М-р Дончо Герасимовски
Во подолг временски период се говори, пишува, коментира, анкетира, расправа, дебатира за појавите што се присутни во земјава од аспект на демографските состојби. Впрочем, станува збор за појавите на наталитетот или бројот на живородени деца, морталитетот или умрените лица и миграциските движења, како внатрешни така и надворешни. За дел од овие појави имаме постојано податоци, како на пример за наталитетот, морталитетот и движењата на населението во внатрешноста на земјава и тоа како тримесечни така и годишни, а за делот на надворешните миграции или иселувањето од земјава имаме сосема оскудни податоци.
Оттука произлегува дека како земја не можеме да имаме веродостојни показатели за состојбата на населението, колку нѐ има и тоа на ниво на држава, а да не говориме на ниво на региони, општини или населено место. Тоа значи дека иако се прават процени на населението и тоа со состојба на средината и крајот на годината, истите тие не се целосни во опфатот на иселувањата од земјава и, според тоа, не се релевантни. На сево ова, како држава немаме спроведено попис на населението веќе 17 години.
Затоа во овој момент, по направената анализа на податоците за природното движење на населението за деветте месеци од 2019 година, тие можат да се споредат со претходен период и со претходни години. Според податоците за 2019 година, за девет месеци во земјава се живородени 14.622 деца, а во истиот период во 2018 година биле родени 16.069 деца. Анализата покажува дека во наведениот период има 1.447 помалку живородени деца. Тоа значи дека наталитетот како и во претходните години така и оваа е во опаѓање. За разлика од наталитетот, морталитетот или бројот на умрените лица е во пораст. Така, во наведениот период во 2019 година се умрени 730 повеќе лица или во 2019 се умрени 15.260, а во 2018 година биле умрени 14.530 лица. Ваквите податоци по направените анализи покажуваат дека природниот прираст на населението е со негативна појава во 2019 година од – 638, а во 2018 година бил позитивен за 1.539. Ова значи дека во 2019 година по природен пат бројот на населението во земјава се намалил за 638 лица.
Ваков негативен природен прираст на населението е забележан првпат, а се навестува веќе неколку години наназад, откако почна да се намалува наталитетот, а во пораст беше морталитетот. За разлика од нашава земја, овој процес во преостанатите земји од поранешна Југославија, како во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, а од минатата година и во Словенија и соседните држави како Бугарија, е започнат многу порано. Анализирајќи ги и следејќи ги состојбите со години, се очекуваше оваа демографска транзиција да се случи и кај нас. Моите очекувања и укажувања во моите пишувања беа уште минатата година дека во наредните две-три години со оваа појава ќе се соочиме и ние. Од тој аспект, се очекува по завршувањето на четвртиот квартал од годинава да се сумираат резултатите и да се добие конечната состојба.
Покрај состојбата на ниво на држава, секако, е интересно да се види какви се трендовите на ниво на региони и општини. За нивото на населени места не станува збор бидејќи на тоа ниво не се објавуваат податоци, а се многу важни за да знаеме какви се состојбите и на тоа ниво или колку населени места се веќе раселени или празни, без население.
Од осумте региони што постојат во земјава, во шест има појава на негативен природен прираст, а само во два тој е позитивен. Негативен природен прираст на населението имаат регионите: вардарски, источен, југоисточен, североисточен, пелагониски и југозападен, а со позитивно салдо се скопскиот и полошкиот регион. Ова значи дека во земјава постојат два демографски света.
Состојбата и на ниво на општини е позната и истата таа или е континуирана или се зголемува. Така што од 80 општини во наведениов период, 52 имаат негативен природен прираст од кои 42 континуирано. За општините има одредени карактеристики. Една од нив е што одредени општини, и тоа не само сега туку и во претходни години, имаат повеќе живородени деца или повисок наталитет во странство отколку во земјава. Такви општини се: Маврово Ростуша, Ново Село, Пласница, Центар Жупа итн. Оваа година, според податоците, интересни се состојбите и во поединечни општини што со години имале висок наталитет, а сега намален или дури и негативен. Такви општини се: Гостивар, Куманово, Боговиње, Врапчиште, Кичево, Гази Баба, Аеродром, Струмица и поголем дел од руралните општини. За разлика од нив, има општини што константо се со висок природен прираст како: Чаир, Студеничани, Сарај, Тетово, Центар, Шуто Оризари, Бутел, Липково, Струга, Арачиново итн.
За обележување е и тоа што во поединечни општини е карактеристично што бројот на живородени деца е помал од бројот на населени места или тоа значи дека нема ни по едно живородено дете во секое населено место како во: Дебрца, Старо Нагоричани, Маврово Ростуша, Новаци, Демир Хисар…
Секако дека појавите што се констатирани не само сега туку и со години ја загрижуваат државата, односно надлежните институции. Истите тие и во претходниот период преземаа одредени мерки и активности, меѓутоа нивните стратегии не ги дадоа очекуваните резултати. Појавите, секако, се присутни поради недоволно посветување внимание на економијата, социјалата, образованието, решавањето на проблемите со стечајците, технолошките вишоци, ниските плати, земјоделството… Овие појави доведоа и до иселување од земјава, и тоа претежно на младите и високообразовани лица. Тоа доведе и до силно влијание на намалувањето на наталитетот, до стареењето на населението, намалување на населението, намалување на бројот на учениците во училиштата, намалување на работоспособното население и до други негативни појави.
Сево ова треба да се надмине, што не е направено во текот на владеењето на претходната влада. Оваа влада, познавајќи ги и анализирајќи ги состојбите, за краток временски период презема низа мерки и активности кон подобрување на состојбите и постигна одредени резултати. Доколку вака се продолжи и се надминуваат состојбите што доведоа до вакво нешто, брзо ќе дојде до позитивни резултати. Впрочем, за сѐ има стимулации и истите тие треба добро да се насочат и применат за што е потребно стручно и професионално работење. Пред сѐ, неопходно е итно да се спроведе пописот на населението за сите овие состојби да бидат јасни и со верификувани показатели да се работи во иднина.
Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар