Слушам, либералново, ем атеистичко граЏанство, се пенавело околу причеста. Демек, сега кога сме ја имале коронава околу нас, државата мора да му забрани на свештенството да причестува затоа што причеста се правела со иста лажичка. А-ха, океј. Еве, јас што имам да кажам. И да се осмели државата да направи нешто толку идиотски, па да забрани причест, свештениците и по цена на затвор, море и под закана од смрт, не смеат да престанат да причестуваат. Зошто? Е тоа е тајна. Каква тајна? Ете таква, света тајна, две илјади години стара света тајна, која на сите им е достапна ако сакаат да ја откријат, ама повеќето одбиваат и тоа си е нивни проблем. И, секако, не треба да се влегува во никаква полемика со хистеријата на оние што и без коронавирусот, се заразени со духовно слепило.
Неделава што помина, здодевно ми беше. Сеедно што светот се преврте наопаку. Може и ќе пишувам за тоа. А може и нема. Ќе си терам по свое, како што ќе ме поведе мислата. Воопшто не сум испланирал што да пишувам. Влегувам во зборовите, онака без врска. Како што ми надоаѓаат. Битно е мене да ми биде интересно. Не вас. Досега се трудев, размислував, анализирав, па ќе ви срочев колумна. Додавав хумор и цинизам за да ви биде интересно читањето. Е па, мене неделава што мина не ми беше ништо интересно. Затоа сега ќе си терам како ми дојде. А нешто не ми доаѓа многу.
Еве, случајно ми мина низ ум зборот обложувачница. Или кладилница како што се вели разговорно. Мене зборот обложувачница не ми се допаѓа. Не сакам да го користам. Ме потсетува на место каде што се ставаат некакви облози на рани. Јас сакам да го користам зборот кладилница. Оти секаде низ Македонија се користи. Е ама тоа бил српски збор. Баш и не е. Српскиот збор е кладионица. Ние велиме кладилница. Зошто ви го пишувам ова? Оти ми е здодевно.
Ај добро, еве, ќе го споменам и коронавирусот. Читам наслови. Понекогаш отворам да прочитам текст под тие наслови. Слушам експерти. Следам што имаат да кажат доктори. Насетувам паника. Апокалиптични сценарија. Коронавирусот ќе се шири. Уште не е пристигнат најопасниот бран. Се затвораат држави. Цели региони се во карантин. Паниката се зголемува. Луѓето се однесуваат како пред крајот на светот. Наеднаш, сево ова заличува на Откровението на свети Јован Богослов. На грчки ви е познато како Апокалипса. И немам проблем со тоа. Јас го чекам Судниот ден. Ме чуди само тоа што кога на луѓе ќе им го споменеш Откровението, те гледаат како да си малоумен. Демек, дај бе доста со тие приказни. Океј, приказни. Им велам, околу нас, постојано има знаци што нè алармираат, само ние не знаеме да ги читаме зашто сме положиле „возачки испит за животот“ со врски. Ми се смеат. Немам проблем со тоа. Е, ама истите тие сега, за еден факинг вирус, ни ја проектираат апокалипсата по медиуми, социјални мрежи, од прес-конференции. Така бидува тоа.
Во меѓувреме, Ливерпул излезе од Лигата на шампионите. Изгуби дома во реваншот со Атлетико Мадрид. Изгуби и во првиот натпревар. Патем изгуби од Челзи во англискиот куп. А во Премиер-лига изгуби од Вотфорд. Сериозна криза. Среќа што имаат 22 бода пред Манчестер сити, па речиси сигурно земаат титула. По 30 години. Ние што искрено навиваме за Ливерпул, не ни се чудни овие порази. Низ годините Ливерпул нè навикна на слаба игра. Нас нè шокираше годинава каде што играа фантастично и немаа ниту еден пораз.
Што ме гледате така бело? Ви реков, ќе пишувам како ќе ми дојде. А мене, еве, уште ме боли поразот од средата. Да знам, ве заболе вас за Ливерпул. Вас ве болат партиските листи со кандидати за пратеници.
Едните ги боли што имаат бивши вмроовци на листите. Други ги здоболе Сафет Бишевац. Јас сосема ве разбирам. Баш е чудно, нели? Досега, од независност наваму, гласавме исклучиво за силни личности, докажани карактери, моќни индивидуи. Никако за партиски листи. А богами и на тие партиски листи сите ги познававме, така? Им знаевме и дела и морал. Како Крсто Муковски, на пример. Или од друга страна Ферид Мухиќ. Затоа, дај не ме заебавајте! Па ние ни за партиски листи не излегуваме на гласање. Ние гласаме против.
Јас ги разбирам гневот и разочараноста на многумина. И не сакам да им се мешам во болката. Ниту сакам, ниту смеам да ги убедувам во нешто. Но, реалноста е таа што ми вели дека сега засега во Македонија власт можат да освојат или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. За трета опција сè уште е рано, не затоа што јас така сакам и тврдам, туку затоа што новите партии навистина немаат реална моќ на терен. А можат да имаат. И оние што веќе постојат и оние што сакаат да станат трета опција. Ама за седум, осум години од сега. Во овој период тие мораат да заборават на себе, својот мир и удобност, па дури и на своите најблиски и сето време на светот да го посветат на идејата дека сакаат да преземат власт и да ја оправаат државата. Да, мора да се принесат себе како жртва за да го убедат мнозинството дека треба да им ја дадат довербата. Оти во моментов, оние што се сериозно разочарани од двете најголеми партии, попрво нема да гласаат, отколку да му го дадат својот глас некому што вчера тргнал да ги убедува дека е вистинската опција. Оти Мари Ле Пен, Матео Салвини, па дури и оној Алексис Ципрас, кој како трета опција доби и ја загуби довербата, сите тие, не паднаа од небо, туку со години работат на терен, убедуваат и дејствуваат. Значи, најдобронамерно велам дека оние што планираат да станат трета опција, сега им е моментот да почнат и во наредните десетина години да ја ораат, сеат и жнеат нивата за еден ден да им донесе плод.
Инаку, фатив некои од дебатите меѓу членови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Нема посмешно од она хистерично паничење дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати Груевски. Тоа го тврди партија што е во коалиција со Мијалков и една третина од пратениците на Груевски, а во влада ги има Никола Димитров и Венко Филипче. Хистеричното повторување на името на Никола Груевски од страна на социјалдемократите и тоа според тактиките на Сол Алински, каде што не го оставаш соговорникот да доврши реченици така што цело време папагалски се пенавиш за иста работа, има само една цел. СДСМ сака да го исплаши своето разочарано членство, кое не сака повеќе да гласа за нив, па како расипана плоча вергла во место користејќи го Никола Груевски како баба Рога. Оној ист Груевски чии кадри им се коалиција и во влада.