Иако потплатените пропагандни перјаници најавуваат апокалиптични сценарија доколку мнозинството не гласа „за“, повеќе од јасно е дека по недела, 30 септември, ќе дојде понеделник, 1 октомври, ќе изгрее истото сонце, или ќе врне некој раноесенски дожд. За наша среќа, што и да се случи, не е тоа денот на библискиот потоп за Македонија, како што сака да се претстави во грубата кампања. Не е ден кога граѓаните избираат меѓу животот и смртта, меѓу роб и гроб, предреферендумска атмосфера што се наметнува, за да се спречи евентуалниот успех или можниот неуспех на референдумот за промена на името и за влез во НАТО и во ЕУ
Во денешниот текст читателите на весников ќе имаат можност да прочитаат како станав заостанат. Ова не е шега или употреба на некоја стилска фигура. Приказната на прва мисла изгледа лична, но ќе се види дека е и општа. Колку на мене, толку се однесува и на стотици илјади граѓани на Република Македонија, Македонци по досегашна националност, а наскоро северномакедонци, по Устав и по закон.
Најпрво сакам да ја цитирам британската премиерка Тереза Меј за брегзитот. Соочувајќи се со сите маки и компликации околу договорите за начинот на разделувањето, пред сѐ финансиското, на Британија со Европската Унија, нејзината последна изјава гласи: „И да пропадне брегзитот, нема да пропадне Британија, ниту ќе пропадне светот“.
Сега таа изјава да ја парафразирам на домашен, северномакедонски терен, онака како што јас ја дефинирам. Имено, мојата дефиниција гласи: и да пропадне референдумот на 30 септември, нема да пропадне Македонија. Без нас нема да пропадне ниту светот, ниту нешто ќе им се случи на НАТО или на ЕУ. Тие може, евентуално, да пропаднат како системи и организации само тогаш кога нашата земја ќе се зачлени таму. Имаме ние доволно искуство во растурањето сојузи, држави, системи, партии, фирми и така натаму и така натаму.
Иако потплатените пропагандни перјаници најавуваат апокалиптични сценарија доколку мнозинството не гласа „за“, повеќе од јасно е дека по недела, 30 септември, ќе дојде понеделник, 1 октомври, ќе изгрее истото сонце, или ќе врне некој раноесенски дожд. За наша среќа, што и да се случи, не е тоа денот на библискиот потоп за Македонија, како што сака да се претстави во грубата кампања. Не е ден кога граѓаните избираат меѓу животот и смртта, меѓу роб и гроб, предреферендумска атмосфера што се наметнува, за да се спречи евентуалниот успех или можниот неуспех на референдумот за промена на името и за влез во НАТО и во ЕУ.
Како што им е познато на поредовните читатели на „Нова Македонија“, во моите колумни често укажувам на неповолностите што ги носи потпишаната спогодба за името со Грција и штетните последици по Македонците како народ од истата таа. Притоа посебно ги нагласувам антинационалните дејства што ќе бидат предизвикани со промената на Уставот на новата држава, промени што несомнено ќе го обезличат во добар дел македонскиот национален идентитет. Тие опасности во самата спогодба со Грција не се таксативно напишани, умешно се избегнати, но се подразбираат и ќе се обелоденат веднаш по референдумското изјаснување. Дури тогаш ќе почнат да следуваат шоковите, но ќе биде доцна да се поправи нешто.
Имајќи ги предвид овие наводи што ги споменуваат, некои од пријателите и читателите ме сместуваат меѓу вмровците противници на референдумот, а уште побројни во таа преселба се оние што нешто чуле, нешто недочуле, а никогаш ни буква што сум напишал не прочитале. Значи, поконкретно мене ме лоцираат во оние што се против промена на името, а такви има три-четиристотини илјади, ако не и повеќе Македонци. Не зборувам за Албанците, бидејќи тие 100 отсто се Македонија да нема име. А за разлика од нас, тие знаат зошто се „за“. Тие си имаат своја сигурна матична (не резервна) држава и јавно го соопштуваат тој факт.
Кои се квалификативите, епитетите, „почестите“ што јас и тие стотици илјади ги добиваме од некои од политичарите и од ордата новинари, аналитичари, колумнисти, порталџии, фејсбукчии, твитерџии и слични хушкачи и букачи задолжени за (од) официјалната пропаганда. Тие нас нѐ карактеризираат како слепци, како луѓе што не го гледаме изгревот на слободата, луѓе што не сфаќаат дека над Македонија ќе свети ново сонце. Ние, со тоа што сме имале став Македонија да не го менува името, што никако не сме се согласувале со ерга омнес, сме биле заостанати во умот и со застарени сфаќања, не сме го сфаќале новото време, сме продавале лажен патриотизам, ирационален национализам. Ние националисти, тие интернационалисти.
Според нив, не било патриотизам да го чуваш името на државата, вистински патриотизам да ти било ако се согласуваш да немаш име и презиме, да немаш државотворен корен, да немаш националност затоа што тоа било истрошена работа. И тоа во исто време кога сите европски и американски лидери повикуваат на патриотски вредности, на лојалност и чување на идентитетот на своите нации и држави, во време кога се закануваат такви опасности. Ние што сметаме дека со ерга омнес се брише сѐ што носи назив „македонски“ сме немале поим од историја, зашто сета македонска историја напишана и пренесувана со генерации била лажна, создавана сосила, под комунистичка диктатура. Неуките политичари и историчари во минатото ги труеле односите со Грците и со Бугарите, а тие, види мајката, секогаш ни подавале рака, биле наши браќа, ама сме биле заблудени, со испрани мозоци, не сме можеле да ја видиме таа блискост што ни ја нуделе. Тие биле правите, ние грешните.
Еве, и мене ме наредија во лажни патриоти, заблудени националисти- македонисти, ситни трговци, изманипулирани пензионери, слепи визионери, луѓе што не гледаат ништо подалеку од својот двор или балкон. Меѓу луѓето кои со тоа што велат дека спогодбата со Грција носи одредена штета ја уништуваат Македонија, ја ништат нејзината иднина и иднината на своите деца и внуци. Ние на сѐ сме гледаме црно, тие гледале бело, иако црното од спогодбата со Грција на големо се продава како најбело.
И ни крив ни должен, освен заостанат, ќе најдат начин, со разни шуш-шуш методи, да те прогласат за инфициран прорусин, пропутиновец, ќе ти накалемат проруска ориентација, дури и земање подрака руски пари. Безмалку сите асоцијации водат кон тоа дека ако пишуваш дека спогодбата има низа параграфи што одат на македонска штета, тогаш си руски агент или нивни платеник што работи Македонија да не види бел ден. Посилен кагебеовец дури и од домашните долгогодишни цијаши и нивните ситни слуги, уплашени дека може некој да им го земе местото, а со тоа и парите. А тоа го прават токму оние политичари и новинари што западните фондации ги „удавија“ во пари, ги заслепија од донации и грантови, како и оние медиуми што се финансирани со српски или со грчки пари. Плус со државни. Оние што неуморно, и покрај надминатото полнолетство на Македонија, сѐ уште цицаат и домашни и странски буџети наменети за слобода на медиумите.
Партиските сателити и послушници ги сметаат сите оние што мислат со своја глава за празноглави, за ментално потпросечни, полуписмени или неписмени. Тие што ќе се изјаснеле против промена на името немале морал, немале политичка визија, тие во моментов се антидржавните елементи за кои не треба да се покажува минимум толеранција. Човек просто да се наежи од ваквите заложби во време кога власта на големо труби дека е демократска, дека е гарантирана слободата на мислење и говорење, кога нема табу-теми и никакви дилеми дека дошол живот, нов живот.
Од своето децениско новинарско искуство имам разбирање за оние што ја сакаат партијата повеќе од државата, но истите тие треба да имаат разбирање за оние што повеќе ја сакаат државата од партијата. Имам разбирање и за оние членови и симпатизери што слепо веруваат во партиските лидери и партиските ставови дури и кога не се согласуваат со нив, но доследно ги спроведуваат добиените директиви.
Некогаш тоа е нужно за да се остварат некои повисоки цели. Но, од друга страна, историјата нѐ учи дека заради „повисоки цели“ страдале народи и цели држави.
За Македонија и за Македонците во огромно мнозинство не се спорни желбата и волјата нивната држава да биде членка на НАТО и на ЕУ. Дваесет години со ред сите анкети покажуваат дека е минорен бројот на противниците. Собранието има донесено повеќе декларации во кои изразува подготвеност за членство. Не е спорно дали сме за НАТО и за ЕУ, спорно е дали сме за ново име ерга омнес, прашање што умешно се скри пред референдумското изјаснување.