Мачката што јаде маст, јаде и стап. Оваа поговорка што ние лаконски ја класифицираме како метафора, во својата суштина е формула во која со алатките на преносното се докажува тезата зададена на почетокот.
Што е тезата? Дека има некои мачки што јадат маст, односно се хранат богато и калорично. И што има тука погрешно? Што има чудно во тоа дека некои мачки, или некоја мачка, за разлика од некои други или некоја друга мачка што не јаде, тие или таа погорепосочена мачка јаде маст? Ништо нема инкриминирачко до моментот кога ќе се открие дека онаа, нашата мачка, јаде од маста што не ѝ припаѓа, односно, не е нејзина или не е наменета за тоа таа да се храни со неа. И како последица на тоа, таа наша мачка ќе се соочи со казната за сторениот прекршок – да јаде туѓа маст, со тоа што по грбот ќе добие стап, односно ќе биде натепана. Претпоставувам дека силата на ударот или, пак, бројот на ударите со стапот се еднаквопропорционални со количеството изедената маст.
Раскажувам басни? Не, сигурно очекувате ова да е само некаков метафоричен вовед во она за што впрочем сакам да зборувам во денешната колумна? Да. Така е. Затоа се послужив со една од дамнина општопозната состојба за да опишам еден нов, од сегашноста произведен настан, а тоа е притворањето на државниот службеник Драги Рашковски. Тоа е дневна политика, а си дадов збор дека нема да си го губам времето и да го заземам овој ценет простор со личности и настани што се раѓаат, се прпелкаат, се креваат и паѓаат на површината, во прашината од општествените собитија, како што почна и заврши кариерата на сепак еден (го познавав лично) несомнено интелигентен и талентиран човек.
Најпосле, тој човек само посегнал по маст, се омрсил и неумесно оставил траги по рацете, по стапалата и по мустаќите, па лесно и наивно дозволил сите да бидат сведоци на тоа негово, според нив, недозволено мрсење со туѓа мрснина.
Точка по прашањето. За мене ова е неважно. Се работи за маст во форма на пари. Маста, парите, драги мои, се печалат. Тие доаѓаат и заминуваат. Ако после сето она што им се случува на Трифун Костовски, Сашо Мијалков и Орце Камчев некои луѓе не можат да ги разберат релативноста и неважноста на богатството изразено во маст односно пари, тогаш навистина им нема спас ниту на овој ниту на оној свет. Но она што мене ме интересира под површината на оваа, веќе утврдивме, површна случка со државниот службеник Рашковски е мојата вчудовиденост од состојбата на нештата што се под површината, во длабочините на општественото живеење, кое по пат на внатрешни движења и триења произведува и ерупции што во површниот свет ги исфрлаат сите внатрешни, наталожени, задлабочени, во нашиот случај забастени, застоени, усалени, засмрдени седименти на духот и времето.
Избезумен сум од фактот, драги мои, како некои луѓе што, сепак, мора да им се признае, како последица на личниот подвиг ќе се кренат од сиромаштија за на крајот, лесно и за час да стигнат до бедата?! Фјодор Достоевски навистина прави разлика помеѓу едното и другото, па утврдува дека во сиромаштијата има и некакво достоинство, но во бедата, тоа сите го видовме во овие години нема ништо достојно. Вчудовиден сум од мојот безнадежен идеализам, кој не само што ми пречи мене лично туку почнува да им пречи и на луѓето околу мене, ама сѐ уште не сакам да се помирам со фактот дека целиот тој систем на образование, знаење и вештини за тоа како да се подигнеш од дното, да ги победиш сите реални и измислени противници и непријатели, да ги препливаш сите потоци и реки, сите езера и ѓолови по патот на себесоздавањето, да стигнеш до неверојатната состојба на универзитетски наставник на државен универзитет и на крајот да го отфрлиш сето тоа не криејќи се дека јадеш од маста што не е твоја и не ти припаѓа.
Имам чувство дека нашата мачка, не само што јадела од туѓата маст туку и намерно оставала мрснина по мустаќите за другите да видат дека се омрсила наспроти нив. Мачката што јаде маст – јаде и стап. Како оваа, несомнено народна мудрост, стопати докажана како аксиома, која е непроменлива и постојана, не можеме да почнеме да ја почитуваме и да почнеме да ѝ се плашиме од силата и од постојаноста!? Не знам дали до толку мислиме дека светот е неповратно менлив, па она што е форма на вредност од завчера, нема да се повтори денес или евентуално утре или, пак, задутре? Но така си е тоа со нас луѓето. Никогаш не сакаме да се подучиме за работите што се едноставни и постојани во својата суштина. Убеден сум, затоа и само затоа што мислиме дека едноставните работи може да ги осознае, разбере и практикува секој, па затоа и немаат вредност.
Тоа е сосема неточно. Вредностите што се утврдени како непроменливи се најтешки за прифаќање и најкомплексни за разбирање, а со тоа и исклучително напорни за практикување или, пак, не дај боже за живеење според нив. Секој оној што мисли дека да се живее според општиот морал, според утврдените вредности и канони дефинирани како патријархални е проста, лесна работа што секој ја знае, е апсолутно неточно. Во оној момент кога ги утврдивме новите вредности, а ги отфрливме старите, тоа не беше затоа што тие беа застарени и неприменливи, туку затоа што беа тешки и обврзувачи.
Да се живее патријархално значи да се бориш со самиот себеси, секој ден, десетици пати на ден, на секое место и во секое време. Да се живее со личните патриции е состојба на себепреиспитување, односно јадење од сопствената маст, а пак модерното живеење во суштина е состојба на живеење на животот надвор од себеси и мачкање со туѓа маст. Да се живее според вредности не е тоа живот за живеење живот, туку живот за создавање вредности во животот. А вредностите никогаш не се создавале едноставно, прекуноќ, со леснотија и со јадење туѓа маст. Вредностите, драги мои, се создаваат од сопствената маст. Во моментот кога ќе си ја извадите маста и ќе ја дадете на некој друг да ја јаде, тогаш може да се каже дека сте создале нешто, што и да е од себеси.
Исус Христос себеси се доживувал како храна, како маст што се раздава на другите за да јадат од неа. Но тоа е маста на оние што се сиромашни по дух, па сакаат да се нахранат духовно. Маста што ја храни човековата беда или бедството по дух е нешто друго и се наоѓа на друго место и тоа мене не ме интересира. За што мислите дека се работи во Гозба? На што мислел Платон, тој идеалист што се раздал себеси на светот и времето, наспроти оние што ги раздадоа времето и светот? Аристотел е човекот што јадел од туѓата маст во извесна смисла афирмирајќи ја како туѓа во форма на општообразовна гозба во форма на пренесување на знаењето од други на други, хранејќи ги од туѓата, но и од сопствената новосоздадена маст.
Секако, на крајот од сѐ, Аристотел оставил амфори полни со маста на знаењето, мудроста и човечкото сознание во форма на вредности што не можеме да им се приближиме, а не пак да ги надминеме. Не знам што ми требаше ова? Звучам како некој идеалист изгубен во модерното и кој не знае или не сака да знае дека јадењето туѓа маст и покажувањето на омрсените мустаќи од таа туѓа маст е точно она што се нарекува ново, а со тоа и барано на пазарот на вредностите. Не ми влегува во глава како мажи на извесна возраст, на кои народот, животот, судбината, Бог или, пак, сево ова заедно им дале можност да создадат маст што ќе ги храни другите, се мачкаат не само по рацете и лицето туку да ме извинете и по газот, не срамејќи се дури и да си ги покажуваат намрсените им задници.
Не знам што ми требаше ова, воопшто и да го гледам, а не пак да пишувам за него? Некогаш се прашувам дали не е подобро човек да не гледа? Да не чувстува? Да не соучествува со времето во кое живее? Да не можеби ова е стапот што го чувствувам по грбот? Не знам. Иако секое јадење маст има и јадење стап. Тоа го утврдивме.
Ако има некаква утеха во тоа дека не сум единствен во поставувањето на ова, секако, мрсно прашање? На 10 март 1994 година, Емир Кустурица почнал да пишува во форма на дневник, а потоа и во форма на колумни за настани и луѓе што се омрсиле од животот на еден или на друг начин. „Што ми требаше тоа“ е насловот на таа збирка негови мрсни записи. Прочитајте ја. За да не се прашувате што ви требаше воопшто да се мрсите од оваа маст на времето и животот.
(Авторот е режисери универзитетски професор)