Оружениот судир во Донбас не стивнува веќе седма година. За сето ова време, украинската страна се обидуваше да ја префрли одговорноста за ова на Русија, и покрај она што е, чинам, широко познато – односно токму Киев, по државниот удар во февруари 2014 година, го започна конфликтот со употреба на воена сила против сопствените граѓани.
Како резултат, според процените на ООН, починале повеќе од 13 илјади луѓе. На линијата на фронтот, одвреме-навреме се слушаат истрели, се пролева крв. Според податоците на Специјалната набљудувачка мисија (СММ) на ОБСЕ во Украина, во периодот од јануари 2017 година до септември 2020 година, од двете страни поради гранатирање и експлозии загинаа 161 цивил, ранети се 785 лица, меѓу жртвите се 100 деца. Огромен регион што ги опфаќа Доњечката и Луганската Република, продолжува да живее во тешки услови на социоекономската и транспортна блокада.
Меѓународната заедница веќе шест и пол години се обидува да помогне во враќањето на мирот на истокот на Украина. Иако водечките европски држави се вклучени во овие напори, не им успева целосно да ја стабилизираат состојбата во Донбас. Постојат различни мислења зошто процесот на решавање е толку тежок и сѐ повеќе се одвива според добро познатиот израз „еден чекор напред, па два чекора назад“.
За Русија, одговор на ова прашање е очигледен.
Во исто време, би сакале да ѝ дадеме можност на македонската јавност да си донесе свои заклучоци. Затоа, ќе ги разгледаме резултатите од самитот во Париз во „нормандискиот формат“, особено затоа што неколку дена подоцна – на 9 декември – се навршува една година од неговото одржување.
На тој состанок лидерите на Русија, Германија, Украина и на Франција се договорија за седум конкретни чекори за нормализација на состојбата во зоната на конфликтот. Според договор, чекорите би требало да бидат спроведени до април 2020 година. До денес, само два од нив се реализирани, но дури и тогаш само делумно.
Прво, Киев и Донбас започнаа размена на притвореници, благодарение на што 234 лица успеаја да се вратат дома. Сепак, украинската страна не ги исполни своите обврски целосно: некои од притвореници не беа ослободени од обвиненија и осуди. Во моментов, оваа практика не може да продолжи.
Второ, во јули оваа година беа одобрени мерки за зајакнување на режимот на прекин на огнот. Станува збор за забрана за офанзивни дејствија, разузнавачки операции и диверзии, користење авионска техника и употреба на секаков вид оган. Во принцип, овие договори се почитуваат, иако не е 100 отсто: за периодот од август до октомври 2020 година, СММ на ОБСЕ забележа околу 1.600 истрели.
Преостанатите пет одлуки од самитот во Париз сè уште остануваат на хартија, а за тоа е одговорна Украина. За што станува збор тука?
Киев продолжува да избегнува директен дијалог со претставниците на Доњецк и Луганск, вклучувајќи и согласување со нив на правните аспекти на специјалниот статус на Донбас, кој натаму треба да се имплементира во Уставот на земјата. Наместо тоа, украинските власти спроведуваат, всушност, казнена – според нивната терминологија, „антитерористичка“ – операција против сопственото население.
Во украинското законодавство сè уште не е имплементирана т.н. „формула на Штајнмаер“ предложена од претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, кога тој беше во функција на министер за надворешни работи, која предвидува влегување во сила на закон за специјален статус на Донбас на денот на одржувањето на локални избори во овие области.
Поради ставот на Киев, не се успева да се договорат нови области за раздвојувањето на силите и средствата на линијата на фронтот и области за деминирање.
Не се отворени нови контролни пунктови на контактната линија во Луганската Област.
Негативен ефект имаше одлуката на Врховната рада (парламент) на Украина да организира локални избори на 25 октомври: таа всушност ја блокираше работата на Контактната група, која претставува работно тело за прашања за решавање на конфликтот. Гласањето беше закажано низ целата земја, со исклучок на Доњецк и Луганск, каде што изборите ќе бидат дозволени само откако Киев ќе ја врати целосната контрола врз Донбас.
Ова е радикално спротивно на клучниот документ за внатрешното украинско решавање – „Пакетот мерки за спроведување на договорите од Минск“, кој беше потпишан во февруари 2015 година, и одобрен со резолуцијата 2202 на Советот за безбедност на ООН. Како одговор, Доњецк и Луганск одбија да разгледаат какви било други прашања сè додека оваа одлука не се поништи.
Така, саботажата на договорите од Минск, која започна, всушност, веднаш по нивното потпишување, сѐ повеќе добива заканувачки размери. Официјалните лица на Украина отворено го нарекуваат воспоставениот поредок на политичко решавање „погрешен“, што значи дека тој не е обврзувачки. Најмногу го иритира Киев одредбата на „Пакетот мерки“, која вели дека обновувањето на украинската контрола врз границата со Русија е последната фаза по воведување на специјалниот статус на Донбас и одржување локални избори.
На неодамнешниот состанок на Контактната групата, украинската страна како алтернатива на постојните договори претстави свој „план за заеднички активности“, кој целосно го поништува духот и словото на договорите од Минск и е всушност обид за нивното препишување. Според шефот на украинската делегација, Киев нема намера да го имплементира специјалниот статус на Донбас во основниот закон на земјата. Овој пристап ја доведува во прашање самата перспектива за решавање на кризата.
Постојаната критика од страна на политичарите во Киев во однос на „Пакетот мерки“, намерно омаловажувањето на работата на Контактната групата при давање преголемо значење на улогата на „нормандискиот формат“, редовните напади врз Русија како „страна во конфликтот“ и „држава-агресор“, се разбира, имаат исклучително неповолен ефект врз процесот на решавање.
Не придонесува за решавање и продолжувањето со политика на дискриминација од страна на Киев во однос на руски и рускојазични граѓани на Украина, која крши голем број меѓународни документи, вклучувајќи ги и Конвенцијата на УНЕСКО против дискриминација во образованието, Европската повелба за регионални и малцински јазици, заклучоците на Венецијанската комисија на Советот на Европа и релевантните заложби на ОБСЕ.
Ограничувањето на правата на милиони луѓе врз основа на националност и јазик останува дел од украинското секојдневие. Но поентата не е само
во тоа – во земјата продолжуваат да ги величаат соучесниците на фашизмот, да ги охрабруваат манифестациите на екстремизмот и неонацизмот, ги оставаат неказнети сторителите на масакрот врз противниците на „Мајдан“ во Одеса, на 2 мај 2014 година, секоја година „доследно“ гласаат против резолуцијата на Генералното собрание ООН за борба против глорификација на нацизмот (патем, Украина е една од двете земји што го заземаат овој став). Листата на примери за такви активности е преголема за да биде наведена во оваа колумна.
Разочарува и фактот дека нашите колеги од „нормандиската четворка“ – Германија и Франција – претпочитаат да ги „не забележуваат“ отворените обиди на Киев да ги поткопа темелите на решавање во Донбас, одобрени од Советот за безбедност на ООН. Напротив, тие дури ги пофалуваат украинските власти за „успешното“ спроведување на одлуките од самитот во Париз, поттикнувајќи го ваквиот неодговорен пристап и зајакнувајќи го чувството на седозволеност. Сите се сеќаваме на историјата и добро знаеме какви можат да бидат резултатите.
Сметаме дека за сите е очигледно дека станува збор за намерно поткопување од украинската страна на какви било мировни иницијативи. И сè додека ваквото однесување на Киев ужива поддршка, конфликтот што тлее на истокот на земјата нема да биде изгаснат.
Авторот е амбасадор на Руската Федерација во Македонија