Бугарија со месеци врши заткулисен притисок врз Северна Македонија, барајќи од неа да се согласи на далекосежни отстапки, кои „би ја спасиле“ од бугарското вето за пристапни преговори со ЕУ. Советот на министри уште во март годинава даде зелено светло за почеток на преговорите, но формалниот почеток би можел да биде дополнително одложен поради бугарското спротивставување. Во текот на последниве недели, барањата на Софија испливаа на површина. Освен што претставуваат закана за Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, тие се на добар пат да ги погазат и најесенцијалните вредности за кои се залага ЕУ.
Во серија јавни и дипломатски изјави и меморандуми, бугарската влада побара македонскиот да не се спомнува како посебен јазик за време на пристапните преговори со ЕУ. Ова води кон заклучокот дека Бугарија би можела да се спротивстави на тоа македонскиот да стане официјален јазик во рамките на ЕУ. Во досегашните пристапни преговори на другите држави, идната членка секогаш имала избор да одлучи кој јазик ќе го користи и ниту една од земјите-членки не се обидела да го негира постоењето на нечиј јазик, а уште помалку да се противи на неговото име.
Точно е дека двата јазика се тесно поврзани, но помеѓу нив постојат јасно изразени разлики. Замислете ваква ситуација – Хрватска да стави вето за пристапните преговори на Србија и Црна Гора, само затоа што овие две држави имаат јазици што се слични на хрватскиот, а притоа да инсистира тие да го прифатат хрватскиот јазик како свој официјален!
Покрај јазикот, втор камен на сопнување наметнат од страна на Владата во Бугарија претставува историјата. Софија тврди дека не постои вистинска македонска нација и дека таа е вештачки креирана во комунистичка Југославија. Сите нации се вештачки, бидејќи тие не се нешто што е антрополошки „вродено“ и секако дека не постоеле во древните времиња, туку се елемент на поновото време и честопати се многу „млади“.
Некои од нив се појавија подоцна од другите, но тоа никако не ги прави повештачки. Конечно, сите нации се темелат врз историски митови, вклучувајќи ја и бугарската.
Ставот дека Македонија треба да го признае бугарското потекло на сопствената нација и да ги декларира своите бугарски корени, како што пред неколку дена побара бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, со еден збор е чист апсурд. Како прво, не постојат никакви цврсти докази за едно тврдење од ваков тип. Иако бугарските националистички настроени историчари се обидуваат да го докажат тоа, многу други балкански историчари тврдат дека македонската нација се изродила кај словенското население во отоманската провинција Македонија и дека повеќето од тамошните луѓе немале јасен национален идентитет пред да се перципираат себеси како Македонци. И покрај блиските врски помеѓу бугарскиот и македонскиот народ, обидот да се наметне ставот на Софија ја поедноставува и вулгаризира историската комплексност на проблемот, пишува регионалниот интернет-портал „Јуропиан вестерн Балканс“.
Како второ, националното потекло што е предмет на расправа не е материјално, бидејќи е одраз на често сложената историска генеза на една нација, па, сходно на тоа, не би требало да биде политичка монета за поткусурување, туку да им се остави на историчарите. Всушност, во рамките на самиот договор за пријателство, потпишан во 2017-та од страна на Бугарија и Северна Македонија, пишува дека се оформува комисија составена од историчари, чија цел е истражување на контроверзните историски настани и личности. Меѓутоа, бугарската страна во својата комисија вклучи националистички настроени историчари, а бугарската влада притискаше за брзи резултати, наместо да им остави простор на историчарите за едно промислено и аполитичко преговарање.
Се чини дека Бугарија тежнее да ѝ постави на Северна Македонија задача за преиспитување на нејзиниот историски наратив, но тоа никако не го применува во својот случај, особено кога се работи за контроверзната бугарска окупација на Македонија и Јужна Србија за време на Втората светска војна и депортацијата на Евреите од окупираните земји во нацистичкиот логор за етничко истребување Треблинка.
И конечно, Софија побара од Македонија да се откаже од тврдењето дека во Бугарија има македонско малцинство, истовремено барајќи да не бидат дискриминирани македонските граѓани што се декларираат како Бугари. Ова е класичен пример на еднострано гледање на нештата. Малцинствата не се нешто околу кое државите треба да преговараат, тоа е прашање на самоопределување и самоидентификација. Советодавниот комитет на ЕУ, во годишниот извештај на својата Рамковна конвенција што се однесува на заштитата на националните малцинства, во мај годинава којзнае по кој пат истакна дека Бугарија треба да ги признае Македонците како национално малцинство. Јасно е дека Бугарија не може да го негира нивното постоење, а истовремено да бара признавање на бугарското малцинство во Северна Македонија.
Заканите на бугарските власти за ставање вето за почеток на македонските пристапни преговори со ЕУ грдо личат и потсетуваат на грчките блокади поврзани со името на оваа држава, кои придонесоа за 25-годишното одложување на нејзиното членство во НАТО и влез во ЕУ. Спорот за името со Грција конечно беше решен со Договорот од Преспа во 2018 година, по што грчката страна ја даде својата поддршка за евроатлантските интеграции на Северна Македонија.
Она што забелешките на Бугарија ги прави исклучително проблематични е фактот што веќе постои билатерален договор за пријателство помеѓу двете држави, кој требаше да им стави крај на сите отворени прашања. Во основа, бугарските приговори за Северна Македонија се во тесна корелација со однесувањето на домашен терен – играњето на националистичката карта како одговор на широкораспространетите повеќемесечни антивладини протести и влијанието на крајно десничарските националисти „Обединети патриоти“, помалиот коалициски партнер во актуелната бугарска влада на Борисов. Но, без оглед на природата на домашната мотивација за бугарските тврдења, земјата ризикува да предизвика непоправлива штета. Северна Македонија е очигледна жртва. Најпрвин беше блокирана поради грчките приговори за името. Откако тој проблем беше решен, Франција стави вето за почеток на пристапните преговори, најмногу поради резервите во однос на Албанија.
И сега, откако конечно и тоа беше решено со одлуката на Европската комисија околу новите методологии за проширување – Бугарија се заканува дека ќе го блокира процесот на Скопје за пристапни преговори. По болната и оспорувана промена на името договорена со Грција, толеранцијата за какви било понатамошни отстапки поради тормозењето од страна на соседи во Северна Македонија е многу ниско, што во основа е разбирливо. Постои ризик земјата што во последниве неколку години направи повеќе напори од која било друга за ослободување од авторитарниот режим, за решавања на билатералните спорови и реализирање на реформите, сега да биде казнета за тоа. На тој начин ќе се минимизираат резултатите на реформаторите, а националистите од опозицијата триумфално ќе викнат: „Ви рековме дека ќе биде така“.
Но штетите не завршуваат тука. Тие ќе бидат уште поголеми, бидејќи ќе се поттикнат и другите земји-членки да ставаат вето за аспирантите, создавајќи во процесот на ЕУ-проширување уште поголем хаос од веќе постојниот. Доколку на Бугарија ѝ помине ова, другите земји од Западен Балкан ќе бидат обесхрабрени во намерата да влезат во Унијата, додека земјите-членки може да се охрабрат за „срамнување на некои стари сметки“ со новите кандидати за ЕУ.
И на крајот, сепак, најголеми штети ќе претрпи самата ЕУ. Унијата се заснова на разновидноста и посебноста на своите членки. Оставањето простор за различните идентитети е нејзина клучна премиса, која им овозможува на сите да работат заедно без да го наметнуваат својот став кон минатото или својот национален идентитет во меѓусебните односи. Понатаму, ЕУ се потпира на принципот на консензус, што значи дека ниту една држава или нација не може на другите да им го наметне својот историски наратив.
Ова е особено важно за Балканот, каде што земјите и народите, особено оние помалите, честопати се чувствуваа како дел од аспирациите на своите поголеми соседи. Суштината на европската интеграција се состои во тоа да им се даде на државите и нивните граѓани поголема еднаквост и чувство на безбедност, наместо да ги поткопува нивните позиции.
Меѓу земјите-членки постојат голем број историски полемики и добро е да им се овозможи простор на историчарите за наоѓање заеднички јазик. Се разбира, не е нивна работа да ја „бркаат“ или „признаат“ вистината, како што тоа од Северна Македонија го бара бугарската влада. Наместо тоа, треба да им оставиме на историчарите да спорат, меѓусебно да се согласуваат или не, прифаќајќи конечно дека историските вистини се многу сложени.