Не, не плашете се, не станува збор за избори кај нас. Додека да дојде до оние редовните ќе се изнаслушаме за „метли“, ќе ни фрлаат прашина в очи, ќе сеириме за „она на пола“, ќе потпевнуваме „гордо“ и ќе нѐ лажат дрско уште барем неколкупати за 102,5 % сигурност дека ќе ги започнеме преговорите со ЕУ. Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат оваа недела. Овде никој вистински и не се грижи за тоа што се случува „таму“, каде што сме „тргнале“. Овде се чука празна слама за „европеизација на Македонија“, и дури и „студениот туш“ не се смета за нешто страшно. Сепак, да ѕирнеме што се случува „таму“. Верувале или не, политичките партии/групации се на голема мака. Мнозинството ќе апстинира, а оние што се страсно решени да гласаат имаат непопуларни („популистички“) уверувања. Одзивот, колку и да е низок, не влијае на успешноста на изборите, но многу зборува за легитимитетот на оваа најдемократска институција на ЕУ. Зборува и за разочараноста и незаинтересираноста на граѓаните за она за што овде ние „гинеме“.
Резултатите, односно соодносот помеѓу големите играчи ќе покаже како се врти идеолошко-политичкиот компас. Нас можат да нѐ лажат дека само што не сме почнале преговори и само што не дошле оние илјадници инвестиции и милиони евра. Но тоа не можат да го прават со тие што се веќе таму и кои веќе не веруваат во бајки. Впрочем, од времето на првите непосредни избори за Европскиот парламент (1979), во секој нареден изборен циклус одзивот опаѓа, иако наводно Парламентот е една од институциите што низ годините добиле најголемо проширување на надлежностите (иако немаат никакво суштинско влијание врз Европската комисија, Советот и Централната банка).
Кога на студентите им го предавам предметот Институции на ЕУ, најлесно ми е да им ги доловам причините за тоа зошто европските граѓани не се воодушевени од можноста да изберат пратеници во највисокиот европски народен/законодавен дом: доволно е да им појаснам дека во трката учествуваат истите партии што ги познаваат од национално ниво. Им велам: Замислете дека сме членка на ЕУ, треба да гласате за Европскиот парламент, ама кандидатите ви доаѓаат од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Беса, ДОМ итн. Кампањата е помалку за европски прашања, а повеќе се сведува на традиционалните меѓусебни расправања и одмерување на рејтингот. Притоа, имате Унија што е либерална империја (кон надвор), а дома сѐ повеќе се бирократизира, отуѓува од граѓаните и повеќе се грижи за привилегиите на богатите одошто за потребите на граѓаните. Чудно ли е што не им се гласа или што сакаат да гласаат против?
За волја на вистината, кога од наша перспектива ќе ги чуете јавните соочувања на т.н. шпиц-кандидати (водечките личности што ги предводат политичките групации и кои се кандидати за иден претседател на Европската комисија), ви доаѓа главата в ѕид да си ја удрите од мака: споредете ја нивната артикулираност, елоквенција, сугестивност во исказот (и сето тоа во минута-две за секое битно прашање) со она што ние мораме да го следиме со нашите. Сепак, тоа е амбалажата, производот што треба да им се „продаде“ на гласачите, исто како и на секои други избори. Политиката е елитистички, технократски, професионализиран и прескапо платен менаџмент на создавање импресии врз јавноста. Суштината е во (не)успешноста на политиките онака како што ја доживуваат обичните луѓе. Клучните теми околу кои се водеше дебатата се: безбедноста, климатските промени, мигрантската криза и економско-социјалната политика. Накратко, прашања што упатуваат на своевидна „вонредна состојба“ во Унија неспособна да најде задоволителен одговор на ниту еден од овие предизвици.
Над Европа кружи духот на „популизмот“ (како што се нарекува крајната десница). Тој е помалку резултат на успехот на таквата политичка платформа, а многу повеќе на неуспешните политики и на националните влади и на европските институции, од кои се неуспешни во „време на колера“ (т.е. време на криза што нема изгледи дека ќе заврши скоро). Најновите испитувања на европското јавно мислење укажуваат дека не само што не се создадоа кохезивна политичка заедница и демос, туку мнозинството граѓани воопшто не веруваат дека ЕУ ќе опстане подолго од 20 години. За мнозинството испитаници во Германија, Франција, Холандија, Австрија, Романија, Словачка, Чешка и Полска дезинтеграцијата на ЕУ е „реална можност“. Пресликано на расположението во пресрет на изборите, само во Франција (земјата основач на Европската заедница за јаглен и челик, нуклеусот на идната ЕУ), Мари Ле Пен води убедливо пред Макрон. Во рамките на 14 држави-членки, чија популација е претставена со дури 70 отсто од седиштата во Европскиот парламент, само во три држави (Шведска, Данска и Шпанија) имплозија предвидува нешто „помал“ процент (меѓу 40-44 отсто).
ЕУ, носител и на Нобелова награда за мир, генерално гледана како „проект на мир“ или безбедносна заедница во која војната станала невозможна (Карл Дојч), е оспорена дури и во овој аспект. Една третина смета дека е можен конфликт помеѓу членките на ЕУ. Генерално, три четвртини од испитаниците сметаат дека политиката е во колапс или на национално или на европско, или на двете нивоа. Процентот на оние што сметаат дека политичкиот систем функционира добро, во Франција, која со месеци е боиште на своевидна граѓанска војна меѓу полицијата и „жолтите елеци“, изнесува само 15 отсто. Контрадикција од посебен вид е битката помеѓу желбата ЕУ да опстане (огромен процент од две третини од испитаниците е, всушност, обединет околу она што Волфганг Штрек го именува како „сентиментален симболизам“) и стравот и недовербата, со речиси ист сооднос. По обичај, крајната десница се покажува многу поефикасна во обединувањето на сите што се разочарани или исплашени, отколку левицата, која се дели и конфронтира внатре во сопствениот блок. (Во левицата, се разбира, спаѓаат социјалдемократските партии што му се верни на неолибералниот капитализам.) Така, дилемата во левиот блок гласи: да се остане и ЕУ да се реформира однатре – или легзит (напуштање на ЕУ како корпоративен и неолиберален проект што не вреди да се спасува во ваква форма). Главните партии што божем се натпреваруваат, а всушност се верни чувари на неолибералниот консензус, се плашат од сите оние што го доведуваат во прашање, на тој начин што им лепат етикета на „популисти“.
Изборните резултати ќе бидат познати на 26 мај, но изборните математики се веќе почнати. Аналитичарите прогнозираат дека двете најголеми политички групации (народните партии и социјалдемократите) ќе останат најмногубројни, како и досега, но бројот на освоени седишта ќе опадне за сметка на партиите со крајно десничарска ориентација и некои други помали партиски сојузи. Можеби добра вест е дека во ЕУ, засега, суштински нема ништо да се смени и покрај зголеменото присуство на крајната десница, но лошата вест е дека статус квото е само увертира во сценариото за распад на ЕУ. Што би можела, всушност, да стори ЕУ за да опстане? Речиси ништо, бидејќи сѐ додека се залажува со козметички реформи и со туркање на незгодните проблеми под чергиче, сѐ дотогаш ќе живее со Дамокловиот меч над главата. Она што ја прави Унијата нефункционална, па и социјално неправична, е разводот на капитализмот и демократијата. Таа беше чедо од времето на нивниот меден месец, но сега е како (остарено) дете растргнато меѓу родителите што се борат за старателство. Засега „лепакот“ е во стравот – стравот од растечките сили во меѓународните односи, стравот од мигрантите, стравот од еколошките промени и потребата од одржување на каква-таква благосостојба.
Судбината на ЕУ не е во рацете на нејзините граѓани, најмалку во нивните изборни преференции. Таа е инхерентно поврзана со судбината на капитализмот. Питер Мер тоа го опишува јасно: „Времето на партиската демократија помина. Иако партиите како такви остануваат, тие ги имаат прекинато врските со општеството и се вовлечени во натпревар што толку ја изгубил смислата што тие веќе не се способни да ја одржат демократијата.“ Оттука, заклучокот дека сведочиме на пад на демократијата одоздола, што се гледа во слабиот одзив и малото (формално) партиско членство, но и одозгора, поради „повлекувањето на елитите“ од демократската отчетност и одговорност.