Изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања дополнително внесува немир во Македонија, затоа што конечно имаме и потврда дека Зоран Заев нема проблем да признае дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот јазик или, пак, дека во минатото бил бугарски јазик, или која било варијација на оваа тема. За него тоа воопшто не е битно, доколку го добие датумот на преговорите
Автор: Ивица Боцевски
„Португалија е новиот душман! Удрете сега по Португалија…“ Актуелното раководство на земјава, предводено од Зоран Заев, го откри најновиот враг на проектот „Северна…“, па изминативе два дена жолчен отров се излева кон таа кобна Португалија од сите медиумски, „интелектуални“ и политички поддржувачи на власта. Повод за овој најнов хормонален изблик е изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“ и дека Европската Унија мора да ги земе предвид позициите на Бугарија и да се оневозможи увоз на билатерални проблеми во ЕУ.
Јас, нормално, нема да се придружам кон хорот на Зоран Заев, а најмалку имам намера да ја критикувам португалската дипломатија и да влегувам во плиткоумни „анализи“ за актуелните европски односи, во сите нивни димензии.
Впрочем, португалската дипломатија е една од најсилните, најугледни и најуспешни европски и глобални дипломатии. Тие се единствената нација на Иберискиот Полуостров што успеала да ја зачува својата независност и да не потпадне под суверенитетот на кастилијанската круна, го имаат најстариот сè уште важечки билатерален договор во дипломатската историја (англо-португалскиот договор од 1373 година), а преку португалскиот јазик оваа десетмилионска нација е културна глобална велесила. Во Брисел сè уште ви ги посочуваат Португалците како пример за успешни преговарачи при пристапните преговори за влез во Унијата. Во меѓувреме, португалската дипломатија може да се пофали со актуелниот генерален секретар на ООН, Антонио Гутерес, со поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, и со претходниот претседател на Еврогрупата, Марио Сентеро.
Се вели дека клучот за глобалниот успех на Португалија низ вековите лежи токму во одличната португалска дипломатија, позната по ригидната селекција на идните дипломати аристократи уште од средниот век, преку нивната некогашна империјална дипломатија и администрација, па сè до актуелниот строг и тежок влезен испит во современата португалска дипломатија. Оваа стриктна селекција на дипломатите во Португалија важи и во светот на политиката, па таму партиите многу внимаваат кого номинираат за политичките именувања во португалската дипломатија, како што е случајот и за Ана Паула Закаријаш, актуелната португалска државна секретарка за европски прашања (видете ја, впрочем, нејзината биографија).
„Тивка вода, брег рони“, па така и португалската дипломатија.
Португалија е земја со жив и критички настроен печат, како и со богата внатрешна дебата (за жал, кај нас не сме толку добро запознаени со случувањата околу португалската демократизација и каранфилската револуција, а посебно надворешнополитичката димензија на овие настани). Во однос на Балканот, пак, нивните способни медиумски пера и интелектуалци често умеат да изненадат со продлабочени анализи за Балканот, кои отстапуваат од клишето на стереотипските прикажувања на нашиот регион во англосаксонскиот или во печатот на германски јазик. А португалската дипломатија дополнително го познава Балканскиот Регион и преку учеството на португалската армија безмалку во сите балкански мировни мисии, вклучувајќи и со еден офицер во некогашната мисија на Обединетите нации, УНПРЕДЕП, во Македонија.
Оттука, не е можна грешка на португалската дипломатија, уште помалку е можно португалскиот државен секретар да излезе со неодмерена или истрчана изјава, а најмалку е можно Португалија да има некаков потценувачки или омаловажувачки однос кон Македонија. Тоа се потврди и по демантот што дојде од португалската нерезидентна амбасадорка во Македонија, Марија Виржинија Мендес да Силва Пина, дека „Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Македонија. Напротив, постојано се обидуваме да го олесниме“. Имајќи ја предвид светлосната дипломатска брзина со која дојде овој демант, имаме уште доказ дека палатата „Несесидадес“ во Лисабон во чекор го следи и јавното мислење во Македонија, како што тоа доликува на дипломатија од таков ков.
Значи проблемот не е во Португалија и португалската државна секретарка за европски прашања не дала токму така некаква безрасудна или брзоплета изјава. Проблемот лежи во Скопје и во дипломатијата на Зоран Заев.
Совршено е јасно дека Португалија не би се истрчувала со каков било предлог за надминување на бугарското вето кон Македонија, доколку нивната дипломатија темелно не го сондирала теренот во Скопје и во Софија, па потоа не го изодела дипломатскиот пат низ телата во Брисел, пред сè на Советот на ЕУ, но и во критичните главни градови во Европа, а веројатно и во Вашингтон, чие влијание е неоспорно и на Балканот, но и во бриселските европски коридори. Познавајќи го нивниот приод, португалскиот предлог, кој сè уште не го видел светлото на денот, би требало да биде балансиран документ што го бара средниот пат помеѓу позициите на актуелно Скопје и на консензуалните позиции на Софија (секако дека овој предлог не одговара на ставовите на јавното мислење во Македонија, но владите ги претставуваат државите, а другите дипломатии тоа го уважуваат како темелен принцип на меѓународните односи).
Нашиот проблем е што актуелната македонска дипломатска позиција ја дефинира Зоран Заев, кој има само еден и единствен фокус – за време на неговиот мандат земјава да добие датум за преговори. Него ништо друго не го интересира и тој нема никакви скрупули во безглавото трчање кон овој негов „свет грал“. Од претходните искуства со Договорот за добрососедство со Бугарија, како и со националната катастрофа наречена Договорот од Нивици, знаеме дека неговиот стил на преговарање е строго трансакциски, без никакво внимание кон процесот, кон стратегиската рамка или кон последиците од трансакциите.
Трансакцискиот стил на преговарање е само малку пософистициран начин во теоријата на преговори или во теоријата на меѓународни односи да се каже пазарџиски начин на водење преговори. На пример, купувачот вели „колку ти е лубеницата“, а продавачот одговара „15 денари килограм“, па по кратко „надмудрување“, пазарлак и ситничарење се договараат купувачот да земе три лубеници по 12 денари за килограм (овој дијалог околу лубениците го слушнавме деновиве со констатацијата на Заев дека „решивме три историски личности и пет историски периоди“, а јас не успеав да пронајдам ниту една таква изјава на кој било премиер во светот за работата на која било меѓудржавна историска комисија). Во меѓународните односи ретко се употребува тој приод во преговорите, затоа што помеѓу државите најголемиот дел од прашањата не може да се решат со „на ти го – дај ми го“, па водачите што „решиле“ проблем на овој начин најчесто само ги умножиле и ги увеличиле проблемите. Често е доволно да дојдеме до разбирање дека не се согласуваме околу некое прашање, за да овозможиме да тече договарањето по сите други прашања, а се случува и договорот да биде едноставно невозможен.
Оттука, изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања дополнително внесува немир во Македонија, затоа што конечно имаме и потврда дека Зоран Заев нема проблем да признае дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот јазик или, пак, дека во минатото бил бугарски јазик, или која било варијација на оваа тема. За него тоа воопшто не е битно, доколку го добие датумот на преговорите. Тој секако дека го соопштил ова и пред врвните бугарски раководители и на затворените средби пред високите европски дипломати што дошле и доаѓаат да го сондираат теренот околу „можното решение“ за надминување на бугарското вето. Проблем на македонските власти се единствено претстојните избори и очекуваната реакција на македонската јавност по соопштувањето на „компромисот“, но секако дека Зоран Заев веќе го има во глава „решението“ и ќе го ефектуира по локалните избори кај нас.
Затоа, почитувани полемичари, не тепајте го толку жолчно самарот и не лутете ѝ се на Ана Паула Закаријаш, португалската државна секретарка за европски прашања. Наместо тоа, треба да ѝ се заблагодариме што ни ги откри срамните преговарачки позиции на македонската влада, која наскоро ќе го втурне македонскиот народ во уште една национална катастрофа.