Постои една извонредна современа драма: „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“, од Том Стопард. Мојата генерација имаше можност да ја гледа во златните времиња на македонскиот театар, во режија на мојот прерано починат пријател, Златко Славенски. Неодамна е повторно поставена во Битолскиот театар. Таа пиеса ја користам на секое предавање кога треба да ја објаснам категоријата „неверојатен настан“. Односно, да објаснам што е тоа нормално, а што ненормално, кажано народски.
Драмата, имено, започнува така што Розенкранц и Гилденстерн (целосно споредни ликови кај Шекспир, главни кај Стопард) се досадуваат. Здодевноста ја кратат така што фрлаат паричка во воздух, гледајќи колку „писма“ и колку „глави“ ќе паднат. Но паричката постојано паѓа на иста страна. Од сто фрлања, паѓа стопати „писмо“. Нивната реакција е – рамнодушност: нема ниту грам чудење. За нив е сосема нормално што се случува ненормалното.
Комичното чувство во оваа сцена доаѓа токму од „реалистичната“ реакција на чудото кај ликовите. Им се смееме токму затоа што тие, на она што е неверојатно му даваат значење на нешто сосема можно и логично. Токму поради тоа, во комиката на оваа сцена има и добра доза „црна боја“: нешто што застрашува во човекот. Тоа што застрашува е „анестезираноста“, измиеноста на умот и сетилата, неспособноста да се сфати дека НЕШТО СО СТВАРНОСТА НЕ Е ВО РЕД, ако паричката паѓа секогаш на иста страна. Ни накрај памет не им е ни на Розенкранц, ни на Гилденстерн да помислат дека некој ја „мести“ и „фалсификува“ стварноста. Дека ставил мал магнет на едната страна од паричката и дека закопал голем магнет во земјата, на пример.
Триесет години од осамостојувањето на Македонија гледаме дека паричката постојано паѓа на иста страна, и помирени сме со тоа. Најмалку мислам на политичките избори: мислам воопшто, на целиот наш живот. Триесет години нашите животи материјално не се подобруваат. Триесет години се тресеме пред истата бирократија на шалтер: некогаш работел дедото, сега на тој шалтер работи внукот. А ние, генерално, се однесуваме како Розенкранц и Гилденстерн: нормално ни е да живееме како добиток. Како аутсајдери и споредни ликови во драма што не е наша. Триесет години нам ни е сеедно дали ни е добро или лошо. Дури, помислувам дека веќе и ни станува добро кога ни е лошо. Тоа ме потсетува на пасив-агресив синдромот во психијатријата и на манипулативната моќ на жртвата: ја жалиме, мислејќи дека се чувствува лошо, а нејзе ѝ е добро кога ѝ е лошо. И ние се навикнавме да ни биде лошо.
За навиката како најстрашно метафизичко ропство пишувам (и станав досаден) постојано во овој серијал колумни. Навиката е сигурен пат кон еден вид ужасна, душопогубна идеолошка (не теолошка!) вера. Ако религиите бараат да верувате безусловно во чудата (со таква безусловна вера во чудото и се поздравуваме за најголемиот христијански празник – „НАВИСТИНА воскресна“), идеолошките вери ве НАВИКНУВААТ да верувате во „чуда“ што се всушност трикови.
Да извикувате ВАИСТИНА! и кога знаете дека е лага. Идеологијата преку навиката ви го убива сомнежот, а сомнежот е една од основните секуларни особини на личноста. Размислете: кога гледате магионичари, горите од желба да ја растајните тајната на трикот. Зошто никој не чувствува волја да го растајни трикот со кој политичката паричка, која го определува квалитетот на нашиот живот – три децении паѓа на иста страна?
Очигледно, имаме сериозен проблем, веќе триесет години, со перцепцијата на реалноста. Реалноста ја прогласивме за книжевен жанр: трагикомедија, како почетокот на „Розенкранц и Гилденстерн“. За нас е ненормално да ни се случи нешто различно од трагедија или комедија: реализам, на пример. Можеме за тоа да ги обвинуваме медиумите, можеме да велиме дека тие ни го „мијат мозокот“, можеме да се жалиме на тоталитаризам „однадвор“, можеме да се жалиме дека владетелите станале мајстори за надгледување и контрола (качени на кулата на Џереми Бентам наречена Паноптикон, која служела во осумнаесеттиот век за надгледување на затворениците сместени во затворски круг), но не можеме да се одбраниме себеси: зошто се навикнавме на трагикомичното како нормално? Зошто го прифативме најлесното – навиката да не се сомневаме?
Оние што се занимавале со теоријата на реализмот, знаат дека постојат ДВА типа „реализам“: едниот е односот на книжевното дело кон стварноста („реализам“ во вистинската смисла на зборот), а вториот е односот на книжевното дело кон „правилата на жанрот“ на кој тоа дело му припаѓа („секундарен“ реализам). Тоа значи дека како „реалистично“ секогаш доживуваме нешто што БИ МОЖЕЛО да се случи на ниво на стварноста, но и нешто што според правилата на жанрот СЕ ОЧЕКУВА ДА СЕ СЛУЧИ. Така, трагедијата „Парите се отепувачка“ на струшкиот гениј Ристо Крле, во која таткото го убива синот зашто не го препознава по многу години – не е толку реалистична според настанот што го прикажува (зашто мала е веројатноста тоа да се случи). Таа е многу повеќе реалистична во таа смисла што ги почитува правилата на жанрот „трагедија“. Ги има сите елементи „пропишани“ за трагедијата (непрепознавање на синот од страна на таткото, синоубиство, трагична грешка и страдање).
Е, ние, драги мои, за овие триесет години престанавме да судиме што е реалистично (и „нормално“) во однос на стварноста: стварноста ја исклучивме! Ни остана само жанрот како параметар за тоа што е веројатно и НОРМАЛНО. За нас нормално е она што ги почитува правилата на жанрот во кој сите „играме“ и живееме. А жанрот што сите го играме, е, веќе реков, трагикомедија: црна фарса. Српскиот режисер Горан Марковиќ тврди уште полошо: дека жанрот што ни го заменил животот е порнофилм. Според него, за нас е нормално она што ги почитува правилата на жанрот порно: брз секс со кој НУЖНО завршува секоја (и службена и приватна) комуникација (фигуративно, се разбира), склоност кон колективен секс, отсуство на срам пред камера, крај на секоја секвенца со оргазам (често и колективен, партиски или општонароден).
Јас, сепак, останувам на тоа дека играме во фарса. А фарса е „случка во која учесниците се однесуваат несериозно или претеруваат, па со тоа го претвораат настанот во срам и лакрдија“ (лексикографски извор). Ако е нормално некој да се однесува несериозно, ако претворањето на сè во срам и лакрдија е мерата за денешново нормално однесување, тогаш може да се каже: за нас е чудо кога сме нормални. Нам навистина ни е добро кога ни е лошо.
А зошто никој не се сомнева дека тоа со паричката е трик? Одговорот е едноставен: затоа што повеќето од луѓето не гледаат дали паричката паднала на „глава“ или на „писмо“. Нив ги интересира нешто друго – апоените, односно цифрата испишана на монетата: нејзината вредност и бројот на нулите. И дали ќе падне блиску до нив, да ја „здиплат“. Никаква друга филозофија тука нема, освен филозофијата на нулите.