Полека, но сигурно, стануваме затвореници на стравот и разделени во семејни „самици“ или просто во сам(и)ци. Слабее и општествениот коректив на смеата и хуморот (онака како што ги замислил Бергсон), дури поправната мерка на хуморот, кој некако преживеал, го губи гласот поради чувствителното уво на новоуст(р)оената политичка коректност
Една песна на Јехуда Амихај започнува вака: „Моето дете шири мирис на мир. Кога ќе се наведнам над него не се чувствува само мирис на сапун.“
Стиховите како да навлегуваат под кожата, во „хигиената“ на детската душа, уште неизвалкана од амбивалентниот мирис на светот во кој допрва треба да чекори: пат, за кој се подготвува од првата животна станица – во „млечниот пат“ на мајчините гради и во долг и добар сон, како пред тргнување во уште една битка на тотално исцрпување во бескрајната и чуд(ес)на „војна“, наречена Живот.
Но наедно, стиховите го откриваат местото каде што мирот извира – во душата на детето, кое веројатно спие. Велам веројатно, бидејќи поетот не образложува, само соопштува едно несомнено смирувачко чувствување на можеби најизлитената, најизвалкана и најискината (но најмалку носена) состојба на човековата душа и цивилизација – МИРОТ.
Годината што завршува имаше некаков почеток и очигледно – има крај (годината, не тоа што таа го донесе), и тоа е речиси сè што во неа ИМАШЕ: почеток и крај, како во расказите на Чехов (за кои самиот изјавил дека навикнал на раскази што имаат само почеток и крај). Нејзината (широка) средина ќе остане запомнета претежно по тоа што го НЕМАШЕ, НЕДОСТИГАШЕ или беше патем ИЗГУБЕНО (вистински или почувствувано, целосно или претежно, лично или споделено).
Човечкиот ДОПИР е секако помеѓу изгубените или барем опасно загрозените нешта во оваа пандемија: во прегратките, ракувањето и средбите меѓу пријатели и роднини. Полека, но сигурно, блиските стануваат далечни, а она што на почетокот на пандемијата се чинеше далечно во „светлосни години“, денес ни е блиска темнина. На местото на човечкиот допир во поздравот на срдечен стисок со рака, се одомаќини затворената дланка во тупаница и пропишаните два метра оддалеченост за заштита од вирусот. Тупаницата никогаш немала проблем да биде разбрана и нејзе не ѝ се потребни толкувачи, но симболиката на второто ја сметам за еднакво значајна: два метра се сосема доволни, ако човек (буквално или метафорички) падне, да не најде потпора кај друг. Едноставно – ќе падне и ќе падне сам. Се чини, никогаш не била пооплотена онаа стара предупредувачка парола „вциглена“ и во „Ѕидот“ на „Пинк Флојд“, имено – обединети стануваме, а разделени (про)паѓаме.
Човечката СМЕА е уште една колатерална штета на пандемијата. Потешко е да се смееш сам, освен себеси. Но тогаш и смеењето може да биде тажно, а понекогаш и опасно. Таквата смеа може да се прочуе надалеку, преку сите пропишани мерки на претпазливост, а тоа може да звучи неодговорно.
За време на пандемија и можноста за зараза од смеа е речиси поништена со пропишаните мерки за оддалеченост и ограничено групирање. Ненамерно, се разбира. Но без неа, слабеат врските меѓу луѓето сосе чувството на припадност и заедништво. Полека, но сигурно, стануваме затвореници на стравот и разделени во семејни „самици“ или просто во сам(и)ци. Слабее и општествениот коректив на смеата и хуморот (онака како што ги замислил Бергсон), дури поправната мерка на хуморот, кој некако преживеал, го губи гласот поради чувствителното уво на новоуст(р)оената политичка коректност.
Изгубените човечки ЖИВОТИ се секогаш и секаде премногу болни и немерливи загуби за да се мерат низ дневни статистички бројачи и политички кантари, па секојдневната медиумска „парада“ со нив се чини безмалку невкусна. Единствено што таа допира во човек е стравот од човек, болест и смрт. Не допира ништо друго, ничија политичка одговорност, ниту емпатија. Сеедно, покажува дека на некои кантари човек полесно се брои и бележи мртов и болен одошто жив и здрав.
Најпосле, ИЗГУБЕНОТО и ЗАГРОЗЕНОТО во националното македонско ткиво со политичките отстапки кон Грција и Бугарија, ниту почнаа, и сè поизвесно – ниту ќе завршат оваа година, додека оваа колумна завршува кај стиховите од воведот со чувството дека во годината што измина, МИРОТ е меѓу ИЗГУБЕНИТЕ или опасно ЗАГРОЗЕНИ нешта во оваа година, потрошен како сапун во нашето секојдневие (и сеноќие), или барем, во секојдневијата на многуте. Мислам пред сè, на оној внатрешен, душевен и нужен оброк од некаков мир да се истурка денот, сè уште далеку од „позитивниот мир“, кој мировниот истражувач Галтунг го „виде“ во порамнувањето на човечките потенцијали со човечките остварувања. И не само мирот на возрасните туку и кај децата: ниту тие (о)стануваат „мирни“ во долгата состојба на карантинско мирување (со наизменична ротација на мобилните и компјутерски екрани, „рекреативно“ или по „службена“ должност), ами во законот на привлечноста и постојано движење меѓу сличните на себе. Само тогаш изгледаат „порамнети“, како во онаа спектакуларна конјункција (порамнување) на Јупитер и Сатурн што деновиве блесна над Земјата. Надвор од прегратките на таа привлечност, тие се како откинати од својата природна „ротација“, од себеси и од можноста за блескаво „порамнување“. Зашто сепак (како што вели Калил Џибран) децата не се „ваши/наши“, ами „синови и ќерки на Животот што копнее за себе.“
И не нужно, на местото на потрошениот мир, останува немирот, како што зад потрошениот сапун не останува „несапун“, туку едноставно сапунот веќе го нема, а без нив (без сапун и мир), страдаат и телото и душата и нивната заедница, без можност за отцепување пред тотално уништување. Врз нив, секојдневието ја пласти својата економска, здравствена и безбедносна несигурност и неизвесност или поточно – својата болна, нагризувачка и разорувачка ’рѓа. Не знам што навистина мислел Чехов кога рекол дека се плаши најмногу од секојдневноста од која никој не може да се скрие, но пострашна од него се чини само навиката за нејзино прифаќање како (при)казна без почеток и крај. Расказите на Чехов, пак, (кои се уште живи во нашето секојдневие) имаат крај и поента на крајот. За нив во некоја следна колумна. На крајот на оваа година (ви) посакувам во следната година да си ги повратиме ДОПИРОТ, СМЕАТА, ДОСТОИНСТВОТО и МИРОТ, и средината без која, почетокот и крајот немаат смисла, како во расказот, така во животот.
Во стихот за детето што шири мирис на мир можеби лежи и мисијата на човечкиот род, зашто сепак, „сите луѓе биле деца што шират мирис на мир.“