Во оваа асиметрична, условно речено „бартер“ трговија, триумфира(ше) шпекулативното над вистинитото, политичкиот опортунизам над правната регулатива, штитеникот на силата над обессилениот, инстант дисконтната распродажба над тешко спечалениот национален капитал… Со еден збор – крстопатот (ни) стана распетие
На утрешен ден (пред една година), ја објавив првата колумна во „Нова Македонија“, насловена „Крстопат(и)“. Просторната симболика на крстопатот како место (и време) за преиспитување на патот и целта на едно колективно патување (но и на себеси), се чинеше најсоодветно го пресликува егзистенцијалниот притисок и безбедносната дилема на претпреспанска Македонија и тогаш најавеното срамно преименување на државата како влог за влез во ЕУ и во НАТО.
Една година потоа (и покрај оптимистичката ведрина на носечкиот политички естаблишмент), сметам дека како држава и како демос не го положивме тестот на национална и државничка зрелост.
Не само што „името на нашето историско постоење и духовно помнење, душата на нашиот идентитет и пред сè – она малку човечко достоинство, кое ни преостана по големото отуѓување на капиталот (со неуспешната приватизација), меѓусебното отуѓување (со партизацијата и етнизацијата на трудот), а најпосле и отуѓувањето од самите себе (со неолиберализацијата на сите вредности)“ се заложени во профана политичка зделка како котизација за прием во друштвото на меката (ЕУ) и најтврдата (НАТО) сила, туку и мноштво врзивни елементи како државност, право и помирување – ги избриша големата ерозија од политички опортунизам.
Во оваа асиметрична, условно речено „бартер“ трговија, триумфира(ше) шпекулативното над вистинитото, политичкиот опортунизам над правната регулатива, штитеникот на силата над обессилениот, инстант дисконтната распродажба над тешко спечалениот национален капитал… Со еден збор – крстопатот (ни) стана распетие.
Во името на народот, безбедноста и благосостојбата, станува сè поизвесно дека Македонија ќе се вози на тркалото на силата како триесетти вагон на најмоќниот воен воз за сеење „мир“ (и страв) по светот, чии победнички труби се во десинхронизација со лелеците на „ослободените“. Притиснете на кој било пребарувач на мрежата и ќе го видите лицето на слободата од Авганистан и Ирак до Либија и Сирија.
И денес, како и тогаш, (се) прашувам еднакво: може ли чадорот на силата да нè заштити од сопственото бессилие, но и од прекумерноста на силата на (по)силните.
Вистината за мисиите на НАТО е едно, но вистината за мисиите на НАТО на „теренот“ е нешто сосема друго, особено кога станува збор за колатералните штети, за чие протекување во јавноста, дури и во медиуми како „Гардијан“, „Њујорк тајмс“ или „Шпигел“, се станува цел на „отстрел“. Ова го потврдува апсењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, по седумгодишен притвор во амбасадата на Еквадор во Лондон – (до неодамна) единствено засолниште од прогонот на моќните поради откривање на вистините што „требало“ да останат скриени, а го откриваат кошмарното лице на војната како цена за мирниот сон на најмоќните. Историјата помни прогони на оние што ќе ја откријат вистината за небесните сили, денес тоа е прогон за оние што ќе ја разоткријат вистината за земните сили, кои крстосуваат по светот во потрага по ретки ресурси и пазари за производните вишоци, во лаври на мировни поборници. За таква „авантура“ Бруно ќе изгори за час, додека Асанж (ќе) „гори“ уште долго на кладата на вистината.
Во духот на темата од последната колумна – за нашата опожареност и оските околу кои се вртат нашите животи, за саможртвата на Бруно и пркосната реплика на Галилеј за вртењето како закономерност и нужност, се прашувам – дали светот се врти на една иста историска оска на оспорувани вистини и гори на иста жртвена клада за оние што ним им служат. Неретко продадени за грст долари или сличен еквивалент, како во приказните на повеќето народи, но и како во случајот на Асанж, за кредитирање од ММФ – уште една историска оска на профана трговија, која продолжува да се врти.
Што е со вистината, има ли место за неа во иднината наспроти оската на оспорувањето, во духот на оној Галилеев мирен пркос на непомирливост – дека „сепак се врти“? Или „честа“ да и бидат гласници им припаѓа само на поединци? Нејсе.
За разлика од членството во една моќна воена алијанса каде што вистината има многу (и неубави) лица, онаа за членството во ЕУ е многу едноставна: Македонија, за да стане членка на ЕУ, мора да ги исполни Копенхагенските критериуми, од кои првите се однесуваат на стабилност на институциите и владеењето на правото, кои наместо камен-темелник сѐ уште се камен на сопнување. Од тој камен не може едноставно да се направи тркало и да се истурка патот прекутрупа, набрзина. Како и секој камен, и тој има своја тврдост и тежина за кои се потребни вешти (и чесни) раце.
Си спомнувам на една епизода со анимираниот лик на Пинк Пантер во камената доба, каде што пантерот со својот сопатник – Малиот Човек, треба да пренесат еден робустен, неизделкан камен, веројатно за градиво. Сиот напор и досетливост за обликување на каменот за негов полесен пренос завршува неуспешно и болно. Иако поуката на приказната, веројатно, треба да се бара на друга страна (можеби на страната на човечката мрзливост како катализатор на технолошкиот напредок), истовремено сугерира дека постојат тежини што едноставно не можат да се истркалаат. А доколку и успеат, можат лесно да се претворат во кошмар. На крајот од серијата, Пинк Пантер самиот ги крши веќе обликуваните тркала, вознемирен од замислата на хаотичниот сообраќај, кој би настапил како последица на изумот на тркалото – хаос што ние веќе го живееме, додека улиците од нашето детство кога уживавме во оваа серија, изгледаа речиси летаргично.
Несомнено, тркалото е еден од најголемите човечки изуми, широко применливо, но, за жал, (или не) не е сеприменливо. Не е тркало сè што треба да се истурка. Ниту е лесно да се изделка секој камен.
Пештерите на лесновскиот кратер уште од дамнина се ризница на далеку познатиот лесновски камен, ползуван за изработка на воденички камења – некогашни темелници на патот на лебот. Доволна е една грешка при неговото делење од карпата, сиот труд да биде залуден. Пештерите, настанати со вадење на лесновскиот камен се жив запис на Сизифовиот труд на нашиот човек од историјата, каде што како изложени нè „гледаат“ од карпите доказите за незавршената работа, од погрешни удари на длетото.
Лесново е целта на патувањето и на „тврдоглавите“ во истоимениот роман на Славко Јаневски, во потрага по воденички камења за своите мелници. Патување на кое се испишува македонската верзија на митот за Сизиф…
Во дефиницијата за тркалото, се вели дека постои место каде што се спојуваат делот што се врти со неподвижниот дел, именуван како лежиште. Во тој дел се случува триењето и се создава силата на отпорот. И обратно: за да се создаде силата на отпорот, мора да настане триење меѓу она што се врти (уште пред Галилеј или од кога постојат гласници на вистината) и неподвижниот дел, оној што рамнодушно чека нештата да се случат сами од себе или по сила на наложеното. Да се случи тоа триење, потребно е лежиште. Македонија како држава и македонскиот народ како демос се како без „лежиште“: разјадени, раселени и поделени. Недостига каменот-темелник, оној за владеењето на правото – првиот камен-бележник на патот до ЕУ.
Некогаш решението е мошне едноставно: она што е камен на сопнување треба да се преобрати во камен-темелник – невладеењето на правото да се преобрати во владеење на правото. Нека се почне од сообраќајот, и казните за брзо возење или погрешно паркирање да важат за сите еднакво, а не само за „малиот човек“. Во спротивно, како и во епизодата на Пинк Пантер со резервната гума, долго ќе ја бркаме неа по удолници, за на крајот да ја преплатиме и дополнително да платиме казна за погрешно паркирање. Дали сме до толку тврдоглави да не разликуваме политички прагматизам од садизам врз правото?
Романот „Тврдоглави“ нè потсетува дека опасноста не доаѓа само однадвор, туку и од сопствените редови (посебно оттаму) – од оние што за сопствени интереси фрлаат камен на тркалото на историјата. Сè во име на народот (кој никако да го изброиме) и иднината (која никако да ја стигнеме)! Сепак се тркала, како Сизифов камен на угорнина или резервна гума на удолница…
Авторот е магистер по мир и развој и поет