Наместо Владата да се зафати со решавање на овие проблеми преку спроведување структурни реформи и вистински развојни политики за зголемување на продуктивноста и извозната конкурентност на земјата, бевме сведоци дека целиот фокус во изминатиот период беше ставен на краткорочни и популистички политики, кои имаа единствена цел да креираат една лажна предизборна слика дека економијата оди во вистинска насока
Негативните ефекти и последици од кризата за македонската економија допрва доаѓаат. Ако првиот бран од кризата беше предизвикан од затворањето на угостителскиот сектор и туризмот, како и од сериозното забавување на трговијата и транспортниот сектор поради вонредните услови и намалената домашна побарувачка, тогаш вториот бран, кој ќе биде уште посериозен за економијата, ќе се рефлектира преку индустријата и извозот. Првите знаци на посериозни проблеми во индустријата и извозот се почувствуваа релативно порано и многу посилно од она што првично се очекуваше. Имено, според последните податоци на Државниот завод за статистика, извозот во март бележи пад од 26,8 отсто, што е најсилен месечен пад по периодот на светската економска криза.
Истовремено, увозот има пад од 18 проценти што укажува дека падот на извозот е со значително поголема динамика од падот на увозот. Ваквиот негативен тренд на трговска размена предизвика зголемување на трговскиот дефицит за 14 проценти или во апсолутен износ за повеќе од 22 милиони евра за само еден месец.
Со оглед на фактот што најголем дел од индустријата е извозно ориентирана, падот на извозот поради намалената светска побарувачка предизвика пад на индустриско производство. Имено, индустриско производство во март 2020 година споредено со истиот месец лани има пад од 13,4 отсто, при што, се забележани негативни тенденции во сите три индустриски сектори. Секторот рударство и вадење камен има пад од 10,8 отсто, додека енергетскиот сектор бележи пад од 11,2 проценти.
Најголем пад од 14,3 отсто е забележан кај преработувачката индустрија како најзначаен индустриски и извозен сектор, при што, тој пад е резултат на намалено производство во повеќе сектори како што се производството на пијалаци, текстилната, кожарската, металургиската, машинската, електро и автомобилската индустрија.
Таквиот пад на индустриското производство логично предизвика намалување на бројот на вработени во индустријата. Тој пад на бројот на вработени во март изнесува 4,5 проценти, при што ако се земеме предвид фактот дека во рамките на целата индустрија се вработени 177.815 работници, тоа само укажува дека податоците се навистина загрижувачки.
Но она што е уште позагрижувачки е фактот што овие проблеми со индустријата и извозот се очекува да се продлабочат во вториот и третиот квартал од годината, со оглед на фактот што кризата ќе има продолжени негативни ефекти. Практично, ако се земат предвид неповолните тенденции и енормниот пад на извозот во март кога кризата сѐ уште беше во својата почетна фаза, и ако се следат прогнозите на најголемите извозни компании во земјата, кои укажуваат дека годинава ќе се соочат со сериозно намалување на нарачките од странските партнери, може да се очекува дека извозот оваа година може да падне за повеќе од 20 проценти, што во апсолутен износ е намалување за повеќе од 1,3 милијарда евра. Тоа, се разбира, ќе направи притисок врз тековната сметка во платниот биланс имајќи предвид дека истовремено се очекува намалување на приливот на девизи по основа на дознаки од странство и намалување на приливот по основа на извозот на услуги.
Дополнително, ќе има сериозно забавување на приливот на СДИ поради кризата и зголемените ризици кај инвеститорите, што повеќе од сигурно ќе се рефлектира врз капиталната сметка.
Но да се вратиме еден чекор назад во анализата и да видите што се случуваше со индустријата и извозот пред да се појави здравствената криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Всушност, сигналите за системски проблеми со кои очигледно се соочува македонската економија беа евидентни уште пред да се појави кризата. Имено, во 2019 година беше забележано продлабочување на јазот во нето-извозот и тренд на зголемување на трговскиот дефицит за цели 13 отсто или во апсолутен износ за 235,6 милиони евра. Овој негативен тренд само продолжи во првите два месеца од 2020 година.
Имено, извозот во првите два месеца од годината бележи стапка на раст од 3,4 проценти што е најниска стапка во изминатите неколку години (трипати пониска споредено со првите два месеца од 2019 година или споредено со изминатите неколку години кога извозот имаше просечна стапка на раст од околу 10 отсто), додека истовремено увозот расте со стапка од 5 отсто. Тоа неминовно предизвика зголемување на трговскиот дефицит на земјата за 10,9 проценти или во апсолутен износ за дополнителни 33 милиони евра за само два месеца.
Истовремено, додадената вредност на преработувачката индустрија како најзначаен индустриски сектор во 2019 година бележи негативни тенденции што де факто предизвика тренд на деиндустријализација или намалување на учеството на преработувачката индустрија во БДП на земјата.
Овие неповолни тенденции во индустријата само се засилени во 2020 година. Имено, индустриското производство во првите два месеца од годината (период пред кризата) има стапка на раст од само 1,9 отсто, што е една од најниските стапки забележана во последните неколку години. Дополнително, има намалување на бројот на работници во индустријата за 3,2 отсто во првите два месеца годинава споредено со истиот период лани.
Сево ова е потврда дека македонската економија се соочуваше со намалена извозна конкурентност и со сериозни системски проблеми во индустријата и во периодот пред кризата. За жал, наместо Владата да се зафати со решавање на овие проблеми преку спроведување структурни реформи и вистински развојни политики за зголемување на продуктивноста и извозната конкурентност на земјата, бевме сведоци дека целиот фокус во изминатиот период беше ставен на краткорочни и популистички политики, кои имаа единствена цел да креираат една лажна предизборна слика дека економијата оди во вистинска насока.
Овој погрешен пристап во водењето на економските политики продолжи и во периодот на кризата. Имено, Владата не само што не успеа да го амортизира тој прв бран од кризата преку мерки што ќе значат навремена и вистинска поддршка за компаниите од првично најпогодените услужни сектори туку позагрижувачки е тоа што ниту сега државата нема некаков план или стратегија како ќе се справи со негативните последици, кои ќе се одразат врз економијата во периодот што следува преку индустријата и извозот. Во отсуство на сериозен пристап од страна на креаторите на политики во насока на градење мерки за поддршка на извозните компании се ризикува економската криза значително да се продлабочи во втората половина од годината што ќе предизвика дополнителни проблеми за македонската економија.
Авторот е универзитетски професор