Јас, драги мои, верувам во паролата нема правда – нема мир! Дури мислам дека таа треба и да се прошири и надгради, секако не онака како што го разбираше и практикуваше тоа поранешниот премиер Груевски: проширување со комуњаризирање и надградување со наткрадување, напротив, со декомуњаризација низ десеверџанизација и надградување низ разградување на системот што го инсталира Бранко Црвенковски во 1996 година кога ја сдсмизираше целата држава со фирата од општеството, создавајќи елита од потпросечните. Затоа, предлагам паролата „нема правда – нема мир“ да се прошири во „нема правда – нема помирување“! Сакам во последната колумна од оваа, за мене навистина болна, тешка и трауматична, година да ги поставам и споделам со вас – јавноста идеите во кои верувам и со кои, според моето разбирање на нештата, единствено е возможно да се направат политички и социјални промени во Македонија, што ќе овозможат претпоставки за економски и духовен развој на државата и на македонскиот народ. Не е ова ништо ново и не го пишувам и зборувам првпат, но сфатив дека некои работи мора да се повторуваат, од почеток, повторно и пак одново и сѐ така, и сѐ наново! Но да одиме со ред. Што е тоа во што верувам дека доколку се промени ќе овозможи јасна, видлива, препознатлива, применлива, долгорочна и одржлива промена не само на системот на управување со државата туку и промени кај човекот, на граѓанинот и природата околу него како материјално и духовно опкружување што е и средиште на мојот интелектуален интерес.
Длабока реформа на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Давање отказ на сите наставници и целата администрација и трансформирање во повеќе универзитети со една и единствена цел: мелоризација на македонската база на општественото пропаѓање и уништување на оваа образовна маларична болест на незнаење и девастација на умот преку отстранување (секако со исклучоци) на оние маларични комарци на универзитетска фарса од програми и наставници што наместо знаење, квалификации, компетенции и самодоверба седумдесет години произведуваат незнаење и полтронство кон квазиелитите на црвената буржоазија, која управува со овој систем од 1945 година па сѐ до овој момент сега. Ова е почетната точка.
Универзитетот треба да се раздели на делови со создавање нов универзитет за правни и политички науки и нов универзитет за економски науки, со што ќе се направи чистење до дното на овие најмаларични делови на македонското образовно блато, кое го оневозможува, попречува и растура системот на создавање правен поредок, владеење на правото и демократијата и воспоставување пазар на слободно претприемаштво, борба на идеи, пазарни односи, можности за сите и економски и социјален развој. Оддржавување, анационализација и одземање на државниот имот на она што се самонарекува МАНУ (правно конститутивно тоа е АНУРСМ) и создавање интегриран систем на национални академии за сценски, музички и ликовни уметности со што ќе се професионализира и постави на високо образовно и научно ниво општествената надградба, која во овој момент е претворена во културно-уметничка депонија на отпадот на црвената буржоазија, која ова сфера ја смета за своја класна и безмалку аристократска придобивка.
Распуштање на судството, обвинителството, правобранителството и формирање нова адвокатска комора на Македонија: со што ќе се направи општ реизбор на судии, обвинители и правобранители, но и ќе се изврши и целосна профилактика на системот на право и правдараздавање, како основен предуслов за враќање на општата доверба на граѓаните во државата и нејзините институции. Оттука почнува сѐ.
Правораздавањето во Македонија е леукемичниот крвоток на нацијата што низ нашите вени шири недоверба, страв, поединечна, општа и деловна несигурност на граѓаните и правните ентитети во економијата, невладиниот сектор и остварувањето право на мислење, говор, слобода на организирање и остварување лични и колективни права и заштита од страна на системот на право и правда. Создавање трибунал што ќе ги преоцени и преиспита сите договори, спогодби и закони што доведоа до промена на Уставот на државата Македонија, регресија и репресија во практикувањето на националниот, културниот и цивилизацискиот идентитет на Македонците по род во државата Македонија и надвор од неа и создавање правен систем за оневозможување (преку законска и судска казнивост) на секој облик на изигрување на правниот поредок со сила или со политички влијанија.
Реформа на политичкиот и изборниот систем, Собранието и неговите тела, ограничување на министерските места, реорганизација на Владата, другите државни и јавни институции, агенции, претпријатија и создавање ефикасни форми за контрола на работењето на извршната власт со воспоставување систем на постојана контрола и нетолеранција кон секого, дури и најнезначаен облик на самовластие или самоволие на избрани функционери и државни службеници. Рушење на системот на клиентелизам и партизација на институциите и воспоставување систем на јавна администрација на квалификувани и компетентни извршители. Одземање на сите привилегии надвор од основните потреби за вршење државна и јавна работа или дејност. Нова општинска и регионална поделба на државата за создавање систем на одржлив развој и остварување економска база како основа за општествена надградба на локално ниво во областа на социјалната заштита, културата, спортот, туризмот и екологијата, како најважни алатки за практикување на слободата на човекот и граѓанинот. Создавање јавна свест и пример за граѓанско поведение, пријавување корупција, законски престапи и криминал.
Прогласување на Македонија за држава на сите што се чувствуваат како Македонци по род и започнување процес на доселување и репатријаризација на сите Македонци по род што од древноста, па до денес по сродство, по идентитет или по самоопределба се идентификуваат како дел од македонскиот народ. Создавање државен систем што ќе стимулира нивно враќање во татковината и активна политичка, социјална, економска, културна и национална инклузија во целото општество на целата територија на државата Македонија. Национализација на имотот и објектите на Македонската православна црква и на Исламската верска заедница, кои се дел од хеленското, древномакедонското, римското и отоманското владеење на територијата на Македонија и прогласување за национално богатство во облик на музеи и културни центри и нивно ставање во туристичка и економска функција, управувани од државни или од овластени и квалификувани јавни организации.
Напуштање на кирилското писмо, воведување на глаголицата како државно и национално писмо и овозможување нов и еднаков почеток на сите граѓани во системот на образование и почнување на меѓусебно помирување, простување, обединување и враќање во вредностите на националното, културното и цивилизациското практикување на поединечните и општите вредности во национална и граѓанска смисла.
Но пред тоа и пред сѐ: аболиција на сите обвинети и осудени за настаните од април 2017 година, вклучување во општествениот живот и враќање на нивните изгубени човечки и социјални права.
Поднесување обвиненија и почнување судски процеси за ставање на државата во подредена положба и склучување штетни договори на поединци, групи и организации.
Секој обид за реформи што не вклучуваат рушење на овој систем на болни метастази на општеството и државата Македонија ќе бидат само изгубено време и само уште еднаш ќе ја доведат во прашање општата доверба во земјата и, што е уште пострашно, ќе го засилат процесот на губење на самодовербата и самоидентификација со Македонија и Македонците како државотворен и општо одговорен, но и како самоодговорен народ.
И секако, на крајот, да се вратам на почетокот: нема правда – нема помирување! За мене, ова е само почетна точка кон создавање услови за помирување. Реформата на системот е претпоставка за идентификација на оние што се чувствуваат и определуваат како Македонци, во спротивно ризикуваме поделба на нацијата по уште една линија: на севернаци (северџани) по устав и на Македонци по род и продолжување на антагонизмот, кој во време пред или по геостратегиски промени (кои се на повидок!) може да доведе до меѓусебен судир и војна.
Среќна Нова година и честит Божиќ. За многу години, драги мои. Ви благодарам што бевме заедно. Следната година да читаме повеќе, за да знаеме повеќе. Ѝ благодарам на редакцијата на „Нова Македонија“ за соработката и просторот. Здравје, среќа и ум на сите во 2021 година.
Авторот е режисер и универзитетски професор