Националната политика, драги мои, не е реализам на моментот. Националната политика, драги мои, не е логиката на нештата – сега. Националната политика не е емоционален избор на решение на една општествена група, на јавноста, на владата, дури ниту на нацијата за проблем што во тој момент сите сметаат дека е круцијален и треба да се реши така како што тие мислат дека треба да се реши. Националната политика, драги мои, не се интересира за решенија во сегашноста. Националната политика, драги мои, се занимава само и единствено со решенија што се однесуваат на минатото и таа е перманентен обид за поправање, доправање, доградување или отстранување на грешките направени во тоа национално минато, подоцна формирано како национална историја. Сѐ друго е дневна политика. Политика на моментот, која откако ќе биде валоризирана со единствениот важен и меродавен фактор за нејзината важност, а тоа е времето, ќе биде ставена на полицата на националната политика, каде што некои идни генерации, во некои идни времиња, ќе имаат национална задача да ја менуваат – затоа што во минатото на погрешен начин се остварувала или била пречка на патот за остварувањето на националните задачи во иднината. Точка по прашањето. Националната политика, драги мои, е државотворна политика и таа не зависи од ништо и од никого и од никакви политички, идеолошки, етнички, религиозни, па дури и општествени уредувања на самата држава и нација. Националната политика, драги мои, не е во зависност ниту од тоа дали државата е робовладетелска, феудална, тиранија, монархија, капитализам, социјализам, комунизам, фашизам, либерална или друг вид демократија. Зошто го кажувам ова? Затоа што триесет години живееме во лаги создавани од сите, но спонзорирани од „ЕУ-МЕУ и НАТО-МАТО“, дека Македонија и Македонците ќе ја добијат својата правда единствено, и само единствено, ако го следат патот на компромиси, заемни односи и почитување кон соседните и другите европски држави што не се тоа што некои „мрачни сили“ во Македонија мислат дека се: туку идеалност што почива на француските граѓански католички вредности за братство, еднаквост и слобода и на германскиот протестантски меркантилистички идеал за материјално богатство, кој и вам ќе ви се оствари само и ако доволно долго и доволно убедливо се надевате во тоа.
Смешно е, нели? Во Македонија се произведуваше и сѐ уште се произведува државна политика на сеење страв и ужас во кој ќе се најдат Македонците, државата, нацијата, политичките партии, интелектуалците, медиумите, дури и националните центри на политичка и економска моќ доколку не им се потчинуваат на тие определби и доколку не се движат по тој пат, кој гарантира дека на крајот, макар и потрошени и недостоинствени, макар и уморни, сепак ќе стигнеме до целта, каде што и за Македонците ќе има правда, мир и леб! И точка по прашањето. Македонците од ЕУ и НАТО бараат (поправо би било да се каже – очекуваат, затоа што ние и немаме формирано барање) правда, мир и леб! Повторувам: правда, мир и леб! И по третпат: правда, мир и леб! Што добивме во овие триесет години? Неправди, војна и глад, кој е на повидок! Македонија и Македонците триесет години се предмет на тортура, изживување и силувања на здравиот разум дека ај што немаме право на минато туку немаме право ни на иднина, каква било, дури и кога не можеме да ја оствариме во ЕУ и во НАТО. Ние сме заплашувани дека во моментот кога некој од нас ќе помисли оти може да се направи нешто друго а тоа да не е во директна врска со ЕУ и НАТО, за да добиеме, ако не леб, барем мир и правда, дека веднаш во неговото тело ќе се всели ѓаволот, а неговата душа ќе биде запоседната од зли духови што ќе господарат со него. Македонија и Македонците триесет години се држат во фашистички страв од можноста дека воопшто постои можност за каква било можност, ако не се тие и нивната можност што можеби ќе ни ја понудат доколку се трудиме и работиме уште повеќе на себепонижувањето, себенегирањето и себепотчинувањето.
Македонија и Македонците се заробени во сопствениот дом и од сопствените деца, кои ги инструирале да се срамат и да ги мразат своите предци како прости, гнасни и недостојни да се наречат дедо, баба, мајка, татко, брат, сестра, а нивната земја мајчинска и татковина! Македонија и Македонците се пленици во концентрационен логор на таканаречената интелектуална елита, која во недостиг од себепочитување, себесознание, себеафирмирање во сегашноста и иднината, триесет години експериментира и ламентира во минатото, со кое отфрла секаква идентификација. Ставете точка, сега. Разберете, просто и едноставно, онака како што Израел и Евреите се кренаа во оној момент кога сфатија, прифатија и почнаа да живеат со фактот дека сите соседи, ама сите до еден, имаат една и единствена крајна цел – државата Израел и еврејската нација да не постојат. Барем не таму каде што се. Македонија и Македонците мора да разберат, да прифатат и да почнат да живеат со реалното сознание дека Албанија и Албанците имаат национална политика дефинирана во Призренската лига од 1878 година со крајна цел формирање албанска национална држава со граници во кои влегува речиси цела Македонија. Србија има национална програма, повторно од деветнаесеттиот век, за обединување на сите Срби во една држава, која опфаќа делови од Македонија, но и од Албанија, Бугарија и нешто од северна Грција. Грција има национална програма поставена уште во дваесеттите години од деветнаесеттиот век, позната како „мегали идеја“, и во таа програма Грција е држава на два континенти, со излез на Егејско, Јонско, Мраморно, Црно и Средоземно Море. Бугарија има национална програма наречена санстефанска Бугарија, поставена исто така во 1878 година, и во таа таканаречена голема Бугарија влегуваат територии од целиот Балкански Полуостров. Сите држави околу Македонија имаат недвосмислени, јасни, разбирливи и со ништо и од никои ЕУ и НАТО-сојузи и „големи сили“ неоспорувани и непопречени национални стратегии во облик на национални политики како инструменти и средства со кои ги остваруваат своите национални стратегии. И остварувањето на тие стратегии нема никаква врска со тоа во кое време, со какво уредување, во каков политички или економски систем се наоѓаат тие земји, дури нема врска ниту со тоа во каков сојуз и со кого се во сојуз, па дури и во кое време. Тие национални стратегии во форма на национални политики се непроменливи. На денот на создавањето на Призренската лига, Албанија не постоела, а подоцна станала независна држава, која била во сојуз со Турција, Русија, Кина, а сега е во сојуз со ЕУ и НАТО. Албанија од тој ден до денес конвертирала политички од племенска и регионална заедница во монархија, па во демократија, па во фашизам, па во комунизам од маоистички тип и сега во либерална демократија.
Но националната политика е непроменета и таа во својата суштина подразбира територијално и политичко проширување на север кон Црна Гора, на исток кон Косово, Србија и Македонија и на југ кон Епир, односно Грција. И сето тоа се реализира со сите средства, вклучувајќи и воени, како што беше случајот во Втората светска војна и војната во Косово од 1999 и 2001 година во Македонија. Албанија и Албанците по тие две војни остварија целосен суверенитет во Косово и Метохија, а ограничен во јужна Србија и западна и северна Македонија, но со јасно видлива и определена граница, каде што таа територија е обележена со фолклорот на националните обележја и со суверенитетот на албанскиот јазик и муслиманската религија, кои се основните инструменти за борба и дефинирање на новоосвоениот простор. И точка по прашањето. Зошто Албанија е поддржана од ЕУ и од НАТО? Затоа што има контрола врз потенцијалните конфликти што таа ги создала и контролира во Црна Гора, Србија, Македонија, а во првиот момент кога ќе има можност и во Епир и Северна Грција, вие Македонци да немате дилеми во тоа, оти Грците немаат. И сега прашајте зошто Бугарија го прави тоа што го прави во Македонија? Затоа што во овој момент државата Бугарија смета дека има позиција, сила и моќ да оствари интереси поставени во нејзината национална програма во однос на Македонија и на Македонците, кои се јасно и недвосмислено кажани и повторени илјадапати јавно и на разбирлив јазик не во последните години, декади и столетија, туку во последните неколку месеци, и не од кого било туку од претседателот на Владата на Бугарија, националното собрание на Бугарија, министерот за надворешни работи, министерот на војската, политичката опозиција, националните институции и огромниот дел од интелектуалната и економската елита: дека не постојат македонска нација, македонски јазик, македонска историја, македонска култура, македонска традиција и дека Македонија е бугарска земја, а Македонците се Бугари што треба да се обединат или да бидат дел од националната програма за обединување на сите Бугари во идната држава голема Бугарија. И точка по прашањето.
Кој дел и што не разбирате, пусти Македонци? Ова што сега го пишувам е суштината на, внимавајте, документ, кој како официјален став на државата Бугарија пред една година е составен дел од преговарачката рамка на ЕУ со Македонија. И точка по прашањето. Зошто го прави тоа Бугарија? Па, за да биде еднаква во силата во однос на надворешната политика со соседите: Романија, која контролира конфликт во Молдавија и Унгарија; Србија, која контролира конфликти во Хрватска, Босна, Црна Гора, Косово и Македонија; Грција, која контролира конфликт со Турција, Кипар, Средоземно Море, Албанија и Македонија; а за Албанија кажавме погоре што контролира таа. За бугарската надворешна политика дефинирана како национална ова е совршена можност да воспостави односи на иднината дефинирани во минатото. Сега, отворајќи го македонското прашање, Бугарија станува регионален играч, повторно, гледајте за чудо, со позиции поставени како да сме 1908 година и сите чекаат уриетот, слободата што младотурците ја прокламираат за сите, да ја урнисаат во хаос и распад на империјата, од што тие ќе извлечат територии и моќ за своите држави и нации. Да му се сневиди, ама сето ова не важи за Македонија и за Македонците. Тие среќно си живеат во евроатлантските вредности, каде што сето ова е само илузија, мираж, руска пропаганда, кинеска хегемонија или евентуално расказ, приказна од минатото. Во сегашноста ние блескаме! И ајде, ајде да се вразумиме, какви се реакциите во Европа? Три весници, две изјави на ниски бриселски службеници и еден австриски политички аналитичар. И тоа е сѐ. Кој застана во наша одбрана во Бугарија? Неколкумина, за жал. Ниту десет луѓе не застанаа во наша одбрана. Ниту десет. Ете ги, избројте ги. Колкумина во Грција? Во Србија, не знам? А? Колкумина во Албанија? Колкумина Албанци од Македонија? М? Пет македонски Албанци изразија јасен став за наша поддршка. Сите други, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи Бујар Османи, јавно и недвосмислено ви кажуваат дека преговарале, преговараат и ќе договараат во иднина компромис со Бугарија?!?! О, ровја?!?! Каков компромис? Онаков како што бил постигнат во 1941 година, па границата помеѓу Албанија и Бугарија со компромис е утврдена на „одовде и отаде Групчин“? Не знам, само прашувам. Нели велат да не прашуваме за што се преговара?! Еве, не прашувам. Се плашам дека ќе добијам одговор што веќе го знам. Ама, ете, ќе прашам? За што преговарате? Прашувајте! Не дозволувајте да ве замолчат. Ако нѐ замолчат, а што им е главниот план, е тогаш дури настрадавме. Сега, сѐ уште само работат да настрадаме.
Авторот е режисер и универзитетски професор