Настани, симболи, алузии
Пред неколку дена Народна Република Кина ја одбележа 70-годишнината од основањето на државата, иако Кина минала редица државни фази, иако постои најверојатно откако е создаден светот. По повод јубилејот во минатите три месеци, во неколку града во Македонија, во организација на кинеската амбасада беше поставувана изложбата на фотографии под име „Кина во моите очи“. Називот не е случаен. Таму има стара поговорка, која вели дека илјадапати слушање не е подобро од еден пат гледање, односно подобро е еднаш да видиш отколку илјадапати да слушнеш. Токму врз основа на оваа поговорка сакам да ви ја раскажам мојата приказна за Кина
За оваа земја со милијарда и двесте (триста) милиони жители илјадапати бев (сум) слушал, еднаш ја видов. Не цела, само дел од неа. Пред триесет години, во својство на главен уредник на весникот „Нова Македонија“ бев гостин на локалниот весник во Нанчанг. Престојував неколку дена во Пекинг, повеќе во провинцијата Џангси, каде што домаќините ми имаа подготвено програма, која опфаќаше посета на локации со возења повеќе од две илјади километри. Провинцијата е позната во Македонија зашто е одамна збратимена со Скопје. Во неа живеат околу 40 милиони жители, а главниот град Нанчанг околу 4 милиони. Огромната разлика не пречи Нанчанг и Скопје да имаат соработка, да разменуваат делегации.
По враќањето не напишав ниту еден збор за престојот таму, факт што не му личи ниту на еден пристоен новинар. На пријатели често им раскажував како сум поминал, но, да повторам, не сум објавил, ниту пак сум се обидел досега да напишам еден ред репортерски запис, барем за приватна архива. Од една страна беше моето мислење дека не може по престој од петнаесетина дена да се пишува за толку голема земја, од друга тоа што навистина бев збунет од тоа што го видов. Зошто се решавам да го сторам тоа сега? Некој на мое место поетично би се изразил дека е потреба за некакво задоцнето покајание поради предавство на професијата, перење од неуспехот тоа што го видов да го ставам на хартија. Го пишувам сега искрено за да ја искажам својата заблуда, својата неспособност за прогнозирање големи потфати, поточно за големото лично промашување околу гледањето за оваа држава и нејзините можности.
Што мислев и што говорев кога се вратив врз основа на тоа што го видов? Говорев дека сум ги видел најсиромашната земја и најсиромашните луѓе на светот, дека Кина, таква каква што ја видов, е педесет години зад Југославија (тогашна) и зад Македонија и дека ќе ѝ требаат најмалку педесет години да ја стигне Македонија, безмалку во секој поглед. Точно така, мислев дека државата е во безнадежна економска ситуација.
Она што го видов да го преточам во зборови и слики, без да користам многу статистички податоци, без да пишувам за Ѕидот, за историски и културни споменици, за Забранетиот град или за тогашната политика и политичари.
Провинцијата Џангси е една од посиромашните покраини. Патиштата по кои се движевме со автомобил, стари руски „волги“, или со некој прапотопски џип, беа руинирани, излокани. Долги километри од магистралните патишта на половина од коловозот се сушеше ориз или некој друг земјоделски производ, по другата половина се движеа многу стари камиони и возила, само понекоја нова „тојота“. Со воз не се возев, бродев по најголемата кинеска река со брод останат уште од Првата светска војна, патници бевме луѓе, кози, овци, крави, сите заедно на палубата.
Беше баш овој временски период, средината на октомври, временските услови слични на Македонија или на Ресен (Преспа) кога се берат јаболката. По полињата не се забележува силна механизација, но има многу луѓе. Во селата, во тоа време, една куќа имала право само на едно место за светилка, зашто немало доволно енергетски капацитети. Бербери и шнајдери своите столови, машини и масички ги имаа пред куќите и таму ги практикуваа занаетите. Во селата, бидејќи провинцијата нема доволно вода, секое село има една бара (вистинска бара) во која истовремено жените перат алишта, стоката се напојува и пливаат патки. Во главниот град Пекинг, во квартот во кој бев сместен, близу центарот, навечер, групи и групи мажи, жени и деца седеа на столчиња под некој канделабар, мажите играа шах, дама или некоја нивна древна игра, жените крпеа, плетеа или везеа. Некои од домаќините ми објаснуваа дека во еден стан, од да речеме 60 квадрати, заеднички живеат по две семејства, дека главниот град страда од немање станбен простор. Сепак, на две-три улици подалеку се гледаа новите хотели – солитери, изградени со канадски и хонгконшки инвестиции. Влегување на американски капитал сѐ уште не пуштаа.
Секому му е познато дека велосипедите беа главно превозно средство. Наутро мислите дека е велосипедска инвазија. На улица ќе сретнете импровизиран пазар, каде што колат прасиња, посебен вид одгледувани кучиња, продаваат некој вид змии, приготвуваат храна, од иста полумиена чинија јадат повеќемина. Бев на саем каде што се претставуваше некоја фирма, имаше големи редици од луѓе што чекаа да добијат пластично ќесе со име на фирмата, а по добивањето очигледно се радуваа. Низ цела Кина производите се завиткуваа во некаква жолта хартија, секаде каде што купувавме нешто продавачите сметаа на сметалки какви што мојата генерација користеше во прво и второ одделение. Луѓето скромно облечени, не сите во униформирани алишта, но со видливо стари, износени палта или обувки.
Со големо внимание и преку големата пресретливост и љубезност на домаќините ми беше овозможено да видам од природата убави панорами, големи реки, чудни планини, непрегледни оризови полиња, села и градови. Покрај едно езеро видов град што по локациската поставеност над езерото и по архитектурата личи на Охрид и едно гратче во планините како пресликано Крушево. Видов и полиња со чај што во поголем дел од годината расте во магла и бил еден од најскапите чаеви на светот. Јадевме главно традиционална кинеска храна, ориз и свинско месо, риби и некои големи мравки и скакулци. Пиевме оризови вино и ракија, иако некаде во Пекинг можеше да се најде данско или холандско пиво, во експерименталните ресторани преку кои се опробуваше приватизацијата.
Сега некој што чита ќе се запраша зошто Панде ги „лупа овие глупости“.
Го пишувам само за да си ја признаам грешката во гледањето, мојата кусогледост за развојот и напредокот на комунистичка Кина, за која мислев дека ќе ѝ требаат децении да се развие. Земјата не го смени идеолошкиот систем, но наместо за нова идеолошка револуција, какви што ги имаше повеќепати, се определи за три други: индустриска, технолошка и информациска. Успехот на Кина е нешто што светот во својата историја речиси и не го видел. За триесет години тоа е земја што не може да се препознае. Не постои држава што за толку краток период без прекин се развивала со околу 10 отсто пораст на реалниот доход, со такви експресни промени во изгледот и инфраструктурата, со таков пораст на стандардот на жителите. Остана истата идеологија, но со нова свест за изградба на комунистички капитализам, ако може да се нарече така. Едни ја сметаат за втора, други за прва економска сила во светот.
За овој период изгради околу сто илјади километри брзи автопатишта, се продаваат над 15 милиони возила годишно. Подигнати се монументални, чудесни километарски мостови преку реки и долини. Сѐ што е во Кина сега се подведува под зборовите огромно, фрапантно, недостижно, каква што е на пример најголемата хидроцентрала во светот. Ја има најдолгата железничка мрежа за големи брзина од над 300 и 400 километри на час, иако се останати околу 500 милиони велосипеди, сѐ уште за многумина главно превозно средство. Кога од Нанчанг сакав да телефонирам дома, чекав во хотелската соба речиси половина час за да добијам врска со Скопје. Денес бројот на корисници на мобилна телефонија е поголем од една милијарда, а има илјадници хотели од суперекстра-категорија. Кога со авионот на ЈАТ слетав во Пекинг, тоа беше просторно голем, но пуст аеродром. Пред неколку дена таму е пуштен во употреба најголемиот аеродром во светот, каде што годишно ќе поминуваат по 70 милиони патници. Има силен, но политичко-полициски контролиран исклучително брз интернет. Не треба да се докажува дека Кина го преплави светот со свои производи, телефони, компјутери, лаптопови, со оригинали и фалсификати, сеедно. Ни Америка не ѝ е рамна во тој поглед.
На крајот уште еднаш, овој пат самиот себеси си го поставувам прашањето зошто го пишувам ова, освен за да си ја оправдам катастрофалната прогноза изречена во 1987 година, дека на Кина ќе ѝ требаат од триесет до педесет години да ја стигне Југославија или Македонија, сеедно. Сега сето наведено го користам за да ја правам споредбата со македонските триесет години од осамостојувањето. Ако тогаш Македонија беше триесет години пред Кина, сега е немерливо назад. Ако тогаш скопски ФАС извезуваше автобуси во Кина, сега Скопје увезува кинески автобуси, дел копии од скопските. Сега Кинезите ни даваат кредити, градат патишта, увезуваат кај нас облека и обувки, од играчки до чешли, од игла до локомотива. Каде сме ние за овие триесет години? Не знам со што можеме да се пофалиме, освен со вината на „Стоби“, кои полека но сигурно си наоѓаат место на кинескиот пазар, во кинеските ресторани, зашто и ним им здодеа да пијат оризови вина. Станаа пребогати, иако во одделни краишта сѐ уште има тешка сиромаштија. Но за неа, не е препорачливо да се пишува. Ниту за нивната таму, ниту за нашата овде.