Убав повод за колумнава е проектот „Македонија на дланка“ нa ценетиот најстар дневен весник на македонски јазик „Нoва Македонија“. За скопската современа Општина Аеродром навистина има што да се пишува и да се предлагаат нови размисли и сознанија.
Моите сеќавања за населбата Аеродром се од 1973 година, кога беше во состав на Општина Кисела Вода. Во штотуку изградената станбена зграда се доселив од мојот роден град. Пред моите новинарско-хроничарски погледи на широт на некогашниот скопски цивилен аеродром и на воената економија растеше еден нов современ град во метрополата. Покрај нови облакодери и станбени блокови, започна да се гради и поликлиника „Јане Сандански“, нова современа здравствена установа. Децата посебно се радуваа и за новото основно осумгодишно училиште „Љубен Лапе“, бидејќи претходно мораа секојдневно да одат неколку километри до оддалеченото училиште „Браќа Миладиновци“. Почна изградба и на црквата „Свети Илија“, а набргу се создаваа трговски центри, „Три бисери“ и „Бисер“, со супермаркети, ресторани, кафулиња и друго. Сето тоа даваше нов пулс за подинамичен живот.
Во 1982 година со средства од самопридонесот се изгради спортската сала „Јане Сандански“, за 2.000 гледачи, како повеќенаменски спортски центар за ракомет и кошарка. На тоа место сега е новата спортска арена за 6.500 посетители, која е според стандардите за кошаркарски и ракометни натпревари, како квалитетен и врвен спорт. Во такви услови се создадоа и европскиот шампион во ракомет Вардар и повеќегодишниот кошаркарски првак на Македонија, МЗТ Скопје – Аеродром.
Претходно, во 1981 година беше предадена во употреба новата современа Железничка станица во Скопје. Потоа во 2004 година во нејзини рамки беше изградена и планираната нова автобуска станица. Така, покриениот премин на новиот скопски транспортен центар стана значајна северна порта за влез во Општина Аеродром, што може и треба да симболизира и подобра соработка со Град Скопје и неговите девет други општини, но и за поинтензивна размена на искуства со другите општини во нашата земја и надвор од неа, односно со меѓународните организации.
На почетокот на новиот милениум беше пуштен во промет и новиот мост на Вардар, „Близнак“, главната источно-јужна влезна порта на општината, што асоцира блискост и заедништво кон новото подобро утро.
Општината Аеродром официјално беше прогласена во 2013 година, а според новата територијална организација во Република Македонија со законот од 2004 година се оддели од Општина Кисела Вода. По локалните избори, на 12 април 2005 година, првпат беше одржана седница на Советот на Општината. Имав чест и задоволство да присуствувам на оваа седница како еден од иницијаторите за формирање на новата општина. Според законите во нашата држава, општината претставува административна единица на локалната самоуправа од прв степен, како заедница на жители на одредено подрачје утврдено со закон, која преку своите органи и организираните јавни служби овозможува вршење значајни надлежности. Постојат повеќе работи од јавен интерес од локално значење, кои општината има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното извршување.
По бројот на населението, Општина Аеродром е меѓу најголемите во нашата земја со над 100.000 жители, и тоа главно Македонци, околу 92 отсто, а другите само осум проценти се Срби, Турци, Власи, Албанци, Роми и други. Нивните потреби за локален економски развој постојано се зголемуваат, како и за нови градинки, за зелени површини, модерни пазари и слично.
Но приоритет сѐ повеќе треба да се даде на потребата од изградба на мултимедијален центар за култура. Тоа е дамнешна желба на граѓаните, за која пишував уште во 2005 година во монографијата „50 години на Општина Кисела Вода“, како автор на делот за тогашната населба Аеродром, која многу бргу се развиваше. Со урбанистичкиот план беше програмирана градба на центар за култура, со концертна сала за гостувања на разни ансамбли, но и за одржување фестивали и на други културно-забавни содржини. Во центарот се планираа и театарска и киносала и простории за културни самодејности. За сето тоа поттик беа сознанијата од Нов Белград, Нов Загреб и од други нови урбанизирани целини на Балканот и во Европа. Во сите нив имаше солидни услови за непосредно задоволување на културните потреби на граѓаните и за сопствен културен развој, особено на млади творци од сите области. Познато е дека во Општина Аеродром живеат голем број културни дејци, писатели, режисери, артисти, естрадни sвезди и ликовни творци, чиј потенцијал би можел поцелосно да се искористи и во интерес на локалната самоуправа и граѓаните. Центарот за култура беше планиран да се изгради во централниот дел на општината, спроти трговскиот центар „Бисер“, и да бидат поврзани со пешачки надземен премин, со ескалатори, продажни простори, рампи за хендикепирани лица, како и со атрактивна кула висока седум метри. Меѓутоа, со измени на урбанистичкиот план на таа парцела се изгради познатиот трговски центар „Капитол“.
Во новосоздадените услови за изградба на посакуваниот центар за култура треба да се изнајде нов пригоден простор во централниот дел на општината. Сметам дека новиот мултимедијален центар треба да ги содржи сите планирани содржини и цели. Во тој простор треба да се создадат и услови за работа на локална радио и телевизија, за навремено и точно информирање на граѓаните за сите збиднувања во општината, за почести средби со градоначалникот и неговите соработници за тематско разгледување на локалните проблеми од секаков вид.
Во меѓувреме сѐ повеќе се чувствува и потребата за организирање бесплатни курсеви за медиумска писменост за млади и возрасни жители, со што ќе се овозможи нивно пореално критичко размислување и препознавање на лажните вести и манипулации во информирањето за локалните проблеми и зафати во динамичната реалност на општината.
Потребно е да се отвори и центар за дневен престој и дружење на стари лица, како и нови клубови на пензионери, бидејќи во општината живеат над 15.000 старосни, семејни и инвалидски корисници на пензија. Во ова време-невреме на пандемијата на коронавирусот има потреба и за отворање посебен ресторан со бесплатна храна за стари и изнемоштени лица и за нивна поголема здравствена заштита, како што е пример во повеќе земји од Европа. Во тој контекст треба посериозно да се размислува и за создавање подобри инфраструктурни услови, со пригодни патеки и лифтови за лица со инвалидски колички.
Општина Аеродром сѐ повеќе станува оаза на зеленило и парковски целини, но и со модерен кеј на реката Вардар, што не треба да се само шеталиште туку да се развиваат подобри рекреативни содржини за млади и за стари лица. Притоа кај кејот и парковите е забележителен недостиг од уредени места со клупи, со пригодна пластична конструкција, со канделабри, чешми за вода за пиење и други услови за пријатен одмор и дружење.
Наведените содржини треба да придонесат за нови предизвици за создавање подобри услови за поквалитетен живот и развој во интерес на сите жители во општината.
Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба