцини за се утврди себеси како единствен отворен и добронамерен сојузник, не на државата наречена Република Северна Македонија, туку на македонскиот народ, на Македонците. И точка на прашањето. Србија, неволно, но свесно сурфа со Македонија во новото надоаѓање на океанот на студената војна на која доктрина Америка се враќа на голема врата. Балканот, она што остана од него, а тоа главно се остатоците од поранешна Југославија – православните Македонци и Срби и муслиманите Албанци и Бошњаци, Стејт департментот ги распоредува на веќе утврдената од страна на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров како линија на огнот! Тоа е, драги мои. Поминаа точно четириесет години од 1988 и падот на Берлинскиот ѕид, кога светот повторно треба да влезе во старо-новиот циклус на антагонизми. Кај сме ние? Таму кај што сме биле и пред ова? Што да правиме? Ќе се адаптираме. Што друго да правиме? На чија страна ќе бидеме? На чија страна сме биле од 1941 до 1945? На својата? На чија страна сме биле од 1949 до 1989 година? Пак на својата. На која страна треба да бидеме сега? Толку ли е тешко „бре“ да се избере својата страна? Да му се сневиди „бе“?!
Авторот е режисер и универзитетски професор