Пророците никогаш не биле разбрани. Пророчките зборови никогаш не треба да се читаат буквално. Имате среќа што јас знам да ги толкувам. Репликата „Ево ти га на!“ сосема погрешно се интерпретира. Всушност, тоа воопшто не е реплика, туку име и презиме. Станува збор за Ево Тигана, далечен роднина на славниот француски фудбалер Жан Тигана. И нема никаква врска со фудбал
Зоќи, ми текна. Не треба да има избори ни во април, ни во мај, ни во јуни, а камоли во декември. Да си владееш додека не влеземе во ЕУ. Значи, доживотно. А ако оној Мицковски продолжи да обесува, знам како да се сруши. Само треба да се улета кај него во канцеларија и да му се каже дека власта поседува прислушувани разговори за него. Кои секако, тој, Мицковски, ги снимал. Ама патриоти ги фрлиле во дворот на Владата. И сега, ако лидерот на опозицијата продолжи да посакува преземање на власта, одиме на прес-конференции, каде ќе бидат пуштани тие разговори. Генијален план, нели?
Паралелно не е лошо да се активира и невладиниот сектор. Да излезе независното граџанство по улиците. Само треба да се смисли некое блескаво име за револуцијата. Бањата револуција, на пример. Тоа, секако, ќе им се допадне на западните амбасадори. И тие ќе помогнат лошата опозиција да не дојде на власт. Така ќе се остварат пророчките зборови: „Ево ти га на! Мало сутра!“
Глупата небањата раја, оти неписмена, веднаш помисли дека е тоа вулгарност преземена од српскиот јазик. Пророците никогаш не биле разбрани. Пророчките зборови никогаш не треба да се читаат буквално. Имате среќа што јас знам да ги толкувам. Репликата „Ево ти га на!“ сосема погрешно се интерпретира. Всушност, тоа воопшто не е реплика, туку име и презиме. Станува збор за Ево Тигана, далечен роднина на славниот француски фудбалер Жан Тигана. И нема никаква врска со фудбал. Ево Тигана и мистичен и опскурен гатач, познат само во просветлените езотерични кругови. Тој знае да види што било и што нема да биде. Од друга страна, „Мало Сутра“ е тајно, никогаш објавено, дополнение на „Кама Сутра“, познатиот индиски водич низ сексуалноста. Во „Мало Сутра“се запишани најважните мистични сексуални кодови. На пример, како да добиеш оргазмично задоволство кога ти даваш сè од себе, се даваш и себеси, а од партнерот добиваш среден прст. Или како да уживаш соблекувајќи облека, кожа и идентитет, а партнерот ти вели смешен си вака гол и обезличен? Скептиците сега ќе прашаат каква врска имаат мистичниот гатач Ево Тигана и тајната книга „Мало Сутра“. Одговорот е крајно едноставен. Кога Ево Тигана ја прочитал „Мало Сутра“, направил специфично движење со десната рака. Ја испружил право, а потоа нагло го свиткал лактот. Небањатата раја, нормално, и тоа го протолкува погрешно.
И што значи сето ова? Гатачот, книгата, гестот со раката? Глупо е ама баш сè јас да ви откријам. Вклучете го малку и вие умот. Потрудете се и ќе ги најдете смислата и поврзаноста на пророштвото и гестот со раката. Не бидете како оние што сенешто поврзано со премиерот дочекуваат на нож. Како она што му се случи при средбата со Могерини. Оваа последната. Кога Вучиќ му дофрлаше на Тачи како да се немирни третоодделенци. Е, на оваа средба, Могерини сите ги избаци и изгушка, само наш Зоки го прескокна. И вреснаа злобниците. Фатија да се ситат. Оти поим немаат. Не знаат дека наш Зоки е омилен политичар на Федерика. Не знаат дека тој ден Могерини се разбуди со херпес на уста. А херпес не се пренесува на саканиот политичар. Туку на оние невоспитаните, како Вучиќ и Тачи, кои никако да се договорат околу Косово. Како што нашиов се договори со Гркот. И ќе добиеше датум да не беа оние проклети споменици.
Димитров рече дека спомениците се виновни за недобивање датум и јас се согласувам. Не рекетот, законот за двојазичност, прогонот на неистомисленици, полициско-политичките монтирани судски процеси, кои како скапани круши паѓаат кај членките на ЕУ, туку спомениците. И за загадувањето се виновни спомениците. Погледнете само! Воинот на коњ шири неподнослива хеленистичка реа. Оти во Скопје сме го ставиле. Да беше во Атина, ќе ширеше благопријатен мирис на џунџулиња и темјанушки. Или споменикот на оној Гоце Делчев. Намерно шири ПМ-честички. Во превод, тоа ви се промакедонски честички. А он Бугарин. И тоа грчки Бугарин. Ама, ете, ние сме му ги киднапирале коските од Софија, сме ја присвоиле неговата бугарска историја и сме го истопориле среде центарот на градот. Како и оние браќата Кирил и Методиј. За кои, антизападниот провокатор Путин кажа дека доаѓаат од македонската земја. Која, нормално, е грчка земја. Ама, па, и вековна албанска територија. Во која, секако, живеат Бугари. Затоа и браќава направиле словенска азбука, која, и малите деца знаат, е бугарска азбука. И ние сме ги украле. Па, сега нема ЕУ. Е па, нема ЕУ.
И другите споменици прават проблеми. „Гемиџиите“ ја провоцираат Франција. Макрон не заборавил дека Шатев го рокна „Гвадалкивир“. Цицката на Олимпијада исто така провоцира. Па, уште бебе закачено за таа цицка. Демек жената е само да дои. А ваму знаеме дека секоја жена може ако сака и маж да биде. Да не го споменувам споменикот на паднатите борци во НОБ. Каков апсурд! Може да има споменик само на паднати балерини во НОБ. Оние што имале лош доскок и треснале на сцена. Оти НОБ е Национална опера и балет. А ние таму, нецивилизирани, мачки храниме.
Кај се видело такво нешто низ европски метрополи? Мачки се знае за каде се. За на Твитер нормално. Ова му е јасно на секој правдољубив и слободоумен припадник на граџанството, луѓенца. Тие, мачките, отсекогаш биле средство за ширење демократија и менталитет како што го правеше тоа Ван Хауте. А не оној пејач на терористички химни, Игор Дурловски, да ги храни.
А кога сме кај мачки, логично е да помислиме на девет животи. Тоа е нивна привилегија. Човек не се раѓа со девет животи. Освен ако не си Ел Багдади. Луѓе мои, Американциве го утепаа од убивање. Тоа е таа најсилна армија на светот. Нема заебанции со „длабоката држава“. Кога ќе се намерачи на некого, има да го убие сто пати ако треба. А не како Русине. Они кога си имаат проблем со некој лик како Ел Багдади, само еднаш го убиваат. И што е тука интересно? Жива досада се. И неспособни, бре. Ете, оној прозападен украински фашист Бандера, водач на „Десен сектор“, кој најцивилизирано палеше живи луѓе со руска национална припадност, го убија само еднаш. И толку. Мртов е. Тотална неспособност. И сега сакаат да нè напикаат во тоа нивната бесмислена Евроазиска унија. Нас, кои блескаме. Нас, кои не добивме датум, оти прво Европската Унија мора да се реформира, за да ги исполни и да се усогласи со критериумите на нашата блескавост. Ние да им одиме во тоа Евроазиската унија каде што луѓе умираат само еднаш, а сонцето уште изгрева на исток. Ма, ајде ви се молам!