Кој владее кај вас?
Еден што ни кажа дека Господ го црпнал од нива. Потоа фрли сидро за да заплови државата. Ама, ебем ти глуп народ, не го разбира.
Судски реформи?
Рекет, стриптиз, нинџи и трас-трас.
А со пандемијата како се справувате?
Со неа се справува едно куче. Ама цврсто куче.
Економија?
Крадеме од сиромашните, им даваме на богатите.
Уметност?
Забрануваме политички некоректни серии, филмови и книги, ама затоа гребеме сонца.
А од што живеете?
Од датуми. Неколкупати годишно добиваме датум што ни носи блескава иднина и ни плаќа сметки.
Датум што плаќа сметки?
Сфативме дека идентитет не плаќа сметки, па му акнавме куршум в чело, за на негово место да дојде датум што ќе нè направи богати, убави и паметни.
А слобода на говор?
Слободата на говор кај нас е говор на омраза. За сето тоа се грижи Хелсиншкиот комитет. Тој комитет има дијагноза, стокхолмски синдром спрема власта. Обучени се за лов на неистомисленици. За истомислениците мерат со друг аршин. Кај нив говорот на омраза е слобода на говор.
Ама вие сте држава или психијатриска клиника?
Ние не сме држава, а во психијатриска клиника има далеку повеќе разум, отколку кај нас.
Па, во каков филм сте вие, човече?
Однесени од виорот на прогресивното безумие.
Да, „Однесено од виорот“. Телевизијата Ејч-би-о го исфрли од својата програма. Бил расистички. Тамам ќе помислам дека сме стигнале до крајот на безумноста, тука се хистеричните прогресивни либерали да ме демантираат. Тие секогаш можат повеќе со безумноста. Еве, сега го злоупотребуваат убиството на црномурестиот Флојд. Истиот тој Флојд бил обвинет за насилство врз трудна жена, што според прогресивниве веројатно е океј, зашто трудни жени обично се глупачи што сакаат да раѓаат. За полицаецот што го уби си има закон и казна како за секој друг. Полициската бруталност мора да стане минато. Ама па, од друга страна, само оваа година во САД се убиени на должност над деведесет полицајци. И тие имаат семејства, деца, роднини. Треба ли сега американските џандари да излезат на улица за да палат, кршат и крадат туѓа сопственост.
Ја видов снимката каде што црнец стои пред својот дуќан и ги прашува кретените што му го кршат дали се нормални. Му велат, за неговите права се бореле. Боже, какви морони.
„Длабоката држава“ знае дека голем број Афроамериканци ќе гласаат за Трамп. Особено сиромашните. Немој да мислите дека хистерициве од „Антифа“ нешто многу се грижат за црната раса. Сосе оној нивни гуру, Џорџ Сорос. Тоа се некрофили. Нешто слично видовме и кај нас, по смртта на Мартин Нешковски и малечката Тамара. Некрофилите за да соберат политички поени, креваа хистерија, демек се борат против нешто. Забегани елитисти, ги заболе нив за другите, а тоа ни се покажа сосема јасно штом презедоа власт. Во САД нивната некрофилна забеганост е илјадапати поголема.
Особено сега, кога на „длабоката држава“, по аферите „Обамагејт“ и „Украинагејт“, им се тресе земјата под нозе. Тие не се борат за ничии права, тие презираат сиромашни, црнци, Мексиканци, тие сакаат да направат хаос за да се спасат себеси. Ако можат патем и да го урнат Трамп. И по цена на граѓанска војна. Тоа стана уште појасно деновиве, по коментарот на Бајден, кој ни соопшти дека Трамп ќе ги наместел изборите, ама тие сосила ќе си ја земеле победата. Ги знаат анкетите. Тие им велат, губите избори. Такви се хистериците прогресивни. Ако некому тука не му е јасно ова, залудно го арчел воздухот изминативе пет-шест години во Македонија. Ништо не разбрал.
Какви одвратни лицемери. Со децении го злоупотребуваат расизмот, а самите се расисти. На Афроамериканците им текнува само пред избори. На крајот на краиштата, нивните либерални предци му се смееја на Линколн и не сакаа да се укине ропството. Немојте да мислите дека се промениле. Ако некој создава Орвелов свет со „Фаренхајт 451“ експеримент во него, тоа сигурно се прогресивниве либерали. Нивните решенија за подобар свет се уништување туѓа сопственост, контрола на мечтите и љубов на омразата спрема неистомисленици. И секако, забрана на карфиолот како колонизаторски зеленчук и цензура на „Однесено од виорот“ како расистички филм. Кај нас очекувам да го променат името на „Белото Циганче“, во „Црното Ромче“, затоа што ги вреѓа црнците и Ромите.
Кога сме веќе кај нас, „врвниот интелектуалец“ со посебни (финансиски) потреби што му ги задоволува власта, Ванчо Ордановски, напиша такви одвратни навреди кон новинарите Лупевска, Јордановска, Латас, Момировски, Евтов и Златев што не заслужуваат да бидат спомнувани. Очекувам Хелсиншкиот комитет да поднесе кривична пријава за говор на омраза против посочените новинари, затоа што со своето однесување го вознемириле и натерале „интелектуалецов“ да напише вакво нешто за нив.
Кога сме кај криминал и пријави, обвинетата за рекет Катица Јанева, инаку доскорашен идол на шарената хистерија, ни откри дека лично Заев го рушел нејзиното обвинителство за да го спаси Мијалков, бидејќи му требал за промена на името, а првоосомничениот во истиот случај, Бојан Јовановски, ни кажа дека во неговиот телефон ги има сите докази, ама обвинителството одбило да го вештачи. И што прави обвинителството по овие сериозни индиции за организиран криминал и кај власта и во негови редови? Со брзина на фрлен шурикен ни извади криминалец преправен во нинџа, кој менува искази како чорапи, за да ни даде „крунски доказ“ дека тој наслушнал, дека имало и дека требало да им се даде пари на водачите на „За заедничка Македонија“. Наслушнал, имало, требало… Се разбира дека прогресивните медиуми и активисти, со партиска директива остра како катана, ја пресекоа главата на исказите на нивната грација Катица и кралот Боки, пред кого до скоро се клањаа и на нивно место, со запенавена хистерија, го востоличија својот нов идол, маскираниот нинџа, воспевајќи ги неговите „докази“ како вистина. Но оние што од себе јавно правеле будали славејќи ликови како Зоки, Боки и Ката, секако дека ќе продолжат да прават од себе будали, затоа што се однесени од виорот на прогресивното безумие.