Јани Бојаџи
На крајот од неговата книга на лабораториски есеи „Невидливиот филм“, кое е едно од најзначајните четива за суштината на уметноста на подвижните слики – филмските карактери, таткото на современата сценаристика Жан-Клод Кариер, трагајќи по нормалните карактери, раскажува за неговата средба со Оливер Сакс, еден од најзначајните психолози на 20 век, но и автор на неколку филмски сценарија, каде што познатиот мајстор на „болестите на драмата“ бара од познатиот доктор за „болките на душата“ да му одговори на прашањето што кутриот Кариер цел живот си го поставувал, а тоа е: што е тоа нормален (карактер) човек. Оливер Сакс му одговорил: „Нормален човек е тој што знае да си ја раскаже сопствената историја, кој знае од каде доаѓа (има минато), знае каде е (поседува идентитет) и верува дека знае каде оди (има планови за животот и за смртта на крајот)“.
Дообјаснувањата што се во загради ги ставил самиот Жан-Клод Кариер, за некои читатели подобро да разберат што сакал да каже познатиот психолог. Во филмот, особено во сценаристиката како наука, во структурата на карактерите се познати таканаречените полиморфни карактери, кои во суштина се еден карактер – составен од повеќе различни субјекти што дејствуваат како еден: таквите карактери се нарекуваат НАРОД, ГРАЃАНИ, ДЕМОНСТРАНТИ, МУЗИЧАРИ, ВОЈНИЦИ и слично. Но во моментот кога сценариото преминува од машината на сценаристот во раката на режисерот, тој полиморфен карактер, составен од многу, некогаш десетици, стотици, па и илјадници или дури милиони одделни карактери (како во филмот „Армагедон“ на пример), е тој карактер мора да биде карактеризиран, односно мора да му се направи таканаречена биографија и да се објасни точно, недвосмислено и јасно кој е тој полиморфен карактер?! Тој треба да има сопствена историја, односно секој актер или натуршчик што е дел од полиморфниот карактер мора да знае сѐ за неговата историја од каде доаѓа, каде е и каде верува дека ќе отиде, во спротивно тој полиморфен карактер ќе се распадне и нема да ги исполнува трите основни критериуми за да се нарече карактер: да биде оригинален, уникатен и функционален!
Така е тоа во светот на филмот, кој како најголема синкретика на уметноста во себе ги содржи не само сите видови и жанрови на уметности туку и сѐ што природата и човекот создале од генезисот (првиот ден на постанокот) па до армагедонот (крајот на светот). Тие полиморфни карактери во еден филм дејствуваат унисоно кога сакаат да остварат некоjа заедничка цел. Во епските филмови полиморфните карактери се тие што секогаш во точката на саспенсот ги иницираат пресвртите и во голема мера се одлучната мотивација за промените што доаѓаат со кулминацијата и расплетот и повторно стануваат дејствителни и имаат поведение на карактери што треба да ја засилат идентификацијата на гледачите кај кои на крајот ќе се произведе и катарзис, односно духовно и физичко прочистување! Но кога полиморфните карактери треба со нивното поведение да го мотивираат распадот на определена мотивација создавана до тој момент, тие престануваат да дејствуваат унисоно и прво се разделуваат на мали групи, а потоа и на одделни поединечни карактери во кои одделните групи и поединечните карактери дејствуваат не како протагонисти или контагонисти, туку како антагонисти на полиморфниот карактер протагонист или контагонист кон протагонистот. Така се создава онаа позната сцена од филмот „Храбро срце“ на режисерот Мел Гибсон кога ШКОТЛАНЃАНИТЕ како полиморфен карактер ќе се распадне и подели на одделни групи и поединечни карактери и нема да се случи првопланираното востание против Англичаните!
Претпоставувам дека крајот на тој сега веќе епски филм им е познат на мноштвото мои читатели, а тие што го подзаборавиле може да го погледнат уште еднаш, со што ќе направат две работи: првата, ќе уживаат во ремек-делото на Мел Гибсон, а втората е дека ќе научат нешто за полиморфните карактери и приказната што ја раскажувам, а не се однесува само на драматургијата и филмот, туку и на човекот и човештвото како предмет на основниот интерес на секој филм со историја (сценарио), идентитет (карактери) и планови за иднината (дејство)!
Според Аристотел, уметноста е мимезис, подражавање или имитација на природата, а филмот пак има една единствена крајна цел – до толку добро да ја имитира природата за гледачите да поверуваат дека тоа не е историја, расказ, измислица, фикција, туку жива вистина! Ако е така, дали тогаш ние, зборувајќи за поведението и дејствувањето на карактерите на филм, може да научиме и за тоа како во реалноста, односно во живиот живот дејствува човекот и какво е неговото нормално поведение? Да се вратиме на почетокот од нашата приказна и одговорот на познатиот психолог Оливер Сакс за тоа што е нормален човек? Кој денес во Македонија може да ја раскаже сопствената историја и да каже од каде доаѓа, каде е и каде планира да замине? Драги мои, македонските филмови долги години страдаа од една сценаристичка болест, а тоа е недостиг од карактери. Сите наши филмови во суштина имаа добри, пикантни приказни. Но во тие приказни дејството напред не го движеа карактерите со нивното поведение туку наративот, односно фабулата со нејзината интрига.
Па, така, за некој македонски филм ретко кој зборуваше како во тој и тој филм, тој и тој карактер го направил тоа и тоа или ја кажал онаа реплика. Главно сите се сеќаваа и зборуваа за приказната. Македонските филмови поради некој само ним својствен феномен беа изградени од еден вид различни полиморфни карактери, кои со јазикот на публиката можеа да се наречат добрите оние, лошите овие, нашите вакви или нивните онакви! Кажете ми кои се карактерите во филмовите „Солунските атентатори“, „Македонска крвава свадба“, „Мис Стон“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Црно семе“? Па дури и во филмовите на Милчо Манчевски постои таа феноменологија на полиморфни карактери на добри, лоши, богати, сиромашни, Македонци, Албанци, Турци, православни или муслимани. Но тоа не се полиморфни карактери што дејствуваат унисоно, дури и во епски приказни. Тоа се карактери што единечниот субјективитет на во суштина различните карактери што го сочинуваат тој полиморфен карактер, не знаат ништо ниту за поединечните ниту за колективните основни биографски карактеристики што ја создаваат таканаречената карактеризација, па немаат поим од каде доаѓаат, каде се во моментот и каде веруваат дека ќе заминат!
Со самото тоа излегуваат од сферата на човечкото нормално како образец за филмското-уметничко нормално во смисла на Аристотел! Поради сето тоа ние имавме кинематографија што како уметност што го имитира живиот живот (повторно во смисла на Аристотел!) во суштина беше поставена на приказната за полиморфните карактери што дејствуваат во сопствената ненормалност предизвикана од фактот дека не знаат ништо за себеси, немаат сопствена историја, не знаат од каде доаѓаат, каде се наоѓаат во моментот и не веруваат дека знаат каде ќе заминат! Се плашам дека една друга феноменологија, необјаснива со логиката на здравиот разум, во која обратно од нормалното, живиот живот ја подражава односно ја имитира уметноста, во нашиот случај филмот, до толку влијаела во Македонија за денес мнозинството реални Македонци да дејствуваат како измислени карактери што немаат своја историја и не знаат од каде доаѓаат, каде се во моментот и каде планираат да заминат! Макар и во смрт, како личен избор или како драматуршка разврска изградена во сценариото како сопствена историја за која се согласуваат дека ќе ја живеат од експозицијата, па до кулминацијата, расплетот и крајот со физички и духовен катарзис не само кај публиката туку и кај протагонистите, антагонистите, контагонистите и резонаторските карактери.
Би сакал да верувам дека во некој нов македонски епски филм на прашањето кој доаѓа, одговорот нема да биде: македонскиот народ, туку Ѓорѓи Ѓоргиевски, како поединечен карактер! Најпосле, сѐ додека не се изградат поединечни карактери протагонисти, на Македонија нема да ѝ се случи Вилијам Волис, а на македонската кинематографија „Храбро срце“. Крајно време е да ги растуриме македонските полиморфни карактери, кои во последните сто години се користат како место во кое ќе се скријат поединечните, индивидуалните карактери со лична драма и лично страдање и најпосле ќе напишеме сценарио во кое драмското дејство напред ќе го движи индивидуален карактер што има мотивација да направи личен подвиг како херојски чин! Затоа што, да не се лажеме, не постојат полиморфни карактери што во последен момент ќе го притиснат прекинувачот, кој ќе ја активира бомбата што ќе го разнесе метеорот што се заканува дека ќе удри во планетата Земја и ќе нѐ убие сите! Херојот е еден, и се вика Брус Вилис!
Таквото дејствување во животот, а и со тоа во уметноста, односно во филмот, е дел од карактеризацијата на карактерот на индивидуалецот, односно на поединецот како херој на денот или херој на векот, сеедно! Никаде, во ниту еден филм, а со тоа и во живиот живот, пак во смисла на Аристотел, ниту еден полиморфен карактер не отишол доброволно да го распнат на Кавказ! Тој карактер е индивидуален и се вика Прометеј! Затоа, ве молам, престанете од народот како полиморфен карактер да барате карактеризации што не ги поседува! Хероизмот е лична, работа на поединецот! Така било, така и ќе биде. Никој и никогаш нема да напише сценарио во кое целиот народ ќе се искачи на врвот на планината и во знак на победа сите ќе ги веат знамињата на слободата! Нема таков филм, скап е, а и неестетски! Ако сакаме да стигнеме до катарзисот на крајот од филмот, мора да прифатиме дека тоа знаме ќе мора да го развее еден или неколкумина најхрабри од нас! Сите до еден, гинејќи околу тоа знаме! А ние, ние што ќе сведочиме на тоа, ние ќе се задоволиме со аплаузите!
Авторот е режисер и универзитетски професор