И новиот бугарски владин хор ја пее истата стара антимакедонска песна во ритамот на познатиот бугарски староградски шлагер „Минаха години, без да те забравя аз, чакам те да дойдеш, чакам те със буйна страст“. Бујната страст заврши со вето за почеток на преговорите на Македонија со „Европскиот Сојуз“, а единствен исчекор на новата бугарска влада ќе бидат две-три „красиви думички“ испеани во нови „тържествени стихове“ дека Бугарија сака да ја види Македонија во европското семејство, но откако земјава ќе ги прифати рамковната позиција на бугарскиот министерски совет и декларацијата на бугарското собрание.
Во периодот од 23 до 27 ноември годинава, коалициските партери на идната бугарска влада во живо, јавно и пред камери, со директен пренос на Јутјуб, ги усогласуваа позициите околу програмската содржина на идната бугарска влада. На состаноците учествуваа политичките групации „Промената продолжува“, „БСП за Бугарија“, „Демократска Бугарија“ и „Има таков народ“, а со средбите претседаваше Кирил Петков, од „Промената продолжува“, најверојатно идниот бугарски премиер. Се разбира, за проследувачите на бугарската политика имаше многу материјал во сите овие сесии, а убеден сум дека македонската дипломатија будно го следела дијалогот на идните бугарски владини партнери и во македонската амбасада во Софија, но и во централата на МНР во Скопје.
Сепак, најинтересен сегмент од овие коалициски дијалози за нас беше делот за Македонија. Дали новата бугарска владина коалиција ќе значи и нова бугарска политика кон Македонија? Поточно дали новата владина коалиција ќе го промени курсот кон Македонија, ќе го крене ветото и ќе овозможи почеток на преговорите помеѓу земјава и Европската Унија? Па, да појдеме од почеток…
Идните коалициски партнери ја поместија дискусијата за Македонија на самиот крај на последната сесија на коалициските разговори, која што беше целосно посветена на „меѓународните односи“. За Македонија издвоија добри четириесетина минути, што им овозможи и ним целосно да ги расчистат своите ставови за иднината на македонско-бугарските односи, но и нам да увидиме кои се разликите од досегашните бугарски позиции. Сите четири политички сојузи ги извадија „тешкашите“ на разговорите за „меѓународните односи“, па така „БСП за Бугарија“ беше претставувана од Кристијан Вигенин, некогашен шеф на бугарската дипломатија и европратеник. Тој, инаку, претседаваше со седницата на бугарското собрание од 10 октомври 2020 година, кога беше едногласно изгласана нивната декларација во врска со проширувањето на ЕУ и процесот за стабилизирање и асоцирање на Македонија и Албанија во ЕУ, поточно неславната бугарска декларација за вето на македонските европски интеграции. Движењето „Има таков народ“ беше претставувано од младата но пробивна Павела Митова и од дипломатот Димитар Грдев, а „Демократска Бугарија“ ја претставуваше амбасадорот Стефан Тафров. Најголемиот партнер во идната бугарска владина коалиција, коалицијата „Промената продолжува“ излезе во својот најсилен состав, односно со целата средба раководеа колидерите Кирил Петков и Асен Василев, засилени со Даниел Лорер, кој очигледно е клучниот лик во делот на меѓународните односи на „Промената продолжува“.
Инаку, освен идниот премиер Кирил Петков и идниот министер за финансии Асен Василев, сите спомнати ликови се кандидати за иден бугарски министер за надворешни работи, па беше мошне интересно изворно да се слушнат нивните ставови за Македонија.
Гледано од визура на Скопје и на македонската политика, разликите на идните бугарски владини партнери кон Македонија се само козметички. Јасно е дека бугарските социјалисти и „Има таков народ“ на Слави Трифунов имаат најтврди ставови кон Македонија, далеку порадикални и од ГЕРБ на Бојко Борисов, под чија палка се подготви актуелната бугарска позиција кон Македонија и кој ни го врачи неговото второ вето за почеток на преговорите, и покрај неговата страсна политичка љубов со премиерот Зоран Заев. Вигенин отсекогаш бил транспарентен во своите ставови кон Македонија и тој, како и целата БСП, поаѓа од тврди „живковистички“ позиции кон нас. „Има таков народ“ на Слави Трифунов не го ни крие нивниот потценувачки однос кон Македонија, па ќе биде весело доколку нивната водечка политичарка Павела Митова биде избрана за нов бугарски министер за надворешни работи.
Бугарските проследувачи потсмешливо разликуваат „селска“ десница, односно ГЕРБ на Бојко Борисов, и „градска“ десница, односно раздробените остатоци на некогашниот Сојуз на демократските сили. Оваа бугарска „градска“ десница традиционално покажувала конструктивен приод кон македонското прашање во бугарската внатрешна политика (токму некогашниот лидер на СДС, Желју Желев, одби да учествува на грчката конференција за Македонија, без наше учество, во 1990 година и, како претседател, ја предводеше Бугарија како прва земја во светот да ја признае Македонија). „Демократска Бугарија“ ќе ја претставува „градската“ десница во владината коалиција, но нивниот конструктивен приод кон Македонија е исклучиво вербален, но не и суштински.
За жал, не може докрај да се заклучи која е позицијата на најголемиот партнер „Промената продолжува“ кон Македонија, но имајќи предвид дека тие израснаа во сенката на бугарскиот претседател Румен Радев, јасно е дека тие до буква ќе ги следат неговите позиции за македонското прашање, исто така помеѓу најтврдите во бугарската политика.
Но која е резултантата од бугарските коалициски разговори. Усогласениот коалициски текст за Македонија во оригинал на бугарски јазик е следниот: „Запазване на позицията на България по отношение Република Северна Македония /РСМ/ и нейното надграждане в конструктивен дух“, односно „Запазување на позицијата на Бугарија во односите со Македонија и нејзино надградување во конструктивен дух“.
За да нема забуни која е „позицията на България по отношение на Македония“, претставниците на сите четири политички сили потврдија дека позицијата на Бугарија кон Македонија се темели на декларацијата на бугарското Народно собрание од 10 октомври 2019 година и на рамковната позиција усвоена од Министерскиот совет на 9 октомври 2019 година. Значи, политиката на негирање на самото постоење на македонскиот народ и на посебноста на македонскиот јазик останува темел на бугарската политика кон Македонија и услов за почеток на преговорите помеѓу Македонија и Европската Унија. Новата влада јасно ѝ стави на знаење на глобалната јавност и се обврза пред бугарските граѓани дека националната политика на Бугарија кон Македонија нема да се менува. Овие бугарски позиции оневозможуваат постигнување каков било рационален компромис помеѓу двете земји, треба да се наречат со вистинско име, шовинистички политики, и да се прекинат какви било разговори помеѓу двете земји на таа тема.
Катастрофалната грешка на Зоран Заев со склучувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија на 1 август 2017 година, со рушење на претходно консензуално постигнати позиции за потребата од симетричен договор со Бугарија и без точки што овозможуваат бугарско мешање во внатрешните работи на Македонија, нè прогонува и ден-денес, па се заканува да стане клучен надворешнополитички предизвик на земјава. Убаво рекол нашиот народ „тоа што една будала ќе расипе, не можат ни сто мудреци да го поправат“
Единствен зрак на оптимизам е идејата на идниот премиер Кирил Петков за основање паралелни комисии, во разни области. Овие негови заложби влегоа во коалициската спогодба на идната бугарска влада. Новиот приод може да помогне и да придонесе кон меѓусебното разбирање на двата народа, но прашање е колку долго ќе се издржи ваков процес да се води со нагласен интензитет и дали Бугарија би му пристапила на процесот во добар дух. Досега тие настапуваат надмено, од позиција на сила, лицемерно и со туторски однос кон Македонија, буквално во секоја сфера на заемните односи.
Македонските власти наивно се надеваат и сите карти ги ставаат исклучиво на засилен американски притисок кон Софија, но сега е 2021 година и далеку сме од неславните денови на силна западна поддршка за актуелната влада пред нивното заклучување на предавството со Преспанскиот договор. Исто така, имајќи го предвид геостратегиското значење на Бугарија при актуелните збиднувања околу Русија, Украина и Белорусија, се поставува прашањето зошто САД би си ги загрозувале своите односи со еден толку значаен регионален сојузник во црноморскиот регион токму во овие напнати моменти за светската геополитика.
Така што, најверојатно во владините кујни се готви ново предавство и газење на новата резолуција на македонските позиции во однос на спорот со Бугарија, следејќи ја истата врвица што ја следеа при склучувањето на Преспанскиот договор. Сосема е сеедно дали тоа ќе го направат со нов договор или со вметнување на рамковната позиција на бугарската влада во преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Прифаќање на бугарската позиција кон Македонија е чин на предавство и доведување на Македонија во подредена положба и пред уште еден сосед, без разлика во која обланда ќе биде спакувана.