Ништењето на Водно – смрт за Скопје

Bо рамките на големите будалштини сега се реди гасоводот по Водно, проект во кој ќе се уништи речиси една третина од телото на планината. Да се постави гасоводот таму е слично како да се имплантира канцер во едното белодробно крило на Скопје како град. Такво нешто мoже да смисли само човек без грам еколошка свест, човек што го мрази Скопје, кој не го почитува светскиот договор за климатските промени, не ги почитува и ги понижува скопјани. Или некој (некои) што има голем провизиски бизнис-интерес, зашто ако него го нема, сиот потфат таму горе е тешка бесмислица. Или, пак, целиот проект се вклопува во мегапроектот за политичко ништење на нацијата

Во македонскиот литературен јазик зборот „ништи“ се објаснува како „прави некој или нешто да не суштествува, уништува, сотира, искоренува“. Зборот „уништува“ нема друго значење освен што уништува. Имајќи ги на ум овие значења на наведените зборови денес решив во текстот да се префрлам од приземната политика (за името, за јазикот, за партиите, за кадрите, за новинарите) и да се насочам кон возвишени нешта. Да се одлепам од приземјето и да тргнам кон врвот. Кон врвот на Водно. Од кафеана кон планина.
Во популарната гостилница „Камин Чамо“ виси на ѕидот една фотографија на Скопје направена меѓу двете светски војни. На неа се гледа и цело Водно, голо, поголо од ќелава глава. Старите скопјани, дебармаалци, со кои порано уживав во нивното расположено друштво, раскажуваа низа приказни за планината, за нејзиниот изглед во минатото и сега. Со особена гордост зборуваа за пошумувањето извршено од комунистите по војната (со Лазо Колишевски на чело), за спречените опасни дождовни порои и општо, за убавините на планината. Нивните кажувања ги следев со интересирање, но не со одушевување зашто не можев Водно да го претпоставам на Баба и Галичица, две планини, кои од две страни надвиснуваат над Ресен и над Преспа каде што сум растел. Доста подоцна сум ја почувствувал таа убавина, обилно и често користејќи ги познатите и непознати патеки, пешачејќи, празник или делник.

Сега сѐ погласно слушам, почесто читам и повремено гледам дека по сртот на планината ќе се поставуваат цевки за гасоводот што треба да стигнува до Тетово и до Гостивар. Скопје навистина се одликувало со храбри архитектонски и други решенија, пред земјотресот и по него, но последниве години изгледа се одвива вистински натпревар во луди идеи, невозможни проекти и реализации. Од тоа што на некој лудак му текна, а друг како него прифати, да се насадуваат суви палми, да го гради најгрдиот и најглупав пат во Македонија, патот од Водно до Сопиште. Да не го заборавиме „Скопје 2014“, проект што беше замислен како гордост и показ на моќта и недопирливоста на една власт, а излезе најголем срам. Да не зборуваме за урбаната мафија, која го користи секое слободно парче (паркче) да подигне зграда надвор од сите архитектонски правила и стандарди.
Значи, во рамките на големите будалштини сега се реди гасоводот по Водно, проект во кој ќе се уништи речиси една третина од телото на планината. Да се постави гасоводот таму е слично како да се имплантира канцер во едното белодробно крило на Скопје како град. Такво нешто мoже да смисли само човек без грам еколошка свест, човек што го мрази Скопје, кој не го почитува светскиот договор за климатските промени, не ги почитува и ги понижува скопјани. Или некој (некои) што има голем провизиски бизнис-интерес, зашто ако него го нема, сиот потфат таму горе е тешка бесмислица. Или, пак, целиот проект се вклопува во мегапроектот за политичко ништење на нацијата.

Парк-шумата Водно како комплексен еко-систем има посебно значење за градот Скопје преку остварувањето на својата еколошка и функција за заштита на животната средина. Водно влијае на поволната микроклима, го прочистува воздухот во Скопје и над него, придонесува за намалување на бучавата, го заштитува градот од поројните дождови, ги одржува водниот и температурниот режим. Посебно значајна е рекреативната улога на парк-шумата Водно, како и архитектонско-естетската вредност на истата таа. Да не го спомнуваме богатството со флора и фауна, со растителен и животински свет, со инсекти и со габи. Накратко кажано и официјално запишано од некои умни и чесни луѓе во сите книги за Скопје: парк-шумата Водно е најзначајниот зелен појас за градот Скопје. Планината Водно со своите геолошки, геоморфолошки и биолошки вредности има посебно значење за неговите жители. Прогласена е за парк-шума во 1976 година. Кога се знаат горенаведените факти, автоматски се поставува прашањето кој издал дозвола за ништење на планината, поточно за сериозно еколошко-климатско загрозување на Скопје, а со самото тоа и загрозување на здравјето на луѓето што живеат во него. На оние што се живи сега и на оние што ќе живеат во иднина. Плус, ако се знае дека Скопје е еден од најзагадените градови во Европа, не само во зима, дека со антиурбанистичката изградба се запрени поволните ветрови и градот често во зима се задушува во магли со канцерогени честички, а налето поднесува пеколни горештини. Како брзо да се заборавија минатогодишните алармантни состојби со загадувањето, кога се бараа илјада начини како во иднина да се намали тоа, ако веќе не може да се спречи.

При сета оваа хаотична состојба зачудува молчењето на градските власти, на градоначалникот и на другите што се избрани, должни и одговорни да го штитат градот од невремиња, од злосторства, од криминал, од лоши проекти и од лоши луѓе. Ако од кабинетот на градскиот татко лани, за спас од загадувањето, беше донесена одлука да не се движат автомобили низ планината, ако уште одамна е забрането коли да стигнуваат до врвот (до Крстот), како може сега да се дозволи Водно неколку идни години да го крчи и раскрчмува тешка градежна механизација – булдожери, ровокопачи, шлепери, дизелаши и нафташи, опасни загадувачи.
Каде е сега гласот на партиите на власт што ветуваа дека ќе го слушаат гласот на граѓаните, каде се невладините (и блисковладините) организации да повикаат за заштита на шумата. Каде се паркобранителите, хористите и пеачките дружини, кои сосема оправдано протестираа против познатиот безмилосен сечач на градските дрвја, поранешниот градоначалник. Каде се оние што тогаш го бранеа секое дрво, дури и само едно дрво, а сега молчат кога се сече цела шума. Не само за гасоводот, туку и за поставување кабли и бандери.

Зошто молчат пргавите, млади, поранешни шарени револуционери, сега градоначалници на Кисела Вода, Центар, Карпош и на Ѓорче Петров, општини на кои се постила планината. Нив народот не ги изгласа, не ги избра да дојдат на власт за да ги продолжат злосторствата на своите претходници, туку тие урбанистички и други злосторства да ги запрат, да ги санираат, да ги отстранат последиците. Каде е гласот, протестот на „Паркови и зеленило“, организација што по закон е должна да ја чува, негува, штити и обновува планината. Поучени од искуството, не треба да звучи како закана, дека еден ден може да се случи сите оние што сега се одговорни и молчат за инсталирањето на гасоводот преку уништување на планината, да ги снајде судбината на одговорните што молчеа за „Скопје 2014“. Зашто во штетите и последиците речиси и да нема разлика.
Како што тргнало, Водно за неколку години на Скопје може да му се врати соголено и оголено и да им се одмазди на скопјани за сите рани што му ги нанесуваат. Што за него нема ниту правда ниту мир. Да им се одмазди на оние што ќе останат да живеат тука. Ако во меѓувреме уште помасовно не бегаат во други земји и градови гледајќи и сознавајќи дека кој и да дојде на власт, првин работи во корист за себе, а потоа на штета на граѓаните. Ќе останат само некои стари, како старите дебармаалци, со носталгија да раскажуваат за убавите времиња.