(Скица за ментален портрет на Македонецот)
Тoa е навистина за нас многу важно антрополошко прашање, драг читателу. Прашање за обновата на библискиот во новиот европски Содом и Гомор, сега со царски печат востоличен во Брисел. Содом и Гомор во кого дури веќе екстрамодерен, а универзитетските умови би рекле постмодерен, убавата ангелска Маргарета преобразена во проститутка е исфрлена надвор на провевот на европската капиталистичка зима, а нејзиното место, божествено според својата природа, го зазема лезбејството и педерастијата на цивилизацијата во тотално морално распаѓање кое сега, божем во име на сеопштата демократија, ги организира циничните до цивилизациски пароксизам паради на гордоста.
Беше потребна како контекст оваа дигресија, драг читателу, на која навраќам, разбирливо, не знам по кој пат. Но, еве, се враќаме на основната (хипо)теза на Андриќ за разликата меѓу европскиот и балканскиот човек, воопштена, како што го прават тоа и антрополозите, во разликата меѓу нивните колективни души. За него душата homo balkanicus е изворно емотивна и добра, но западниот европски човек, заглавен во своето супрематистичко его ја злоупотребува неа, користејќи се со, во овој случај, перфидната логика на својот рационализам. Оти познато е дека душата на homo balkanicus е бескрајно отворена за странецот без разлика и од каде доаѓа тој. Да. Но парадоксално за западниот со ариевска психа човек тоа е негативен квалитет. Имено, Андриќ вели дека тој во својот цивилизациски ариевски супрематизам го смета homo balkanicus за жител на пониска раса. Таков, по дефиниција тој, според таквиот статус е должен да му служи нему и да му угодува во сè, без да очекува притоа да му се возврати за тоа.
Таа во основа е позитивната, есенцијална, со јазикот на антропологијата примордијална длабинска црта на менталната слика на колективната душа на homo balkanicus, која европскиот супрематистички човек не ја разбира. А и не сака да ја разбере за да не си го наруши својот комодитет на аморалност. Оти и така тој им се потсмева со својот тврд профитабилен ум на емотивноста и меланхолијата и од фактот што се тие бескорисни и не произведуваат капитал, материјални добра. Имено, од таа точка на гледиште, западниот „еднодимензионален човек“ (Маркузе) на материјалниот профит ѝ создава во својата искривена имагинација слика за некои други народи и раси од кои се дистанцира како супрематистичка надраса. Да, драг читателу, гледам изненаден си, па и шокиран. Но тоа е вистината. Па, познато е дека и во времето на Наполеон, со кого Французите се гордеат како да е Александар Македонски и по освојувања и по демократски реформи, е формирана, на пример, и институционално сликата на за Французите сепак неизбежните Арапи како мрзлив и нецивилизиран народ, иако тие нив ги доведоа во Франција за да им ги чистат лајната што, природно, ги произведуваат како и „нецивилизираните“. А, покрај Арапите за западниот свет, овој пат во екстрасупрематистичката Британија на Черчил беа и Индусите и Пакистанците. Најбројни покрај другите „нецивилизирани“ на кои Черчил им создава „стабилни системи“, а со цел да го стабилизира супрематистичкиот систем на Британија. Со други зборови, на англосаксонската раса во која, итер лисец, тој во тоа се потпира главно на моќниот elan vital на Американците, особено по нивните атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки.
Но западните цивилизациски супрематисти се обидоа, и во добра мера успеаја во тоа, да ја креираат според нивен ќеф и менталната слика на некои народи од нивниот континент, чија цивилизација, имено, потекна од нив, но тие се прават наудрени за тоа. Така тие останаа слепи за дарежливата и гостопримлива душа на homo balkanicus, кој се труди кога ќе дојдат кај него во сè да им угоди ним. Но тие потценувачки и не му обраќаат некое посебно внимание, сметајќи, како што вели и Андриќ, дека се должни како пониска раса да го прават тоа кон нив. И кај нас Македонците има многу примери за илустрација на тоа. Се сеќаваш ли, драг читателу, на оној европски пробисвет Ервин Фуере, кој како европски мисионер да нè цивилизира повеќе години се гостеше на трпезата кај нас. До сервилност и понижение гостопримливи нему, како на еврототем, на Богојавление на специјалниот обред по тој повод во Охрид, редовно секоја година буренцето со вино му го фрлавме директно во рака, исклучувајќи ги така другите учесници (Македонци) во обредот.
А има уште една антологиска илустрација што го осветлува тој цивилизациски феномен, поврзана со мојот драг пријател Ѓорѓи Марјановиќ, Дон Кихот на правната етика кај нас, која сега во муртинската политичка епоха на диктаторско владеење згасна до последната искра. Анегдотата со Марјановиќ е поврзана со една негова германска пријателка, исто така правничка, со која соработувал, а неа ја раскажа самиот тој во една негова колумна поодамна во „Дневник“. Сум пишувал за тоа, драг читателу, но контекстот сега наложува да преповторам. И Германката била во Скопје по службена должност и, природно, и на гости во гостопримливиот дом на Ѓорѓи и неговата со прекрасна душа Мира, исто така правничка. И била дочекана поубаво отколку што пред извесно време ја дочека оној од Муртино Меркел во Скопје, на која, шашардисан од цивилизацијата на Ирод, ѝ го збрка и националното знаме. А потоа наскоро и Ѓорѓи се нашол работно во Германија и, се разбира, ја посетил својата германска пријателка што ја гостеле боговски со Мира во Скопје. И, природно, тој очекувал да му биде возвратено гостопримството што ѝ било укажано нејзе во неговиот дом во Македонија. Но на негово шокантно вчудовидување, не само што не се случило тоа туку целиот настан бил само една иронија со елементи и на сарказам. Имено, германската пријателка изнела на масата пред Ѓорѓи ќесе со смоки, едно пакетче крекери, и толку. Доволно за отрезнувачката колумна на Ѓорги во „Дневник“ за сочно да се повлече линијата на разликата што го двои западниот либералкапиталистички од балканскиот човек, чиј репрезент во овој случај сега е Македонецот. Западниот „еднодимензионален човек“ на Маркузе заглавен, откако ја продал душата на Мефистофел (ѓаволот) до гуша во мочуриштето на материјалниот профит, капиталот.
Тоа е така, како што забележал и длабокоумниот Иво Андриќ во „Крајпатни записи“, оти супрематистичкиот западен човек смета дека, како примитивен, homo balkanicus по дефиниција е должен да му служи нему, оти допрва треба да се просветли и осветли со Аладиновата ламба на цивилизација. Но што да се прави кога си мал, а уште и со менталитет на „поданик“. Што да се прави кога ароганцијата на таа цивилизација, која себеси се смета за духовно просветлена и супериорна, е арогантна и денес, на пример, дури и кон големата матушка Русија, полна со брилијантни умови од сите области, која плус којзнае колку пати ги запирала или амортизирала и варварските татаромонголски орди за да не ја згазат неблагодарничката Европа. На таа тема, ако се сеќаваш, драг читателу, пишував во анализата на песната на Александар Блок „Скити“. Така, оти, ќе си дозволам тука еден фројдовски психолошки маневар. Имено, не е ли таа и таквата западна ароганција, на Французите и Черчиловите Британци, на пример, како најистурени играчи на таа цивилизација, само маска, како што се тоа и нејзината божемна демократија и хуманизам, за да се затскрие нејзиното мимикриско егоистично лице. Да. Оти на Балканците им е натоварен (тука греши Крлежа) гревот за митоманија, национализам и шовинизам, па и за садизам практикуван од еден кон друг народ. А вистината е поинаква, оти пак е тука на дело, како што би рекол Фројд, потсвеста, методот на проекција во која своите мани му се проектираат на друг. Во случајот со Европа: на Балканците. Оти зарем се помали националисти и митомани од нив Французите и Британците. Чепнете ги само малку нив на тој план, па ќе видите како врескаат. Па зарем екстраарогантниот британски митоман Черчил отворено, и повеќе од Хитлер за Германците, не го демонстрира тоа. Тој воопшто не го крие тоа и во неговите прославени мемоари за Втората светска војна, за кои, за жал на литературата, ја доби и Нобеловата награда за литература, откривајќи ги не за првпат екстремната прозападна ориентација и морална хипокризија на шведскиот Нобелов комитет, кој не сум сигурен дека неговиот фондатор Нобел, пронаоѓач на динамитот, не би го кренал во воздух кога би ги знаел сите негови валкани политички махинации во име на уметноста и науката.
Па, што се однесува до потсвесното, па и свесно, натоварување на своите мани на другиот, зарем, на пример, не еднаш сум подвлекол дека поимот шовинизам (екстремен вид на национализам) како термин, но и практика, е измислица на просветителските Французи, а крстен според нивниот славен генерал Шовен, кој, пак, и не се разликува многу на тој план од Наполеон, првин републикански демократ, а потоа монархистички диктатор и озаконет француски националист. На тој начин залудни беа неговите почетни напори да го следи космополитскиот реформаторски пат на Александар Македонски и Античките Македонци. Да. Оти очигледно дека тука се работи за евидентна разлика на менталната слика на колективната душа, сензибилитет и темперамент.
Па и поимот садизам не случајно, според името, има западна цивилизациска генеза. Пак според прославениот Французин Маркиз де Сад, кој прв така отворено и без маска го претстави човекот на западната либералкапиталистичка цивилизација, лишен од онтолошка и психолошка супстанција, како сериски индустриски производ. Се разбира, служејќи се со шифрата, метонимиската метафора на порнографијата како серијал на нагонскиот човек без душа и емоција, целосно фрлен во прегратката на Мефистофел.
Па дури и поимот мазохизам, кој му задаваше аналитички маки и на Фројд, иако уживаше во неговата анализа, е западен теориски и практичен изум за да не остане без свој еквивалент садизмот. Заради западна цивилизациска рамнотежа, иако западниот либералкапиталистички човек на Европа многу повеќе го боготвори садизмот во таа еквивалентска математичка равенка, препуштајќи им го мазохизмот (именуван според германскиот исчашен барон Мазох) на послабите од себе во своите лакоми колонијалистички походи. На Балканците исто така.
Малку долга, но есенцијална дигресија во нашата тема, драг читателу, оти истата таа е потребна и да се опцрта со јасна линија и менталната слика на колективната душа на Македонецот, да се излачи истата таа од фарисејската цивилизација, како што се излачија во кристална светлина од фарисеите и садукеите во Јудеа Христос и апостолите, за што, како што знаеме, за тоа излачување, како и Македонците сега, платија скапа цена. И, се обидуваме, алхемичари на проклетилакот, како Рембрант на своите слики, да ја престориме калта во злато. Со еден збор, да ѝ дадеме трансцендентална димензија на калта на цивилизацијата во злато. Ама не иде. Нема убавина со сила, како што вели нашиот народ, и нашата трансцендентална намера и напор едноставно завршија со нашата идентитетска ликвидација во Преспа. Како награда на цивилизацијата, слична на онаа на Ирод, кој ги закла децата во Витлеем, не би ли го заклал Спасителот пратен од Небото за да го спаси светот од Него.
(продолжува)