Но божјата правда, во однос на нашето доживување за време и простор, е бавна, ама еден ден ќе се случи. Освен ако овој народ навистина треба да исчезне, оти самиот не заслужува да постои, според тоа како незаинтересирано го прифаќа сопственото исчезнување, убеден дека некој ќе го брани и храни ако самиот се поништи
Извинете, ама мене не ми е јасно. Навистина ова аферата со Ден Дончев ја нарекоа „Муртиногејт“. Сериозно? Добро, не можеа нешто пооригинално да смислат? Што знам, нешто како „Роџермуртиногејт“. Или за да биде „мор сексапил лејди“, можеа да ја наречат „Демимуртиногејт“. Така? Или „Мајклмуртиногејт“, па да звучи документаристички. А може и мене ќеф да ми направат, оти јас ја љубам црвенокосата, па да ја нарекоа „Џулијанмуртиногејт“. А не „Муртиногејт“… Глупости!
Ете така! Ајде сега она сериозното. Јас „бомби“ не слушам. Сум го кажал тоа повеќепати. Не ги слушав „бомбите“ од проектот на „длабоката држава“ именуван со глупото име „Вистината за Македонија“. Тогаш „шарените“ ме нарекуваа режимски мегафон, затоа што не сакав да слушам нелегално стекната туѓа интимност. Не ги слушам ниту сегашните „бомби“ на кои се редат будалштините на Заев. И не затоа што „шарените“ што во меѓувреме станаа владини мегафони, велат дека се нелегално стекнати разговори, туку, како што веќе реков дека не ме интересира туѓа интимност. Едноставно, не ми требаат приватни разговори на политичари за да знам што сорта и табиет се. Ама се израдував на излегувањето на еден телефонски разговор. Многу му се израдував. Тоа е телефонскиот разговор на Џо Бајден со украинскиот претседател Петро Порошенко.
Додуша, јас и пред неколку години се израдував на еден друг телефонски разговор, ама тој нешто многу не ја промени изопаченоста на ова наше битисување. Всушност, на него никој веќе и не се сеќава. Тој разговор се водеше меѓу естонскиот министер за надворешни работи и некогашната претставничка на Европската Унија, Кетрин Ештон. И што чувме таму? Па, на пример дека снајперистите на украинскиот „Мајдан“ биле платеници на изопачената меѓународна заедница со задача да пукаат во демонстранти и полицајци, а украинскиот народ и светската јавност да мислат дека тоа полицијата пука по оние што протестираат.
По што се случи крвавиот мајдански ужас, а Украина престана да биде држава и, еве ја, уште не може да се врати во реалноста. Дали некој презеде одговорност за овој ужас? Секако дека не. И потоа наеднаш тој разговор исчезна. Каде? Па, во него се вплетка еден малезиски авион и заедно исчезнаа засекогаш. Така мејнстрим-медиумите, наместо да зборуваат за ужасот сплетен за Украина, наеднаш почнаа да мантраат за малезискиот авион. Кој исто така никогаш не беше пронајден.
Така оди тоа со прислушуваните разговори. Понекогаш се важат, а понекогаш се забранети и треба да се заборават. Ние го преживеавме тој кошмар. Кога се пуштаа разговорите на владини функционери од ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше борба за демократија. Сега кога тоа им се случува на функционерите од СДСССССССМ, да ти било кривично дело. Глупо е тука да зборувам за лицемерство и двојни аршини, затоа што најголемиот дел од човештвото е чипиран и без да има чипови, па што му се сервира, тоа голта.
Да се вратам јас на Бајден и Порошенко. Зошто ме израдува дека на идниот противкандидат на Трамп му се случува ова? Заради божјата правда. Јас верувам во божја правда и божја промисла. Слободно смејте се ако сакате. Не ми пречи. Инаку, не го преслушав ниту разговорот меѓу Бајден и Порошенко. Ама ги прочитав насловите низ американските медиуми. Сето тоа е дел од она што се нарече „Украинагејт“. Односно вмешаноста на Џо Бајден во украинските работи. Како тоа тој господарел со Украина. Кажувал кој ќе биде премиер, кој судија, кој ќе биде суден, а чиј син ќе заработи многу пари. На пример, неговиот. Ви звучи сето ова познато?
Украинската влада веќе започна истражна постапка против Бајденови. И каде ја гледам тука божествената правда? Па, Бајден е на врвот од пирамидата во специјалната војна и хибридната окупација на Македонија. Тој, Хилари Клинтон, Филип Рикер, а на терен Бејли и Стивенсон го спроведоа сценариото за рушење на трите столба на државата Македонија, глумејќи дека рушат режим, за да октроираат марионетска власт која ќе спроведе идентитетски холокауст врз Македонците и нивно административно бришење како народ од мапата на светот. Што и се случи. Македонија веќе не постои како термин ниту за НАТО, ниту за ОБСЕ. За едните сме МК Скопје – МОД, за другите, едноставно Скопје. За Европската Унија уште од Лисабонската декларација, не смееме да постоиме. Она што го сонуваа европските велесили во 1913 година, го спроведоа гореспоменатите личности од „длабоката држава“ на САД.
А започна преку емитување нелегално стекнати прислушувани разговори. Другото ви е добро познато. Претпоставувам дека господинот Бајден тогаш победоносно ликувал и уживал. Е па, ете, сега нему му се случува „Украинагејт“, а има и прислушувани разговори.
На другите моќници од „длабоката држава“, може скоро да им се случи и, како што ја нарече самиот Доналд Трамп, афера „Обамагејт“. Поврзана со американските претседателски избори во 2016 година. Биле впрегнати сериозни државни институции и органи за да работат во полза на Хилари Клинтон, а против кампањата на Трамп. Ако ова го прифатат американските судови, на праг е скандал поголем од Никсоновиот „Вотергејт“.
Сето она што ѝ го правеа на Македонија, на идентичен начин може да се сруши и врз нивните глави. Тука, кај нас, има илјадници докази за отворање процес „Македонијагејт“, за меѓународно злосторничко здружување со цел спроведување идентитетски геноцид врз цел еден народ, што е злосторство против човештвото. Проблем е што во моментов, ние тука ниту имаме можност, ниту луѓе, ниту волја да се спроведе тоа. Оти светската изопачена моќ уште е во сила и владее со човечките судбини, па, како стојат работите, последните удари врз македонизмот, поништување на македонскиот јазик, култура и историја, набргу ќе се случат преку меѓународна и домашна поддршка за оние политичари што ветиле дека ќе го спроведат тоа.
Но божјата правда, во однос на нашето доживување за време и простор, е бавна, ама еден ден ќе се случи. Освен, ако овој народ навистина треба да исчезне, оти самиот не заслужува да постои, според тоа како незаинтересирано го прифаќа сопственото исчезнување, убеден дека некој ќе го брани и храни ако самиот се поништи.
Тебе, Русјаков, само ти е криво што ЕУ ќе нè храни, а НАТО ќе нè брани, така?
Мене само ми е криво што ова звучи толку паразитски, а се изговара горделиво како да се постигнал не знам каков успех. Е таа, гордоста да се биде паразит, ме запрепастува.