Фрштат меѓупартиски дилови и тендери. Администрацијата се полни со партиски безработници, владините кабинети и министерства се натрупаа со активисти чија задача е лов на неистомисленици. Даноците растат, производите поскапуваат. Државата секој месец се задолжува. Е, каде се сега оние што до вчера врескаа против партиски вработувања, тендери, администрација, нови оданочувања и задолжувања?
Размислувам за лажната авангарда, децата на црвената буржоазија, интелектуалната бижутерија. Се присетувам на фејсбук-хистериците, илјадниците зборови злоба и омраза. Тврдеа дека ние сме владини платеници, а тие слободоумни граѓани чиј гнев е насочен кон „диктатурата“. Врескаа дека бараат правда и раст на економијата. Дека не се партиски активирани, Соросови марионети на копче. Нè правеа идиоти. Тврдеа дека нема тиранска платформа, дека тоа е во нашите вмровски глави, дека измислуваме двојазичност, сакаме да заштитиме криминал. Ни мавтаа пред нос со прес-конференциите на Заев, ете сега ќе видите како Груевски го спакувал масакрот на Смиљковско Езеро. Го нарекуваа министерот за здравство убиец, зашто умре Тамара. Прашуваа колку Тамари чини ова, колку она? Врнеа навреди заради задолжувањата на државата. Плукаа по сè што се гради. Размислувам за нив, татини и мамини синови што никогаш ништо не сработеле креативно, не заработиле, не виделе мака.
Во меѓувреме, операцијата за создавање октроирана марионетска власт успеа. Американскиот амбасадор стана премиер на државата, алфа и омега, оној што шета по судови, комисии, институции и кажува што треба, а што не. Октроираните на власт почнаа со антимакедонска агенда. Име, идентитет, двојазичност, бугаризација на историјата… сè ставија на распродажба. Владината коалиција на СДСМ и ДУИ, освен што ревносно се посвети на рушење на сите национални интереси, се фати со „лав ми“ тендер политика, неконтролирани партиски вработувања, покачување даноци. Во болниците нема инсулин, умираат деца. Економијата се распаѓа. По улиците дивеат амнестирани криминалци. Соросовите активисти и дел од „шарените“ се напикаа по институции. Се апсат уметници заради искажан став и патриотизам, умре слободата на говорот. И каде се сега оние „правдољубивите“ што себеси се нарекуваа слободоумни и независни, каде е таа силна „авангарда“, тие невидени „креативци“?
Тие што други обвинуваа дека се нечии мегафони и платеници, сега се напикани по владини кабинети. Судбината е цинична и непредвидлива. Може за миг да ти достави таков пакет по кој нема да можеш в огледало да се погледнеш, ако си човек со свест и совест. Оние што постојано, без никаков аргумент, ами само затоа што не се согласувавме со нив, нè етикетираа и навредуваа, па измислуваа за нас ненормални суми пари што, демек, сме ги зеле за да тераме владина пропаганда, сега истите тие, седнати во скут на Владата, со добиени функции, ги гледаме како неконтролирано се расфрлаат со пари за скапи летови, егзотични патувања, перверзно луксузни ручеци и шопинг-тури. О, да, се очекува такво нешто од неизживеани политичари, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, но кога ги гледам оние што до вчера изигруваа урбана авангарда како го прават тоа, а нас нè обвинуваа за платеништво и полтронство, ми доаѓа да ја завртам главата, зашто ме уби туѓиот срам.
Во Собранието насилно, незаконски и со подметнување европско знаменце беше изгласан противуставниот закон за јазици, со кој се воведува двојазичност во целата држава, а оние што до вчера нè обвинуваа дека тоа е во нашите глави, дека сме „жмрооњи“ што бранат криминал, сега или ги напикаа главите во земја или, не можејќи да се соочат со сопствената глупост, тврдат дека таков закон веќе имало. Ќе се најде ли јунак меѓу нив што ќе ја воочи оваа улавост, па ќе рече, чекајте бе, малку звучиме безумно кога тврдиме дека изгласаниов закон веќе бил изгласан. Не верувам дека ќе се најде, зашто кога си без совест можеш другите да ги убедуваш дека и ластовичките се штркови.
Фрштат меѓупартиски дилови и тендери. Администрацијата се полни со партиски безработници, владините кабинети и министерства се натрупаа со активисти чија задача е лов на неистомисленици. Даноците растат, производите поскапуваат. Државата секој месец се задолжува. Е, каде се сега оние што до вчера врескаа против партиски вработувања, тендери, администрација, нови оданочувања и задолжувања? Оние што додека ги слушаш си мислиш дека уште од малечки знаеле да менаџираат човечки ресурси, дека матурирале на тема „Влијание на јавните набавки врз пубертетот или како тендер се римува со џендер“, дека нивните прадедовци лично ја создале администрацијата како добробит за целото човештво, дека биле Нобелови кандидати за физика, бидејќи го откриле законот за влијанието на даночната политика врз ефектите на екстази на афтер парти, дека толку се разбираат околу задолжувањата и државните обврзници што сигурно меѓу два шопинга во Солун ги одбиваат понудите за вработување во норвешкото министерство за финансии.
Каде се сега сите тие силни критичари на претходната власт да крикнат против истите потези на оваа власт? Ах, најверојатно се страшно зафатени со трансцедентно вибрирање на човечките ресурси среде метафизичка сеанса за ослободување вишок јавни набавки во административната сфера на гностичката филозофска парадигма при супкултурно флуктуирање на даночната политика во рамките на дивргентното поимање на државната обврзница како мал сегмент од Шарената револуција. Затоа не можат да зуцнат за порастот на смртноста кај новороденчињата и немаат време да прашаат колку Тамари ќе чини споменикот подигнат во чест на американската фирма што ги носеше кумановци на работа во Ирак и во Авганистан.
А Смиљковско Езеро? За тоа ми е болно да мислам, камоли да пишувам. Заради солзите врз очите на убиените деца, заради пеколот во душите на нивните родители. Гревот, вината и последиците, пред мирјаните и пред Бога нека ги носи оној што манипулираше со несреќните семејства пред избори, а сега прикрива докази, како и неговите поддржувачи, активисти и шарени „револуционери“. Заради секоја нивна изјава, јавен збор, напишан статус, виновни се и соучесници во смиљковското злосторство.
Ете, затоа, со мачнина размислувам за нив, за лажната авангарда, интелектуалната бижутерија, студентскиот пленум како амебовидна форма на големиот светски Безум, размислувам и си велам, па ако они може себеси да се доживуваат како некоја граѓанска интелектуална и урбана елита, тогаш и ластовичките може штркови да бидат.