Изборите, драги мои, не решаваат ништо и за тоа има многу причини! Секој обид да се наметнат јавна перцепција, очекувања, потреба или воопшто да се зборува за каква било можност изборите да решат макар еден единствен проблем е погрешен и незрел и во голема мера води кон создавање нови проблеми, кои пак нѐ враќаат на почетокот – кон нови избори. И сѐ така во круг. Зошто е тоа така има многу причини, но една е најважна: а тоа е дека сите проблеми за кои мејнстрим-политичарите и мејнстрим-политиката нудат решенија се настанати пред изборите и вообичаено тие проблеми, тие политичари не ги решаваат ниту пред, а ниту по изборите. Кои се тие проблеми? Не мислам дека со една, две или сто, или воопшто со сите колумни на светот ќе се реши макар еден единствен проблем, но сепак ова е можност за иницијација на општественото мнение за решавање на тие проблеми пред и по изборите! Да одиме по ред. Проблеми што не се решаваат на избори се големите етнички и религиозни прашања на одделни заедници, кои живеат на една територија или држава како организирана форма на современо живеење.
Во Македонија и во Косово од 1919 година па до ден-денешен во различни држави и различни општествени и политички уредувања Албанците се обидувале да го решат, на начин за кој тие сметаат дека е праведен сопствениот статус на доминантна национална заедница. И мнозина Албанци од лева, десна, центристичка, социјалистичка, фашистичка, комунистичка и друга идеолошка матрица настојувале сопствениот национален проблем да го решат во институциите, низ избори, настојувања, дебати, преговори, договори, закони и устави и не го решиле – до 1999 година во Косово и 2001 година во Македонија кога со револуционерни, воени средства, со оружје во рака, во војна го решија проблемот за кој тие сметаа дека е најважен! И од тој ден, па до ден-денешен сите дополнителни барања што се дел од основниот – проблемот генератор на други проблеми тие го решаваат со постојана закана од војна! Сите знаеме дека секогаш кога остатокот од општеството не сакал да ги задоволи тие барања дури и мејнстрим-политичарите Албанци, оние што учествуваат во јавниот политички живот како избрани и државни функционери, отворено и недвосмислено се закануваат со предизвикување на конфликт и војна!
И секако, политичката сила што ја иницираше и водеше таа војна, по нејзиното завршување се преобрати во политичка партија, која влезе во власта и успешно владее до ден-денешен.
Главното оружје на таа борба и сега се воените структури и ешалони на партијата ДУИ, која традиционално изборните победи ги прославуваат со истрели од „калашникови“ што е синоним за војна, не со идеи туку реална, жива војна во која интересите се остваруваат со пукање во политичкиот непријател. И точка. Тој факт, дека ниту еден проблем не се решава со избори што се конституираат како општествена сила легитимирана во Собранието како место каде што проблемите се решаваат пред и по изборите, и на овие избори ќе биде само флоскула за која претставниците на Америка, Британија, Франција, Германија и амбасадорите на сите оние други држави што управуваат со нас ќе речат – оставете го сега парламентот и договорете се некаде надвор од него!
И така, драги мои, и овој пат проблемите ќе се решаваат по кафеани, во вили по скопските и охридските ридови и баири, по туѓи амбасади и на крајот по планини со оружје во рака. Она што повторно се отфрла да се решава, а тоа е најважното прашање што е генератор што ги иницира сите други проблеми е нерешеното национално прашање на Македонците.
Седумдесет години по формирањето на македонската држава националните права на Македонците во државата за која тие сметаат дека е нивна и конституирана не со преговори, договори, устави и на избори, туку со револуционерна борба, со војна, со оружје во рака во кое гинеа луѓе, во текот на четири години неколку десетина илјади, наместо да се прошируваат и надградуваат како што е случајот со албанските национални прашања, тие права и достигнувања на Македонците се намалуваат и ограничуваат насекаде и на секој начин – со постојана закана од војна!
Дури и по Втората светска војна во 1945 година кога со типични револуционерни, левичарски средства од кои теророт е основното и најважно средство, комунистите ја конституираа државата преку пресметка со идеолошките, политичките и класните неистомисленици: не го решија националниот проблем на Македонците – со избори! Сите тие таканаречени горчливи и тешки прашања се решаваа надвор од институциите на државата, под притисок на тогашната силна и непоколеблива сојузна држава со административно седиште во Белград, сега заменето со Брисел.
Драги мои, така ќе биде и овој пат, наследниците на поранешните комунисти револуционери и сегашните албански социјалдемократи револуционери ќе ги решаваат основните проблеми што ги генерираат сите други – националните прашања на Македонците и Албанците за формата и начинот на живеење во една заедница по кафеани, низ вили, по амбасади и со постојана закана од калашникови.
И овој пат децата на македонските револуционери (црвената буржоазија и нивните трабанти социјалдемократи) ќе се обратат кон Македонците со закани дека ако не ги прифатат понудените компромиси и отстапки, кои големите сили ни ги налагаат – тоа неминовно ќе води кон војна во која загубите што сега ќе ги прифатат во мир ќе бидат помали од загубите што ќе ги прифатат по војната што сигурно ќе ја изгубат! Другите, пак, по десетти пат ќе се обратат кон своите со повик да не прифаќаат ништо од тоа што им го нудат другите и големите сили по пат на преговори и договори, туку да тргнат во војна во која откако ќе заврши ќе добијат повеќе од тоа што им се нуди во мир! И тоа е крајот на приказната! Ова е принцип што Америка, Англија, Германија и Франција го применувале и го применуваат во Африка, на Блискиот, Средниот и на Далечниот Исток, во минатото, а и ден-денешен.
Рајот што го продаваат со крајна цел создавање траен мир и активна коегзистенција на вмешани сите страни, во суштина е пекол што води кон трагедии од невидени размери. Последиците од тој начин на менаџирање со општествените конфликти се познати и можат да се видат секојдневно на границите на Македонија со Грција каде што реки бегалци од Африка, од Блискиот, Средниот и Далечниот Исток се обидуваат по цена на сопствениот и животот на нивните семејства да побегнат од ветените рајски пространства и да стигнат до Западот, кој, пак, денес нема ниту еден одговор за ниту едно отворено прашање во нивните општества!
Големите западни сили, драги мои, политичките и општествените антагонизми на овој дел од светот што го нарекуваат со за нас непознато име – Западен Балкан, ги решаваат со истите инструменти и средства како што ги решаваат во Авганистан, Пакистан, Ирак, Сирија, Либија, Судан и да не набројувам понатаму оти списокот е мошне долг! Од 1984 година кога Западот ги иницираше кризите во поранешна Југославија, па преку 1992 година кога ја потпали војната, сѐ до 1999 година кога беше бомбардирана Србија и 2001 година кога го дозволи и потхрани воениот судир во Македонија поминаа речиси четири децении.
И ниту еден проблем не е решен со избори, од Загреб, преку Мостар, Бања Лука, Сараево, Белград и Скопје via Приштина! Напротив, антагонизмите се сѐ поголеми и сѐ понерешливи – на избори. И да не се лажеме со безмилосна меѓусебна војна во која „калашникот“ е заменет со преговори и договори по вили, кафеани и амбасади. Војната си трае, трае и трае, со изгледи да продолжи, можеби дури и со „калашникови“, повторно. Тоа што сѐ уште е мир северно од Дунав е само затоа што сѐ уште 1.500 евра редовна месечна плата гарантираат конформирзам олицетворен во можноста да се пристапи до рафтот на еден од локалните супермаркети! Во моментот кога тоа ќе биде доведено во прашање, ќе се отворат сите оние прашања што не се решаваат на избори! Но дотогаш, додека чекаме „на другите да им се стемни, а нам да ни осамне“, имаме ли сознание за тоа што нѐ чека по последните и пред наредните избори?
За жал, не гледам ништо друго, освен проверени методи на страв од војна во која Македонците ќе изгубат сѐ и надеж за нова војна во која Албанците ќе добијат уште повеќе од тоа што сега го имаат! Мирот, решение ли е? Не знам. Војната, решение ли е? Не знам. Но знам како почнува една од најголемите театарски пиеси на сите времиња напишана на македонски јазик „Диво Месо“, на овој дел од светот, од животопишувачот Горан Стефановски. „Ќе има војна. Ќе има војна. – Доста беше ваков мир!“
Драги мои, деновиве беа отпуштени стрелите на војната, помеѓу левицата и буржоазијата. Партијата Левица ја отпушти политичката стрела и погоди точно таму кај што општествената гравитација вообичаено ја носи – во срцето на буржоазијата, поточно во телото на единствената конституирана и владејачка буржоазија во Македонија – црвената буржоазија за која многу сум пишувал, па нема потреба сега да преповторувам! Се радувам најпосле што можеби тоа е почеток на политичка војна, која на почетокот ќе се води со инструментите и средствата на политиката – со идеи, идеологија, со вербални и интелектуални аксиоми, кои можеби ќе мотивираат најпосле во политичкиот живот да се вклучи и милениумската генерација Македонци родена пред и по 2001 година!
Таквата војна може да понуди решенија што се единствено можни, решенија пред изборите, решенија од живиот политички и вкупен општествен живот. Решенија што нема да водат кон нови избори, туку кон промени и нови достигнувања. Којзнае, можеби и кон револуција. Да не е малку ова преамбициозно? Не знам, ама и во октомври 1941 година нападот на участокот на бугарската полиција во Прилеп многумина го примиле одмавнувајќи со главата дополнето со флоскулата: „Шумкари, ќе им мине!“ Ама, не им поминало. Како и да е, драги мои, до видување до следните избори.
Авторот е режисер и универзитетски професор