Не, драги мои, нешто не е во ред со сите нас. И ние тука, и тие таму. Ниту нас сиромаштијата нè научи да бидеме скромни и трпеливи, ниту нив богатството ги прави среќни, исполнети и задоволни. Затоа што сета наша животна енергија ја насочуваме во погрешна насока. А проблемот е толку едноставен. Нема да ви кажам што е тоа
Уф, ова веќе не се поднесува. Не дај боже човек да фати да види што се случува околу него. Ковид-19. Тероризам во Виена. А пред тоа Ница, Авињон. Трамп или Бајден? Или нешто трето. Линда Лавлис, на пример. Во длабокото грло нема зло како во длабоката држава. Бугарски темели, хеленска култура. Никогаш не ме интересирало градежништво, па макар тоа било и бугарско. Култура нема одамна. Ребаланс на буџетот. Хм, ко некогаш да имало баланс. И некому ова му е интересно. Јас не знам од што попрво да избегам.
Ама Русјаков, ти си колумнист, мора да си во тек со реалноста.
Реалноста, океј. Ме интересира само во книжевна форма. Реализмот можам да го поднесам, реалноста не. И да се обидам да го коментирам гореспоменатото, не можам да најдам никакво задоволство во тоа. Ковид-19. Или ќе го фатиш или ќе те прескокне. Или ќе го прележиш, или ќе те убие. Ужасно здодевно. Маркес веќе го напиша ремек-делото. Глупаво е да пишуваш за љубов во време на ковид-19. А и глупаво звучи. Па, и Орвел исто. „1984“. Читајте го буквално, ама чувствувајте симболично и ете ви ја целата денешна реалност. Разликата е во тоа што „големиот брат“ веќе не личи на Сталин, туку на неолиберален хистеричен гомнар.
Тероризам во Европа. Колку што инквизицијата и крстоносните војни имаат врска со христијанство, толку самиот ислам има врска со религиозните убедувања на терористите. Трамп или Бајден? Боже, поштеди ме од морбиднава здодевност!
Морам ли да пишувам за нешто таму што од А до Ш го гледав тука. А тука беше грозоморно евтино, очигледно и безумно што само хистеричен неолиберал може да му верува и да му се восхитува. И сега јас треба да се заебавам со илјадапати поевтино, поочигледно и побезумно сценарио што се обидуваат да го протнат како нормално? Море марш!
Хммм, бугарски темели… На македонскиот идентитет. Ама па тој идентитет е избришан и претворен во три коси црти. Косите црти онака накосени може да паднат. Потребни им се темели. А на пазарот на идентитетски инженеринг никој освен Бугаринот не ги нуди своите темели. Па, така, сосема е логично прогресивниот неолиберал, граѓанската авангарда што Белград го замени со Брисел, да добие темел каков што заслужува… бугарски. А за таквите здодевно е да се размислува, а не па да се пишува.
Ми остана само уште буџетот. Ребалансот. Е, буџет немам. Ни до Охрид да отидам. А кога немаш буџет за до Охрид, некако најпаметно е да фатиш накај Норвешка. А ха, Осло, Норвешка, Скандинавија.
Норвешките забари ги имаат најубавите заби во цела држава. Заработуваат неверојатно многу. Ама па не смеат да ги плескаат по задник своите згодни асистентки, затоа што во Норвешка тоа е сексуално вознемирување. И често им завидуваат на своите руски колеги, зашто се убедени дека во Русија плескањето по задник на колешки е сосем нормална работа. Понекогаш се случува некој од овие забари да има чудни замисли. На пример дека тој е гну полн сексуална енергија. А познато е дека секое гну полно сексуална енергија сака да општи со гну од спротивниот пол.
И покрај тоа што Норвешка е речиси совршена држава, во неа може да се најде и понекој несреќен хомосексуалец. Од љубов несреќен хомосексуалец. Кој не може да прифати дека партнерот го изневерува. Океј, речиси совршената норвешка држава има различни методи за помош при вакви проблеми. На пример, кутија со теми и прашања за да си ја подобрите врската. Но ако хомосексуалецот е случајно зоолог, понекогаш наоѓа утеха во коските на одамна изумрени животни.
Норвешка приближно има по две убиства месечно. Што не е така многу. САД знаат да имаат и по петнаесет илјади. Исто така, Норвешка има и здруженија на самци. Тоа воопшто не е чудно ако се знае дека од десет домаќинства, во четири живеат самци. Понекогаш се случува на една инспекторка да ѝ е дојде преку глава од убиени луѓе, ама и да сака да стане претседател на здружение за самци. Осаменоста честопати знае до доведе до расистички расположенија. Особено ако бившиот сопруг ти е ем кретен ем Лапонец. Но доведува и до други чудни состојби. Како потреба да се носи бунда од леопард. Или да се сошие костим на леопард. Па да се облече маж за време на секс во тој костим и, ете, како да водиш љубов со леопард.
Норвешка можеби нема толку добри филмски режисери, ама сигурно има исклучително квалитетни монтажери. Особено оние што монтираат филмски трејлери. Од друга страна, Норвешка навистина има добри писатели, ама најпопуларни се оние што пишуваат лигави љубовно-историски серијали. И воопшто не е чудно ако некој монтажер се изгуби во просториите на „Икеа“, па биде пронајден во фотелја со африкански мотиви, со кадифен слон в раце. Како што не е чудно норвешки писател на книжевни сапуници, по три дена пиење, од непознати причини да направи макета на бик во својот подрум.
Заболекар, зоолог, инспекторка, монтажер и писател. Во еден миг секој од нив одлучува да замине во Африка. Како ли само ќе се одразат на нив борбата за животна средина, фетишизмот и секс-туризмот со животни? Одговорот, во својот роман „Животните во Африка“ го дава маестралниот норвешки писател Ерленд Лу. Човекот што генијално ја опишува несовршеноста на совршената Норвешка. Јас го читам со години. Секоја негова нова книга. Србите го преведуваат. Норвешкиот Марк Твен што остава горчина во устата по добро смеење. Сакам силни контрадикторни чувства. Многумина од вас би сакале да живеат во држава како Норвешка. Многумина од ликовите на Ерленд Лу сакаат да побегнат од нејзината брилијантност. Како мојот омилен Доплер. Главен лик во генијалната трилогија составена од романите „Доплер“, „Волво камиони“ и „Крај на за нас познатиот свет“. Човекот што бега од својата брилијантна кариера, ненормално висока плата и совршено семејство.
За да живее во шума со еден обичен лос. А да, и одвреме-навреме упаѓа во совршените куќи на брилијантните норвешки семејства кога не се дома, за да остави траги од својата сперма на за нив важни предмети. Ќе ми речете, нешто не во ред со тој Ерленд и неговите ликови. Не, драги мои, нешто не е во ред со сите нас. И ние тука, и тие таму. Ниту нас сиромаштијата нè научи да бидеме скромни и трпеливи, ниту нив богатството ги прави среќни, исполнети и задоволни. Затоа што сета наша животна енергија ја насочуваме во погрешна насока. А проблемот е толку едноставен. Нема да ви кажам што е тоа. Таму, во книгите за кои ви пишувам има совршени одговори на многу вистински ама непоставени прашања. Оти ние и тука промашуваме. Речиси никогаш не поставуваме вистински прашања. Затоа и одговорите најчесто ни се чинат неразбирливи.