Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ често и многу успешно ја следи и коментира актуелната проблематика со лажните вести и говорот на омраза. Интересно е колку оваа појава се негува и од аспект на популизмот, поточно да се залажува и манипулира народот. Поаѓајќи од популистички цели на социјалните мрежи, сѐ почесто одредени актуелни проблеми се прикажуваат само од црната или белата страна, што е далеку од објективноста. Станува збор за значителен број интернет-портали што често како негација на слободата на говорот и на идејата на демократијата објавуваат дезинформации и лажни афери за интересот на јавноста да биде насочен во нивниот пожелуван правец, а главната актуелна тема да биде ставена во сенка. И не само тоа, бидејќи немаат со закон утврдена одговорност, одделни портали без да наведат докази и факти се стават во улога и на обвинители. Кај нив е забележителна и доминација на сензацијата, на говорот на омраза, на навредите и клеветите. Во таа насока има портали што за поголема манипулација со народот и партиски цели најчесто користат чаршиски извори за измислени мегаафери, со единствена цел за рушење на интегритетот и достоинството на одредени личности, нарекувајќи ги манипуланти, ајдуци, шерифи, ороспии, змии и со други погрдни зборови. Сето ова ме уверува дека ваквите памфлет-информации со навредливи и тенденциозни содржини имаат цел да деградираат и дискредитираат личности, да ги вознемируваат и да им наштетат на честа, угледот и на стекнатиот кредибилитет.
Познато е дека за вакво медиумско клеветење преку портали во судската практика кај нас има повеќе случаи на тужби на автори, но поради недоречености во правниот систем, изостанува соодветна санкција. Со тоа уште повеќе се дава зелено светло да се шири манипулацијата со јавноста, на тужените автори влакно да не им фали, а за нивна некаква грижа на совеста не може да стане ниту збор. Значи, до ваков комодитет во ширење лаги и говор на омраза се доаѓа поради тоа што не постои правна регулатива со која интернет-порталите ќе се сметаат за медиуми. Поради овие причини надлежните судови не се ангажираат во утврдување на фактите за вистината или невистината, а со тоа не можат да утврдат ниту одговорност за клевета. Во последно време беа зачестени и појави со нелегален медиумски притисок без докази, а со ширење измислици да се влијае за групашка превласт во значајни граѓански организации. Притоа не се почитува ниту начелото за пресумција на невиност за сите лица сѐ додека судот не утврди дека го прекршиле законот. Се добива впечаток дека на тој начин како да се стимулира лагата да се шири побрзо од вистината.
Во минатото често популистички карактер добиваше и проблемот со порастот на пензиите на 320.000 пензионери во нашата земја. Симптоматично е кога се кажува дека пензиите постојано се зголемуваат и поради тоа оваа масовна популација треба да биде задоволна. Напротив. И покрај тоа што минатата и оваа година платите, особено во јавниот сектор, се зголемуваат со потребното темпо, загрижува што тоа не го следат пензиите. Најновиот податок е дека од 1 јули усогласувањето на пензиите изнесува само 0,40 отсто. Ваков низок износ во минатите 20 години е забележан само во 2005 година. Се сеќавам дека тогаш раководствата на сојузите и на здруженијата на пензионерите многу реагираа, што се очекуваше и сега, но како да има некаков договорен молк, што не им е во интерес на најголемиот број пензионери. Поточно, околу 170.000 пензионери што имаат пензија до просечната 14.450 денари, сега добиваат зголемување од 36 до 58 денари. Тоа е крајно неповолно и сите тие ќе останат на работ на егзистенцијата. Значи, најниските пензии од 9.000 денари се зголемуваат само 36 денари. Нема многу да се офајдат ни оние со највисокиот износ на пензии од 50.000 денари, бидејќи ќе добијат зголемување од 200 денари. Вакво значително заостанување на пензиите е резултат на последните законски измени, со што тие се усогласуваат само со порастот на животните трошоци, а не и со платите. На ова при крајот на минатата година како тогашен претседател на СЗПМ благовремено реагирав и во Министерството за труд и социјална политика и во јавноста. Но, за жал, не беа прифатени укажаните анализи и согледувања. Изненадува како можеше овие законски измени, спротивни на интересите на пензионерите, да ги поддржат пратениците во законодавниот дом, кои навремено беа информирани дека голема инфлација не се планира, а со тоа и зголемување на животните трошоци. Освен тоа, зголемување на пензиите според порастот на бруто-домашниот производ може да се очекува во април идната година доколку се оствари планираниот развој на економијата. Со оглед на тоа што нашата држава и со Устав е прогласена за социјална, и овој пат нагласувам дека не треба да ја залажуваме оваа популација. Измени на споменатиот закон се пожелни, така што усогласувањето на пензиите да се врши според порастот на платите и на животните трошоци. Да потсетиме дека на тој начин во 2002, 2003 и 2013 година пензиите беа зголемени со 6,5, 5,7 и 7 отсто. Во изминатите две децении пензиите најмногу беа зголемени во 2008 година со 21,66 отсто. Тоа се факти.
Кога се анализира проблематиката на лажните вести и популизмот, се доаѓа до заклучокот дека во нашата земја е потребно што поскоро да се изгради сеопфатна заедничка стратегија против овој феномен. Притоа поцелосно треба да се користат искуствата од земјите на Европската Унија за создавање законска регулатива и за порталите, како и за стимулирање на колективната свест за да се сузбие лажното информирање. Притоа сметам дека националните медиуми заедно со одговорните институции во државата треба да бидат целосно носители на вистината. Тоа е нивна професионална обврска и заложба од етичкиот кодекс.
(Авторот е новинар и публицист експерт за трета доба)