„Сите ние размислуваме за иднината и се прашуваме себеси, но и другите: што нѐ очекува утре? Ако сакате да си зборуваме чесно, не знам колку сакаме да знаеме што ни носи иднината. Но дури и да сакаме, сепак, не им веруваме на оние што и другпат покажале дека се во право, а нивните претскажувања на крајот биле вистинити!“ Овие се тезите на Андреј Кончаловски, кој во неговата блескава книга на есеи и сеќавања „Возвишувачка лага“ одговори на многу мои прашања и дилеми. Помислив, денеска некои од нив да ги споделам со вас.
Драги мои, и тој, Андреј Кончаловски, и покрај тоа што е вистина, сепак, се согласува дека човекот во принцип е битие што се нарекува разумно меѓу другото и затоа што има изградено систем за самозаштита на својата личност создавајќи во себе психолошка состојба на самозалажување, поинаку позната и како оптимизам. Тоа е систем на лични убедувања и верувања што водат кон производство на можности кај нашата личност да следи и да поттикнува внатрешен говор за идентификација и постоење на нешто што реално не постои, а огромни се шансите и тоа нешто никогаш и да не се случи како настан или духовна и/или материјална реалност.
Во таква состојба во овој момент се наоѓа секој Македонец што во себе содржи и споделува со други луѓе надеж дека утре, или во некоја блиска иднина, во Македонија ќе биде подобро од денес. Тоа, драги мои, жалам, ама нема да се случи! И воопшто сѐ повеќе и повеќе сум убеден дека оној планетарен циклус што ние го нарекуваме утрешен ќе биде уште полош од оној што го прифаќаме како денешен. Со секој изминат нов ден се топи мојот оптимизам за живот во нашата земја што барем приближно ќе личи на животот во оние земји што ние интимно, но и јавно ги проектираме како држави на просперитетот и остварените идеали. И не само што станувам убеден во тоа туку во последно време сериозно ја развивам и идејата дека оптимизмот, верувањата и идеализмот за подобро утре воопшто не треба да бидат наша животна водилка, туку суровиот реализам, трезвеното и радикално секојдневно соочување со реалната вистина дека во Македонија нема да биде подобро само затоа што веруваме дека тоа подобро ќе биде општа придобивка што сите ќе ја споделуваме.
Ние денес, повеќе немаме утре! Тука утре е вчера, драги мои, не давајте да ве лажат! Колку ова и да звучи парадоксално. Освен како парадокс, јас не можам поинаку да ја објаснам тезата што оваа олигархија секојдневно ја постила како состојба на наша одговорност дека: подоброто утре нема да дојде затоа што ние не сме расчистиле со лошото вчера! Видете ја ова теза. Ние сме виновни за тоа.
Фоербах Лудвиг не им е рамен! Не можам да разберам како инсистираат на тоа дека единственото нешто во кое треба да веруваме е иднината (што ниту ја разбираат, а ниту нешто им значи) во исто време додека единствената работа што тие ја работат и на која се фокусирани веќе четврта година се минатото, историјата и сѐ што се случило вчера!
И да биде уште пострашно, тоа е единствениот проект што ги поврзува власта на соседните земји и нашата, кои тривијално си се самонарекуваат пријатели на иднината. Јас навистина не можам да разберам за каква иднина и за какво подобро утре зборуваат луѓе што во четири години не понудија ниту една идеја, ниту еден настан, ниту еден единствен проект што ги поврзува нив и нивните пријатели, а треба да се случи во некоја блиска или подалечна иднина?! Сосема е јасно дека нивните напори не се за тоа како на Македонците да им создадат нова и подобра иднина, туку ново и подобро минато!
И еве ја пропагандата во која мајсторски за сѐ што тие прават, а е поврзано само и единствено со минатото – ги обвинуваат другите. И големо мнозинство Македонци веруваат во таа пропаганда и ги поддржуваат во тие лаги. Тоа се категоризира со создавање психолошки притисок дека секој што е против нив е против иднината, па така произведуваат страв, особено кај постарите генерации дека недавањето поддршка на нивните планови за бришење на лошото минато е чин против добрата иднина на нивните деца и внуци! Каков парадокс, но вистина, во која многумина веруваат и ја поддржуваат. Рековме, драги мои, човекот во принцип е парадоксално битие и многу често размислува и дејствува парадоксално. Општиот цивилизациски развој се темели на комплекси, фрустрации и страв од реалноста и последиците од неа. Така се создавал современиот човек. Од Адам и Ева.
Во постојани стравови и меѓусебни борби за опстанок со најблиските и првородените. Каин и Авел! Уништувањето на самодовербата и растурањето на системот на здраворазумно прифаќање на емпиријата и на сопственото искуство како знаење, односно вашето минато како најголем мериторен факт што ги определува и категоризира вашите одлуки за тоа што ќе правите во иднината, за мене е доволна причина врвот на власта утре, во некое „подобро утре“ да биде изведен пред суд и да одговара за злосторство против сопствениот народ. Џорџ Орвел совршено точно го дефинира начинот на владеење во иднината преку корекции и управување не со нашите постапки денес, туку со секојдневно менување на нашиот живот во минатото, што сепак ми дава надеж дека овие, иако погрешно разбираат – сепак читаат нешто!
Македонија немала ниту една власт како оваа, која била толку многу и толку секојдневно опседната со нашето минато. Од Александар Македонски до Гоце Делчев. Насекаде и во секое време. Тие немаат ниту денес, ниту утре, освен голи флоскули, кои на почетокот и на крајот од денот наречен утре ќе заврши со интервенција и корекција на настаните онака како што тие сакаат, а не онака како што тие настани навистина се случиле!
Сведоци сме дека освен параноичната фрустрација по тоа да го променат минатото, тие луѓе влегуваат и во проект за тоа како да ја менуваат и сегашноста. Да се надеваш дека ова ќе помине како по еден детски пад од велосипед со едно „подмочување“ или дека ќе го „излечи времето“ како облик на поетска тага не е оптимизам, драги мои, туку себезалажување. Огромен дел од нас, убеден сум, живееме во таа состојба на општа поделеност и лична драма, која, драги мои, да не се лажеме, ќе се продлабочува, интензивира и сѐ повеќе ќе нѐ оддалечува едни од други.
Кулминацијата ќе биде достигната во моментот кога сите оние што не се со нив отворено ќе бидат наречени непријатели на НАТО и на Европската Унија! Каква пародија, драги мои? Знам дека голем број од вас се прашуваат како е можно, кога е смешно? За жал, можно е. На почетокот секогаш тие политички креатури се саркастични и изгледаат неубедливо. Но катаклизмата така и почнува, наивно и смешно. Доволна е една само една снегулка на погрешно место и во погрешно време за да се произведе лавина, која ќе уништи сѐ пред себе. Инаку нема да се претвори во трагедија од невидени размери. Ние на последните избори ја преминавме повратната точка и, за жал, итаме кон разврската што ќе биде апокалиптична.
Што да се прави? Да се вратам на почетокот? Искористете ја последната шанса – соочете се со реалноста и отфрлете го оптимизмот! Денес нема да се роди подобро утре! Или вратете се кај Андреј Кончаловски од почетокот на оваа колумна: „Не верувајте им на тие што и другпат во своите претскажувања покажале дека се во право и ја зборувале вистината“. Јас на проклетиот Кончаловски не му верував и за други работи за кои се воспостави дека бил во право. Дали да му верувам дека и овој пат е во право и ја зборува вистината? Вистината е, драги мои, „Возвишувачка лага“! Така рече Андреј Михалков Кончаловски.
Авторот е режисер и универзитетски професор