За овој вторник сакав да напишам празнична колумна.
Сепак е празник, а празникот (треба да) упатува на празнично расположение, како што денот на независноста (треба да) упатува на независност и празнување на независноста, а самото празнување да носи празнично расположение.
Но живееме во време кога единствено зависноста од моќните сојузи се прославува како независност, сервилноста на домашните елити кон нив како исклучителна храброст, а секоја отстапка од тешко стекнатите права на самоопределување како чекор кон национално ослободување.
Паралелно, поимот за независност (како и самиот празник) станал уште еден од деновите на голи животни „зависности“ – лични и колективни, блиски во егзистенцијалната з(а)грозеност. Во доба кога значајноста на празниците е ишмукана како коскена срцевина од скелетот на животот, а безначајноста на непразничните денови се објавува како нова нормалност, не останува многу од старото добро празнично расположение.
За многумина, осми септември е само ден помеѓу седми и деветти септември, како што е вторник меѓу понеделник и среда: ден во редот и гратис ден за одмор во снеможувачката трка на животот, која тешко се преправа, а невозможно е да запре, додека државата, регионот и целиот свет неуморно влегуваат од еден во друг назив за наопаку.
Во тој бескраен (не)ред на настаните, луѓето попримаат нешто од деновите – стануваат претежно називи и редни броеви на списоците за колатерална штета и изневерени очекувања, разделени календарски – со празни места помеѓу. Токму таму, во она „помеѓу“ е суштината, или поточно – суштинско е она помеѓу: ако тоа се испразни од нужната човечка супстанција и (о)стане само празно место (како на календар или во корона-дистанца), ниту еден празник не ќе го исполни со смисла или празнично расположение денот на човекот.
Без него, ниту празникот, ниту независноста би имале смисла, дури би станале некако бесмислени во редот на егзистенцијалните зависности, каде што и човекот би се свел само на „зависник“ опкружен со слични на себе „зависници“ во трката за гол живот. Во едно такво зависничко опкружување, дури и да преживее некако празникот, ќе остане без своите празнувачи и оттука – без оправдана смисла, а неговото име ќе остане да се споменува и чита како своевиден епиграф на надгробен споменик, до негово конечно рушење како дивоградба.
Слично така, на епиграф, прозвучи и „Република Македонија“ од собраниската говорница по повод новата заклетва. Прочитано од срце, по грешка или со скриена прагматична цел (зачната во Уставот како „осми патник“), името сепак ја „пропушти“ и основната, движечка идеја на своите создатели. Како и епиграфот – привлекува и мами над сите времен(ск)и измами и допира од своите автори до своите уште (не)писмени читатели.
Токму во името, како на некаков таинствен предел, се среќава човек со своите претходници и следбеници, а чувството за личното и колективното, благодарноста и должноста – се преклопува.
Низ (твоето) лично име, како што тоа убаво го растајнува Анте Поповски – му се обраќаат твоите човечки одговорности и доколку држиш до своето име, ти не можеш а да не се одзвеш (како на повикот на сопствената мајка): „во големите животни испити ти повеќе внимаваш на своето име отколку на својот живот!“
Тоа е врската меѓу потомците и предците, како што фамилијарното име е врската помеѓу родителите и децата: од него ни се обраќаат учителите и бранителите што ги носиме во себе низ своите животни предизвици, а кои збогатени за уште едно животно искуство им ги предаваме на нашите следбеници како книга и штит за нивните уште неразденети битки и закани. Тоа е и мостот помеѓу генерациите, чија градба никогаш не завршува, а и се предава на една генерација како должност, труд и награда што треба достоинствено да премости до генерацијата што доаѓа.
Името е она што стои на влезот на животот и светлината – самата мугра, што таинствено привлекува и мами на тесниот и краток раб над темнината.
Кому би служела таа (муграта) како праг меѓу ноќта и денот, без своите недовршености и недофатливости и без своите недоразгатливи контури и пројави, кои со секој нов ден како да (ни) откриваат нов простор за вселување на соништата што ја „преживеале“ ноќта?
Кому би му служеле нејзините светли тонови и нежни ветрови, толку обновувачки и свежи наспроти вечерните наличја на истите бои и струења, ако не на надежните насетувања и охрабрувачки навестувања како совршен изговор на животот над смртта?
Наспроти неа е самракот, како нем „празник“ на безначајноста, во која еднаш гасне сè и секој.
Некаде, како во насловот на Кундера, таа (безначајноста) знае да биде невина, па дури и убава. „Безначајноста е“, вели еден од ликовите, „суштината на постоењето. Таа е со нас секаде и секогаш. Присутна е дури и онаму каде што човек не сака да ја гледа: во ужасите, во крвавите борби, во најлошите несреќи. Честопати треба да се има храброст да се препознае во толку драматични услови и да се нарече со нејзиното име.“
Во романот, таа е клучот на мудроста и доброто расположение. Овде е потешко, на безначајноста во која празнично се „раскити“ македонската посебност да ѝ се припише изворот на мудроста, уште помалку изворот на доброто расположение, од кое останале само трошки на еден ваков значаен национален македонски празник.
Оваа генерација македонски (не)зависници се „плен“ на она што поетот Анте Поповски го именува како духовен канибализам – не мора да има војна за да се загине, а кога правиш (и аминуваш) подли компромиси – (ти) оставаш дамки врз своето име засекогаш!
…
Еден од механизмите на отпор во Чехословачка под Советите била смеата низ широко отворени прозорци, како самоодбрана пред наметната нова нормалност – таа да не се сфаќа сериозно. Што може да стори „една дамка крв што зборува“ (Никита Станеску)?
Да ги отвори ширум прозорците. И да се смее.
Празник е. Силно светнал ден!