Според некои симболични верувања, за да дојдат кандидатите до целта требало да поминат низ четири врати обрабени со тешки окови и да претргаат големи искушенија. До врвот стигнуваат само избраните, најхрабрите, најмудрите. Учесниците во трката мора да се одликуваат со четири неодминливи карактеристики: со беспрекорно морално однесување, со интелектуална надмоќ, со голем ентузијазам и со знаење понекој марифет. Ништо без марифет, без марифетлаци. Зборот марифет е турцизам, што во својата основа подразбира четири квалификативи: вештина, снаодливост, лукавство или некои тајни способности. Ако нив не ги поседува, залудна може да биде кандидатурата на кандидатот за тоа што се кандидирал или други го кандидирале
Од понеделник, први април, почнува кампањата за избор на претседател на Република Македонија (по старо), односно на Република Северна Македонија (според новото уставно и официјално, административно прифатено име). Нема основа да се верува дека некој со намера денот на почетокот на кампањата го изедначил со денот на шегата и шеговитата лесна измама, но може да се најде некој што и од тој податок може да извлече заклучок и да упати критика за тоа невкусно совпаѓање, особено во ваква сензитивна ситуација, во каква што се наоѓа македонскиот граѓанин заинтересиран за политика. А има и причини тоа да се заклучи зашто повеќето досегашни изборни кампањи биле исполнети со лажни ветувања или со ветувања што на крајот испаднале несолена шега.
Наредниот понеделник не е ни чист понеделник, денот по верскиот православен празник Прочка, кога почнуваат велигденските пости, денот кога се чисти куќата, кога садовите за храна се мијат за да се испостат од мрсното и кога доследните верници јадат празен бел грав. За разлика од тој чист понеделник, кој треба да потсетува на чисто и бело, за првиот понеделник и за наредните денови од изборната претседателска кампања, уште непочната, сѐ навестува дека ќе бидат валкани и црни. Тој колорит не би требало да биде некакво изненадување, ниту пак причина за нечие чудење. Зборовите: чисто, бело, валкано, црно се во тесна врска со зборот кандидат. Каква е таа врска читајте во продолжение.
Светските лексикони на зборот кандидат му одредуваат неколку значења што се прифатени и во македонскиот јазик, кој во новите речници ќе има ново, проширено име, односно ќе ја содржи официјалната меѓународно признаена додавка и ќе го носи името „Речник на македонскиот јазик од словенско потекло“. Значи, во нашиот јазик од словенско потекло, зборот кандидат, кој е од несловенско, означува именка од машки род со следните толкувања: кандидат е лице што конкурира, што ги исполнува условите пропишани за прием во некоја служба, за одредено звање и слично. Во политички контекст кандидат е тој што се избира или е предложен да биде избран во составот или да застане на чело на некое општествено или политичко тело, организација, институција или држава.
Зборот кандидат на прв поглед не ветува некоја занимлива приказна. Но, ако се проследи, ќе се види дека е мошне интересна, најверојатно и поучна. Потеклото на зборот и неговата масовна употреба во политичкиот јазик си има своја историја, на која може да потсетат запаметените слики од филмови за подемот и падот на Римското Царство. Таа историја ни кажува дека во древниот Рим, оние што учествувале во трка за јавни функции за време на изборите биле облечени во бело, а бела облека носеле и кога ги вршеле јавните функции на кои биле избрани. Особено воочливи биле сенаторите по белата наметка, на чија чистота посебно внимавале и се труделе да им биде блескаво бела. Ако, евентуално, тогата од нешто им се извалкала или им се исфлекала, белината ја враќале триејќи со креда. Блескавото бело на латински се викало „кандидус“ и оттаму носителот на јавната функција се нарекувал „кандидатус“. Попросто преведено: кандидат е оној што е облечен во бело, кој е бел, чист и без флеки. Кој не е извалкан. Крајното потекло на придавката „кандидус“ произлегува од глаголот „кандаре“, што значи: блеска. Во истата фамилија се и зборовите кандило и канделабар, предмети што треба да осветлуваат, а во преносна смисла што помагаат за снаоѓање во темнина или го покажуваат патот за излез од темнината.
Значи, освен многуте други нешта, Римјаните (Латините) во наследство на светот му го оставија и овој поим – кандидат. И во тогашно и во денешно време, тој поим во политичкиот јазик значел и би требало да значи – да се избираат кандидати што се чесни, кои немаат флеки, кои се без дамки и без петна во професионалниот и приватниот живот, без валканици од каков било вид зад себе, да не влечат компромитирачки опашки, како за себе, така и за членовите на семејството. Не е сега во прашање облеката, белото и чистото имаат асоцијативно значење што ги обележуваат карактерот, минатото, предностите и маните на кандидатот.
Историските искуства ни покажуваат дека со текот на времето императивот на чистост и чесност останал како основен изборен принцип за успех, но колку што бил практикуван, безмалку во исти количества се кршел, се запоставувал, изигрувал, фалсификувал, бил злоупотребуван со измами, дури и со употреба на сила. Но ретко кога со сигурност се покажувало дека чистота и чесноста при кандидатурата го издржале товарот на искушенијата и на времето.
Може тука да се посочат разни примери и комбинации.
Има примери што сведочат за избор на совршени кандидати, особено на водачи, пред сѐ претседатели на држави, како што има примери и за промашени избори, иако кандидатите биле ем блескави ем без флеки. Може да се набројуваат примери кога биле предлагани или избирани кандидати што не морале да блескаат но биле без дамки, или обратно: биле извалкани пред кандидатурата, но блескале откако биле избрани и на тој начин ги покривале валканиците. Има и многу примери и периоди каде што биле избирани и кандидати ем со дамки ем без блесок, но со помош на различни периферни и сомнителни методи. Како што има кандидати што пред изборот биле без ниедна дамка, а по него, на крајот од мандатот или предвреме, излегле со многу валканици, нивни или што им ги залепиле други. Од големи надежи до изневерени очекувања. Од слаби прогнози до големи достигнувања и успеси. Има категорија на вечни а никогаш неизбрани кандидати, секогаш амбициозни и желни за кариера, за слава и моќ, за полесен пат до жени (или мажи), за престиж или за ситни привилегии. Се разбира и за пари, особено за пари за себе и за своите блиски роднини и пријатели.
Во некои симболични верувања, за да дојдат кандидатите до целта, требало да поминат низ четири врати обрабени со тешки окови и големи искушенија. До врвот стигнуваат само избраните, најхрабрите, најмудрите. Ако сакаат да ги поминат сите врати, учесниците во трката мора да се одликуваат со четири неодминливи карактеристики: со беспрекорно морално однесување, со интелектуална надмоќ, со голем ентузијазам и со знаење понекој марифет. Ништо без марифет, без марифетлаци. Зборот марифет е турцизам, што исто така, во својата основа, подразбира четири квалификативи: вештина, снаодливост, лукавство или некои тајни способности. Ако нив не ги поседува, залудна може да биде кандидатурата на кандидатот за тоа што се кандидирал или други го кандидирале. Зборот марифет и изведенката марифетлаци во модерно проевропско толкување би значеле наоѓање таканаречени креативни решенија, употреба на сите дозволени и недозволени средства, преку кои би се остварила посакуваната намера или желба.
Зборот кандидат има и други, неполитички значења. На пример: кандидат е ученик или студент што полага некаков испит. Што е кандидат најдобро знаат оние што со години конкурирале за работно место, а не го добиле, или оние студенти што полагале еден ист испит по дваесет-триесет пати кај некој самобендисан или подмитлив универзитетски професор. Според нашиот речник, кандидат е и лице што има намера да се ожени (омажи) за некого. На пример, неретко за некоја жена може да се чуе дека во младоста имала голем број кандидати, но наоѓајќи мани секому и бојкотирајќи ги понудите останала немажена. Или, пак, за некој маж што бил идеален кандидат (убав, шармантен, богат) и кој од толку убавици што му биле кандидатки за заеднички живот што можел да ги избира, ја избрал најгрдата и најлошата. Направил погрешен избор, како што, неретко, се прави погрешен избор и при политички избори проследени со нападни, изнасилени, валкани и лажни кампањи.