Од каде да почнам? Што попрво да фатам и да баталам? Пред мене е лепеза од можности. Патем, зошто лепезата се нарекува ладало, а кога се многу можности, тогаш ладалото е лепеза? Баталете ме, вадам ковид, не сум при себе. Сакав да дадам оставка оваа недела, ама тоа значи дека ќе мора да продолжам да работам. Затоа што оставка е висок морален чин кога ја даваш и потоа сам на себе не си ја прифаќаш. Тогаш си прогресивна дијагноза во океан убавина.
Размислував и да исчезнам, да ме киднапира една руска убавица, ама ми текна дека сум во самоизолација а ла Заев по пораз на избори што ги победи, но и се плашам да не дознае словенечки ИФИМЕС дека спијам на перница полна руски женски воздишки и потоа да ѝ обзнани на јавноста дека среде бели ноќи дробам црни руски пари, а што си дробиш тоа и ќе си шмркаш, како што вели рускиот наркобос Гогољ во својот прирачник за шмркање „Нос“, па си реков, батали, седни и пишувај.
Може да здивнеме. Иднината на Европската Унија е повторно извесна. Ќе биде тоа светла, прогресивна и блескава иднина. Новата нормалност се врати кај нејзините граѓани. По еден тежок и напнат четврток, официјален Брисел може да биде сосема уверен дека во декември ќе добие датум од Нордистан за почеток на пристапни преговори. ЕУ е спасена. Обидот на Русија преку лабораторијата Сорокин да подметне „Достоевски трип“ во европска манџа, не успеа. По молитвите на Меркел и Макрон до свети Зоран и Заев, црпнатиот од Бога мироточеше пот пред камери и со таа света течност беше попрскан рускиот легион демони што сакаа да ја силуваат ЕУ.
Само за миг, мрачни руски сили го киднапираа мирот на европските и американските дипломати. Го држеа во заложништво просперитетот заканувајќи се со ликвидирање на демократијата. За среќа, реагираа нордистанските власти. ЕУ и САД може да го слават своето ослободување и да се посветат на реални проблеми со кои се соочуваат. Како енергетската криза.
На секој прогресивен Нордистанец, а такви се повеќето, јасно му е дека Европската Унија се соочува со енергетски проблеми предизвикани од злобниот руски диктатор Владимир Путин. Тој тврди дека рускиот гас ѝ припаѓа на Русија што претставува монструозно присвојување на европските вредности.
Уште додава дека ќе испорачува енергенти за европските партнери онолку колку што тие бараат, а тоа значи дека тој нема да испорачува повеќе отколку што тие бараат и мора да признаете, такви ѕверства против хуманоста досега не видела планетата. Нешто слично рускиот претседател искажа кога рече дека руската територија ѝ припаѓа на Русија и тие можат каде што сакаат низ неа да ја распоредуваат својата војска, со што директно се вмеша во американската демократска политика одземајќи им ја привилегијата само тие да распоредуваат своја војска каде што сакаат, макар и во Русија.
Соочена со неможноста да го добие сиот руски гас што природно ѝ припаѓа, како што африканските дијаманти природно ѝ припаѓаат на Холандија, исплашена од можноста да потоне во мракот на руската агресија, ЕУ беше фатена како краде струја од Нордистан. Моќниот Нордистан не се налути. Сепак ние сме поголемиот брат. Кражбата е простена. Со добивање датум за преговори во декември, ЕУ ќе има можност да ги користи огромните нордистански енергетски ресурси, а нејзините граѓани ќе можат бесплатно да се лекуваат во модерните модуларни болници во Нордистан. Сè што треба граѓаните на ЕУ е да прифатат дека се Бугари што е јасно и очигледно.
Во меѓувреме нè посети холандскиот премиер Руте. Европската Атлантида е во мала политичка криза. Прогресивниот Руте не може да собере владејачко мнозинство. Дојде во Нордистан на обука. Затоа во Холандија веднаш исчезнаа неколку пратеници што се противат тој да ја води холандската подморница. По враќањето од демократското исчезнување, овие пратеници станаа прогресивни и рекоа дека нивните срца спијат во Скопје и во Муртино.
Нордистан не им помага само на европски пријатели. Нордистанската полиција за борба против трговија со дрога, НорДЕА, спроведе акција во Соединетите Северноамерикански Држави. Срушен е наркокартел предводен од руската државна мафија. Дополнително, Нордистан им подели свои државјанства на врвни криминалци со прогресивни ставови, кои ќе се борат против руските деструктивни наркобосови. Што нѐ враќа на фактот дека зад сите планетарни зла стојат Руси.
Русите традиционално промовираат зло во четврток. Затоа што во четврток е роден озлогласениот руски терорист Достоевски. Во своето дело „Записи од подземјето“, тој опишува субверзивни методи преку кои рускиот терор треба да го загрози западниот прогресивен дискурс. Проширената верзија „Записи од мртвиот дом“ се низа упатства за руските терористи преку кои живата европска приказна треба да се затвори во мртов дом. Во „Демони“ ги поттикнува руските пеколни одреди да внесат оган и страдање меѓу европските граѓани. Затоа што Достоевски ги смета Европејците за идиоти. Оттука Русите симболично го избираат четврток за да внесат ужас во блескавата нормалност на САД, ЕУ и на Нордистан.
Но по секој ретрограден руски четврток доаѓа цивилизиран петок. Против деструктивната проза на лудиот Достоевски, Нордистан има лирски СПЕЦНАЗ, кој сложената руска реченица ја демоларизира со прогресивен стих. Па така, ако злото сака да ја изопачи новата нормалност внесувајќи забуна преку теориите на Достоевски за бели ноќи, зимски белешки за летни доживувања и одвратни приказни планирајќи од урбани и напредни граѓани да ги сведе на понижени и навредени, тогаш прогресивна мисла возвраќа со лирска божественост објаснувајќи му на руското копиле дека ние сме океан од убавина, модерност, нежност, добрина и возвишеност.
И ако забеганиот руски лудак ги мобилизира своите озлогласени браќа Карамазови, господинот Прохарчин и Неточка Незванова за да ни ги окуваат умовите и телата во престолнините на злото, Москва и Санкт Петербург, лирските одбранбени сили му враќаат со стихот во кој недвосмислено се кажува дека нашите срца спијат во Брисел и во Вашингтон. Но сѐ додека има четвртоци ќе има и терористи како Достоевски, па затоа прогресивната мисла треба да се држи будна за да не заспие среде кошмарот на вујковиот сон, да не го изгуби мигот во бесконечноста на вечниот маж или не дај Зоќе, да ја затвори урбаната дијагноза во селото Степанчиково, паѓајќи во стапицата на озлогласениот руски младич, коцкар и двојник.
Нека е честит денот, 200 години од раѓањето на Достоевски!