Во пандемијата на коронавирусот не треба да имаш медицински факултет или друго медицинско образование за да бидеш доктор. Речиси сите релативно поразумни станавме доктори од стравот да не станеме евентуални пациенти. Докторуваме по разни портали, читаме и делиме телефонски и интернет-совети, да се живи Фејсбук и Вибер. Разговараме загрижени за себе, за децата, за внуците, разменуваме информации, рецепти. Веруваме во многу нешта што ќе ги прочитаме, иако читаме сосема различни и спротивставени стручни мислења, како за траењето така и за последиците од вирусот. Како превентива на своја рака голтаме аспирини, парацетамоли, антибиотици, сумамеди, витамини со минерали, голтаме што било да прочитаме.
Неизбежно и седативи, независно од коронавирусот туку од времињата и политиката, од вестите на телевизија. Лук, кромид, праз, јогурт, кефир, разни природни масла, разни бабини деветини. Витамини, олиговити, цинк, селен, би ги јаделе дури и во природна форма, додека не се најде супервакцина. Дури и докторите велат дека е најдобро да си бидеш сам доктор, ако сакаш да си го зачуваш здравјето во нормални, а камоли во вакви абнормални ситуации. Не знаеш каде, кога, од кого, и на кое место можеш да фатиш ковид-19, можеби измешан со ковид 20 и 21, аналогно на бројот на векот.
Носи маска ако не сакаш болеста да ти го препознае лицето и да ти се залепи за него. Чувај се како што си ги чуваш очите во главата. Попусто црвење со суви или течни кармини, шминки, вештачки трепки, ботокси за допадливи усни кога ништо не може да се види. Попусто атомизирање со скапи парфеми кога дистанцата е два метра. Никој не гледа каков костум носиш, туку каква ти е маската, ако не ја носиш или си глуп или чаламџија. Свадбите заминаа во бајките, кафеаните не се веќе места на кои се шири демократијата или се дебатира за смена на власта. И сопствениците на приватниот бизнис пред колапс, богатство прават само тие што знаат да направат кога на сите други им е најтешко.
Сигурно многумина чуле за библискиот јунак Мојсеј, како што малкумина слушнале за Мојсеј Мајмонид, еврејски доктор од 12 век, роден во златната ера на еврејската култура во Шпанија. Тој Мајмонид, му бил личен доктор и на Саладин, султанот на Египет и на Сирија, тој ги поразил крстоносците. Уште во тоа време ги опишал болестите, меѓу кои астмата, шеќерната болест, хепатитисот и пневмонијата. Од него останала запишана молитвата со која и во денешно време, во оваа опасна корона-сезона, може да се опишат состојбите во здравството на едно општество, односите меѓу докторите и пациентите, меѓу надрилекарите и медицинските шпекуланти што ловат во матно. Се тврди дека неговите препораки биле земени предвид кога се составувала модерната Хипократова заклетва, која ја заветуваат сите доктори во светот пред да го почнат вршењето на професијата.
Еве ја таа молитва на Мајмонид, цитирана, кратка, пресилна: „Господе, направи сѐ што можеш моите болни да имаат доверба во мене и во моето знаење и умеење, замоли ги да постапуваат по моите совети и препораки. Тргни ги од нив шарлатаните, свитата на роднини што нудат илјада совети, тргни ги оние сезнајни ранари и исцелители. Таа е опасна тајфа што од чисто самољубие ги уништува и најдобрите намери“.
Еврејскиот доктор своите знаења ги црпел, меѓу другото, и од библиското книжевно искуство. Една третина од сите верски прописи во Стариот завет од Светото писмо се од медицинска природа, тие прописи се однесуваат на начинот на живот што го штити здравјето на луѓето. Принципот што често се подвлекува е дека „телесната чистота води кон духовна чистота“, нагласувајќи ја грижата за телото. Притоа, првата работа што треба да ја направи човек по секое утринско будење е да ги измие рацете затоа што преку ноќта, за време на спиењето, бактериите најмногу се таложат токму на нив. Миењето раце, честото миење на телото, грижата за состојбата на кожата, се прописи во сите кодификации на еврејското религиозно право. Во верските прописи што се однесувале на хигиената на живеење биле вклучени планирањето на населбите и градовите водејќи сметка за местоположбата, временските услови, општествениот живот на заедницата, како и потребите за семејниот живот на жителите.
Рабинот Исак Васиел наведува неколку објаснувања и препораки. Здивот на болниот човек ги содржи бактериите на болеста и затоа е нужно одржување одредена оддалеченост. Облеката што ја носи човекот преку ден не би требало да ја носи преку ноќ, да не спие со истата. Парите да не се ставаат во уста зашто постои можност да биле во раце на некој што страда од пренослива болест. Да се измие чашата пред секое пиење, особено ако некој претходно пиел од неа. Тие што јаделе храна, а потоа не ги измиле убаво рацете го загрозуваат своето здравје затоа што рацете им се полни со опасни бактерии. Лицето, рацете и стапалата да се мијат секој ден. И строго е забрането копање бунар близу гробишта или сметишта.
Посебни, не малку редови во Библијата се посветени на храната, односно на начинот на исхрана, систематски е наброено што може човекот да јаде, а што не. На луѓето најстрого им се забранува јадење пцовисани животни, јадење крваво месо и пиење каква било крв, јадење лој и слично. Таму се изнаредени низа видови животни, птици, риби и инсекти, дури и растенија што може да се јадат или што се опасни по здравјето и забранети за човечка употреба. Меѓу најпознатите забрани е употребата на свинското месо во исхраната со објаснување зошто таа забрана е потребна.
Меѓу најстрашните болести се набројуваат заразните, преносливите од човек на човек или од животни на луѓе, а како најопасна е обележана лепрата за која има испишано речиси цела студија како се постапува при таквата појава, од првите знаци до последниот погребен чин. Таму се спомнуваат заштитните постапки, меѓу кои најважно место заземаат изолацијата, карантинот, по денови – 7, 14 и 40. Бројот 40 го означува и долгиот пост, кој претставува своевиден карантин на телото и душата. Интересно е што за санирање на состојбите од лепрата не биле задолжени докторите туку свештениците, кои воделе сметка заболените да ги сместуваат во карантин, да ги посетуваат и охрабруваат, а по оздравувањето да ги враќаат во заедницата да си ги вршат своите вообичаени професии, занаети или домашни работи.
Античките рабини сметале дека големите болести и епидемиите ги предизвикува моралниот пад на луѓето, особено на оние што озборуваат и што шират лажни вести. Таквите појави се третираат и како божја казна кога Бог ќе види дека општеството тргнало во погрешна насока, кога пороците ги надвладуваат доблестите. Во рабинската литература аксиом е дека за време на пандемија вирусот ги напаѓа и грешниците и праведниците, еднакво сиромашните и богатите, нема селекција.
Кога добро ќе се размисли, не мора, но може да се заклучи дека сѐ е речиси исто, само што сега нема лепра туку ковид-19, нема попови во здравството да му се молат на бога за здравје на болните. Има доктори што се грижат, колку што можат и колку што им овозможуваат техничките и човечките услови. Тие заслужуваат сеопшта почит и признание.