Што ќе видат денес истоименичките на Јованка и на Билјана ако погледнат во небото над Вардар и Црн Дрим? Денес можеби ништо, но за една недела, поточно на 17 јуни, над Криволак ќе прелета американскиот нуклеарен бомбардер „Б-52“
„Стотина извори го полнат Охридско Езеро со свежа вода“, си спомнувам, додека илјадници гласови го полнат Градскиот стадион со свежа енергија, во синергија од љубов кон музиката. Луѓето (како и стадионот) се изморени од преименувања и од лоши струи. Понекогаш, човек има потреба едноставно да „истече“ и да ѝ се препушти на добрата струја, во сета своја (и нејзина) непостојаност или особено затоа. „Да не заборавиме колку сме кршливи“, дофрла од сцената Стинг. А тогаш (или особено тогаш), луѓето се особено убави…
Претпоставувам дека е полесно да се биде Англичанец во Њујорк (истоимена песна од Стинг), отколку Македонец во Северна, но не дојдов да се „натсвирувам“ во мислите кому му е потешко и кој има посилна причина да се чувствува ранливо, туку да се опуштам, како и сите љубители на добриот звук. Најпосле, да се уверам во „живо“, како е да се биде Англичанец во Њујорк, кога не можам да бидам прописно ни Македонец во Македонија.
Англичанецот секогаш може да смета на Англија и на лошото време. Македонецот, пак, може да смета само на лошите времиња и на предавниците во своите редови.
Песната на Стинг, сепак, не пее за традиционалното чувство во „туѓина“, туку во една поширока и суштинска смисла – за чувството на различност и неприпаѓање. За истрајноста „да се смееш, трпејќи ја глупоста“. Песна што долго ја пишуваме.
Тука, на северната трибина, дознавам дека ракометарите на Вардар се европски шампиони. Вардар, утеха на земјата на југот… Уште една голема метафора на овие простори.
Од едната страна е реката Вардар кај Вруток, на своето извориште, ветувачки и чист, од другата е Вардар на излезот од државата – обесхрабрувачки матен.
Вардар е метафора за текот на македонската државност. Лакмусот што ја бележи катастрофалната негрижа на оние што управуваа(т) со нејзиното течение. Судбината на „црната вода“ (Вардар на тракиски) никогаш не била поблиску до значењето на своето име, а подалеку од својот истоименик – римскиот префект што се грижел за нејзиното течение и го спасувал градот од поплави.
Стинг преоѓа од една композиција во друга, без прекин, како што една река се влева во друга. Како што Бел Дрим се влева во Црн Дрим, а двете заедно во Дрим.
Пред Стинг, Влатко го отсвири „погледот“ на Јованка (од „Јовано, Јованке“) кон небото над Вардар и ни ја разгали душата, море ни ја расплака. По него, од очите на Јованка се „селам“ во очите на Билјана: од северната трибина „патувам“ на југ, на брегот на една друга, добро позната „црна вода“. Човек може да излезе од реката во која се капел како дете, но реката од него – никогаш. Легендата вели дека изворите на Црн Дрим – Билјанините Извори, настанале од солзите на убавата мома Билјана. Според легендата, под езерото живеела вилата Езерка и господарела со езерото, превртувајќи им ги чамците на рибарите и враќајќи ја уловената риба во езерото. Еден ден, од завист кон убавата Билјана, таа ја грабнала неа и ја затворила во дворецот под езерото. Од тага, Билјана плачела цела ноќ, а нејзините солзи станале извори, оттука – Билјанини Извори.
Легендата продолжува понатаму, но јас запирам на истекот на Црн Дрим, каде што почнуваат моите сеќавања за „капењето во солзите“ и пеењето на поетите. И белењето, ако не на платното на Билјана, тогаш на теписите што тогашните генерации ги „белеа“ подолу во реката. Тоа функционираше некако превртено: „белењето“ имено, ги валкаше реките, а „црната“ река ги белеше нив, како што и денешните „префекти на тековите“ со бели ракавици ни го „белеат“ образот, пуштајќи ги своите валканици во тековите пред нас, а некои „црни“ Македонци спортски ја враќаат радоста на плоштадите и ни го белеат образот пред светот…
Спортот е вештина на телото и умот, како што поезијата е вештина на душата и умот. Но без срце нема ниту добра игра, ниту добра песна. Всушност, нешто добро се прави ли без срце, па се чинат веродостојни зборовите на босанскиот колумнист Ахмед Буриќ, дека „ракометот е спорт на малите градови (би додал и малите народи), во кои нема толку пари како во фудбалот или во НБА, но во него постои нешто длабоко човечки, првично, нешто што на човек му ја враќа вербата во спортот, а на луѓето во човечноста“.
Што ќе видат денес истоименичките на Јованка и на Билјана ако погледнат во небото над Вардар и Црн Дрим? Денес можеби ништо, но за една недела, поточно на 17 јуни, над Криволак ќе прелета американскиот нуклеарен бомбардер „Б-52“, па ќе можат да го видат ветеранот од Студената војна познат по прекарот БУФФ (Big ugly fat fellow), во превод „големо грдо дебело типче“, а прекарите обично не лажат. Но и не кажуваат сè.
Дизајниран во педесеттите години на претходниот век како носач на нуклеарно оружје, „за среќа“ носел само конвенционално оружје. И не само што го носел, туку и го расфрлал, на повеќе места: од Северен Виетнам, Камбоџа и Лаос, преку Заливската војна, Босна и Југославија, до инвазиите во Ирак и во Авганистан…
Ако не му ја расплакал мајката на човештвото (за што првично е дизајниран) тогаш расплакал добар дел од него. Се чини и понатаму ќе го прави тоа, зашто постојат прогнози за негова употреба до педесеттите години на овој век, односно дури наврши стотка, ако во меѓувреме не го замени некое „поголемо, погрдо и подебело типче“. Истото ова типче неодамна ги покажуваше мускулите во Арапско Море, пред очите на Иран.
Во торзото на ова „типче“, имено, ќе можат да погледнат очите на „Јованка и на Билјана“ дури прави корзо на македонското небо, демонстрирајќи убедлива воена потенција. Арес на новата митологија, кој многу очи зави во црно. Не би сакал да се капам во црната вода на нивните солзи.
Ден по концертот на Стинг (и на Влатко Стефановски) на Градскиот стадион, на плоштадот „Македонија“ ракометарите се пречекани како маршали (уште една метафора за старото име на плоштадот).
Илјадници гласови го полнеа плоштадот „Македонија“ со свежа енергија, во синергија од љубов кон спортот, а поради брендираната (во буквална смисла врежана) метафора на името Вардар – и во синергија од љубов кон татковината. А љубовта е посилна од омразата и кога молчи, сеедно што втората се надвикува. Сеедно што имало и ќе има „разматувачи“ на радоста. И црни реки што ќе белеат и бели ракавици што ќе црнеат. Секој век ги има, а по трагите на Гане – секој матен век си има и свои разбиструвачи. „Да ни е да сме доволно колку за да се довардиме покрај Вардарине…“, ќе рече.
И да ни се доволно Билјани и Јованки што ќе го обелат, ако не платното и небото, барем образот на земјава…
Авторот е магистер по мир и развој и поет