Стево Пендаровски стана првиот претседател на новоименуваната држава Република Северна Македонија. Нема човек со минимум личен демократски капацитет, со културни манири, домашно воспитување и политички бонтон што нема да му го честита изборот без разлика што мисли за неговата победа, квалитети и способности. Без разлика дали гласал за него или за другиот кандидат што го симпатизирал или фаворизирал, дали припаѓал на неговата или на противничката партија ред е да му се упатат честитки.
Откако помина мирно тој изборен процес сега во јавноста ќе се поставуваат прашањата каков ќе биде Пендаровски како претседател, каков сакаме да биде додека ја извршува функцијата во наредните пет години. Таквите прашања ќе бидат застапени во партиските дебати, во низа разговори на упатени учесници во политиката, низ анализи на прекубројни самопрогласени аналитичари, како и во секојдневните кафеански „државотворни“ филозофирања на оние што немаат друга работа или друга грижа за грижење.
Не треба да се повторува и објаснува дека Пендаровски својата кампања ја темелеше и ја градеше претставувајќи се како проевропски демократски лидер, иако неговата биографија е поиспишана со движење низ бирократски лавиринти, со полициско-безбедносни дејности и со воени предизвици поврзани со неговиот ангажман како македонски НАТО-човек број еден, како нивно верно чедо. Поаѓајќи од тие факти, очекувано е строго да се држи до надворешните директиви, иако општопознато е дека во Македонија при сите избори (претседателски, собраниски и локални) едно се изборните ставови и ветувања, а сосема друго реалните состојби. Од изборните програми на почетокот до вистинските ефекти на крајот на мандатот разликата е колку небото и земјата, метафорично кажано. Сепак, повеќе од сигурно е дека цело време ќе се труди да создава слика на проевропски, прозападен лидер.
Какви лидери сакаат во своите земји европските граѓани? Во сеќавање ми се објавените резултати од едно големо истражување спроведено не толку одамна во петте најголеми членки на Европската Унија: во Германија, Италија Франција, Шпанија и во брегзитна Британија, при што испитаниците одговарале на прашањето каков лидер посакуваат на чело на нивните држави. Одговорите, ако се исклучат нијансите, речиси насекаде биле исти или слични: граѓаните сакаат „јаки“ лидери.
Што подразбирале по поимот „јак лидер“? Тие се водачи што се подготвени да ги менуваат правилата на играта и кои би носеле новитети во владеењето, новитети покорисни за мнозинството, но не запоставувајќи го и малцинството. Силен лидер е личност што ќе собере храброст самиот да ја промени актуелната состојба, личност што ќе ја држи ситуацијата во свои раце, што дејствува брзо, што е остар и пробивен и ќе ги решава проблемите брзо и ефикасно. Под „јак лидер“ се подразбира претседател или премиер што има голема сила и енергија, што има стекнат авторитет на чесност и принципиелност, што мнозинството го смета за значаен и релевантен, што е истраен, цврст и доследен во своите ставови и што знае да покаже решителност во кризни ситуации.
Посебно се нагласува дека лидерот треба (би требало) да гради силни позиции на својата држава во односите со други држави, да има значајна улога во меѓународните односи, притоа да ги штити идентитетот, интегритетот и достоинството на државата и да ја чува нејзината историска автентичност. Се разбира, духовно да е силен и непоколеблив, да биде вооружен и со знаење, култура, да се одликува со политички и демократски бонтон, кој совесно ја исполнува својата функција, ги почитува универзалните норми на владеење и правата и слободите на граѓаните. Секако лидерот треба да не лаже јавно, да не шири самиот или да не подлегнува на лажни вести, иако ниту еден политичар не останал имун на таквите искушенија. Но кој не знае да подлажува, кој е искрен, кому благородноста му е највисока доблест тогаш тој не е ниту може да биде успешен политичар. Такви не се ниту црковните лица.
Потребата од силен водач на чело на државата ја образложуваат со уверувањето дека нивните земји не се на вистинскиот пат, дека состојбите, економски и политички, не се толку сјајни како што ги прикажува власта и бирократијата. Острите оцени за петте земји донекаде ги ублажува испитувањето во Германија, каде што граѓаните изразуваат поповолни мислења за состојбата во нивната земја и за политиката што ја води канцеларката Ангела Меркел.
Едно се резултатите, друго анализите засновани на искуството. Сериозните анализи покажуваат дека има примери во практиката, кога семоќниот лидер, поточно изборот на некој што се сметал за спасител е повеќе мит одошто реалност бидејќи очекувањата за подобро утре под негово раководство, најчесто се покажувале како илузија, како чиста противност. Притоа се истакнува дека има многу примери кога токму преголемата моќ, „јакоста“ што ја имале некои лидери била главната причина за нивна заслепеност, а со тоа и за големи промашувања, за донесување погрешни одлуки, а некаде за национални драми па и трагедии.
Околу митот за големиот водач, околу прашањето за решавачката улога на поединецот во витлите на историјата секогаш имало различни гледања и спротивставени оцени, без оглед дали станувало збор за диктатура, која се одликува со големата улога на поединецот или демократија како систем на владеење во кој учествуваат повеќе личности и институции. И во демократијата доминира ставот дека „јак лидер“ е добра работа, дека нема народ што би се залагал или би застанал зад слаб лидер, освен ако нема некоја посебна причина, или ако не е наметнат од страна.
Во тој контекст се проучувани и односите меѓу партиите и владите. Според познати политички аналитичари (не домашни), за демократијата е мошне опасна илузијата дека поголем лидер е оној што доминира во својата партија и над својата влада. Колку што акумулира повеќе моќ во своите раце, колку што станува уверен дека е незаменлив, колку што повеќе сам донесува одлуки толку повеќе има можности погрешно да ги согледа и одмери. Кога ќе ја почувствува големата моќ, настојува уште повеќе да ја зголеми, да ја наметне кај сите други, притоа запоставувајќи ги законите, потценувајќи ги институциите, игнорирајќи ги процедурите, тргајќи го настрана владеењето на правото, користејќи ги сите негови празнини и дупки. Дополнително за сѐ во државата го има последниот збор, што во секој случај не е препорачливо и целисходно. Начинот и владеењето на еден лидер колку што зборува за него самиот, за неговиот карактер, истовремено зборува и за карактерот на неговите соработници со кои се опкружил, а понекогаш и за менталитетот на општеството во целина.
Не е спорно дека создавањето јавно мислење за силен лидер е особено важно во изборни процеси и кампањи, но често се случува по изборот и извојуваната победа да се покаже дека создадената слика била лажна. Избирачите, како по правило, во лидерот го гледаат само она што сакаат да го видат. Самите се желни за големи ветувања, иако делумно се свесни дека сето тоа не може да го оствари само еден човек, колку и да ги има способностите на еден супермен. Затоа не секогаш се случува идеалната комбинација: да се биде вистински лидер во вистинско време и на вистинско место.
Стево Пендаровски најавува проевропско лидерство. Што значи тоа во македонски услови, во македонска не многу светла практика на односи меѓу претседател на држава и претседател на влада, во многу сложени економски услови, во сериозна поделеност на македонскиот народ, тешко е да се разложи.