Во летото 1596 година, дипломатски претставници од Кина и од Кореја се истоварија на јапонскиот брег, со задача да го официјализираат крајот на војната, која започна со ненадејното појавување на огромната армија од 158.000 самураи и војници во близната на корејскиот град Пусан. Јапонскиот воен механизам требаше да ја исполни наредбата на Хидејоши Тојотоми – да ги освои Кореја и Кина. Јапонците во краток временски период успеаја да заземат големи делови од Корејскиот Полуостров. Меѓутоа кинеската воена помош, корејската флота и неможноста од редовно снабдување ја принудија јапонската армија на повлекување. Бидејќи ниту една од страните не можеше да му нанесе сериозен удар на непријателот, настапи затишје. Во овој релативен мир беа извршени подготовките за пристигнувањето на делегацијата, но мисијата што требаше да ѝ стави крај на војната остана запаметена како една од најголемите фарси во светската дипломатска историја.
Дипломатите, предводени од кинескиот амбасадор, беа пречекани во фамозниот дворец во Осака. На корејските претставници им беше забрането да учествуваат во церемонијата по наредба на Хидејоши, а Кинезите ја продолжија својата активност. Пред пристигнувањето на дипломатите, јапонскиот владетел бил известен дека кинескиот цар ги прифаќа неговите барања – склучување брак помеѓу кинеската и јапонската царска куќа, со што се создава сојуз помеѓу двете земји, кинеските пристаништа и градови се отвораат за јапонските трговци, јужниот дел на Кореја му припаѓа на Хидејоши, корејската царска династија испраќа двајца заложници – принц и високи дворјани.
Амбасадорот започнал со читање на царскиот едикт, но нешто не „штимало“. Дипломатите негодувале поради однесувањето на Хидејоши и запрашале зошто не им искажува почит преку наклонување, на што добиле одговор дека јапонскиот владетел има болки во колената. Истовремено, Хидејоши го запрашал генералот Јукинага Кониши зошто дипломатите само стојат, го држат царскиот декрет и не се поклонуваат пред него. Кониши тивко објаснил дека станува збор за истакнати царски претставници и дека тоа не треба да се очекува од нив. Хидејоши го прифатил објаснувањето и продолжила церемонијата. Амбасадорот обелоденил дека кинескиот двор ги прифаќа јапонските барања и била приложена кутија во која биле сместени свечена свилена облека и круна. Набргу, Хидејоши ја наметнал облеката и ја ставил круната на сопствената глава, но било чудно однесувањето на Кониши, чии раце постојано се треселе.
Следниот ден бил организиран банкет и Хидејоши пристигнал облечен во подарената облека и круна. Во текот на свеченоста, јапонскиот владетел наредил да биде повикан свештеник – експерт за кинески јазик и писмо. Хидејоши не го владеел кинескиот јазик и сакал да му биде преведен царскиот декрет. Тој не разбрал ниту еден збор на амбасадорот, а никој не се осмелил да му преведе. Набргу се појавил Јукинага, кој се обидел да го убеди свештеникот да ги „омекне“ кинеските зборови. Но свештеникот превел од збор до збор – Хидејоши се признава за вазал на кинескиот цар и му се дозволува да искаже почитување преку подароци, во замена за целосно повлекување на јапонската армија од Корејскиот Полуостров и ветување дека никогаш повеќе нема да изврши воена инвазија врз корејската држава. Во овој момент, Хидејоши го дознал вистинското искажување на амбасадорот. Ја фрлил круната на подот и ја раскинал свилената облека, а во еден момент се чинело дека кинеските и корејските дипломати ќе бидат обезглавени. Но бил разубеден и им наредил на заминат. Во најголема опасност се нашол Јукинага, кој раководел со преговорите, но најблиските советници на Хидејоши го убедиле дека Кониши бил измамен од кинеските преговарачи, со што го зачувал животот.
Набргу, Хидејоши наредил нова инвазија врз Кореја, која немала цел да освојува територии и во суштина била одмазда. Јапонската армија требало да ги казни Корејците поради првичниот отпор и да му демонстрира на кинескиот двор дека јапонскиот владетел е еднаков со кинескиот цар. Срдбата на Хидејоши била страшна, јапонските самураи и војници во краток период убиле и масакрирале илјадници цивили.
Што всушност се случило и кој бил виновен? Кога започнале дипломатските контакти, Јукинага Кониши ја водел кореспонденцијата и требало да ги пренесе јапонските барања, всушност Хидејоши комуницирал преку својот потчинет. Кониши сакал да го задоволи Хидејоши, но не застанал тука. Водел сметка и за ставовите на кинескиот двор и ги изменил вистинските барања на Хидејоши. Верзијата на Кониши била умерена, но кинеските дипломати биле навредени, бидејќи никогаш досега не слушнале вакви барања кон кинескиот цар. Кониши се обидел да ги смири, објаснувајќи им дека овие барања се само почетна точка за водење преговори.
Вистинските преговори започнале кога во Кореја пристигнал Тадатоши, еден од најблиските соработници на Кониши. Во меѓувреме се прошириле гласините за јапонските барања и Тадатоши се нашол под притисок на двете страни за содржината на писмото до кинескиот цар. Јапонските генерали во Кореја барале одредени дополнувања, а кинеските претставници побарале писмото да биде напишано соодветно за да не предизвика навреда. Со други зборови, од содржината на писмото зависело дали ќе биде прифатено или не од царскиот двор.
Тадатоши во согласност со Кониши го напишал писмото со помош на кинеските дипломати и неговата содржина била сосема поинаква од барањата на Хидејоши. Во оваа верзија, од кинескиот цар било побарано да го прифати Хидејоши како трибутарен вазал и да дозволи трговија помеѓу двете земји. Писмото пристигнало во Пекинг и било разгледувано неколку месеци. На крајот, Тадатоши официјално бил примен од кинескиот цар и се согласил Хидејоши да стане вазал во замена за повлекување на јапонските самураи од Кореја. Набргу започнале подготовките – бил напишан царскиот декрет, формирана царска делегација на чело со амбасадор, биле подготвени свечената облека и вазалската круна.
Корејците уште од почетокот се спротивставувале на преговорите, знаејќи дека целата работа е шарада – Хидејоши не сакал да биде вазал и очекувал многу повеќе. Корејскиот двор подготвил сопствена дипломатска делегација, која требало да замине во посебна мисија, но тие станале составен дел од кинеската, а кога корејските дипломати пристигнале во Осака им било забрането да се сретнат со Хидејоши. На овој начин биле отворени портите за најголемата фарса во дипломатската историја.
Најголемиот виновник за оваа апсурдна случка можеби е Јукинага Кониши. Неговото однесување може да се објасни со неговата намера за задоволување на суетата на Хидејоши, меѓутоа како да заборавил дека на лагата ѝ се куси нозете. Кониши немал самурајско потекло, потекнувал од трговско семејство (трговците биле на најдолното скалило во јапонското општество), а неговиот татко бил аптекар. Неговото скромно потекло не било пречка за напредување во армијата на Хидејоши Тојотоми, кој и самиот имал селско потекло. Хидејоши, кој секогаш се водел од меритократскиот принцип, всушност на овој начин и станал владетел, ги ценел способностите на своите соработници и советници. Кониши се истакнал во војните за обединувањето на Јапонија и бил награден со господарската титулата даимјо, но еднаш трговец засекогаш трговец. Затоа неговиот пристап во преговорите со кинеските дипломати личел како да станува збор за размена на стоки и се обидел целата ситуација да ја реши со она нашето „и волкот сит и овците на број“, притоа заборавајќи дека овчарот секогаш е колатерална штета.
Која е суштината на нашето досегашно искажување? Државништвото е вештина во водењето на државната политика, а бидејќи државата е суверена општествена заедница, сите државнички акти треба да произлегуваат од општите интереси. Ова налага дека државните институции, без разлика дали станува збор за владини, научни или образовни установи, треба да бидат во постојана усогласеност. Само на овој начин се гради држава во вистинската смисла на зборот. Со децении сме сведоци на лоши реформи, реформи само заради реформи, секогаш без суштина. Од независноста па до денес, ниедна влада, без разлика дали пристигнува од десницата или од левицата, не подготви политичко-економска програма за преобразба на македонското општество со учество на сите чинители. Затоа нашата елита се однесува како Јукинага Кониши и секогаш е во расчекор.
Несериозно и недозволиво е една светиња како што е Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) да биде ставена во позиција да се информира за одредени стратегиски цели и намери од медиумите или од социјалните мрежи. Затоа сме сведоци на ситуација кога Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, вели дека престануваат да постојат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност, поради што беше обвинет за ширеше лажни вести. Не смееме да заборавиме дека МАНУ се најде во слична положба со реформите во основното образование, кога на целосно подготвени „реформи“ се информира МАНУ дека – „може да се јави на конкурсот при Министерството за образование и наука доколку има одредени забелешки или укажувања“, како да станува збор за земјоделска задруга, а не за највисоката научна институција во Македонија. МАНУ, која со децении беше обвинувана дека нема став и е нем набљудувач на општествените случувања, конечно цврсто, недвосмислено и од научна гледна точка излезе со свои согледувања за повеќе национални и државни прашања. И што се случи? Се изнаслушавме за бродот што тоне на академикот Коцарев, дека Коцарев наместо да се срами, се радува за небулозните тврдења и сѐ така до бесконечност. Далеку од тоа дека му ласкаме некому или се ставаме во улога на бранител, но многумина заборавија дека Љупчо Коцарев е на листата на најцитирани и највлијателни светски научници од својата област, публикувана од универзитетот „Стенфорд“ во 2020 година. Не заборавајте, за Коцарев, кој се занимава со теорија на информации и криптографија, не е својствено да излегува со тврдење без притоа да поседува одредени докази за потврдување на вистинитоста. Можеби станува збор за неусогласеност и недоразбирање помеѓу највисоките институции, но да го почекаме излегувањето на документите во наредните денови.
Да се навратиме на најголемата фарса во дипломатијата. Колку и да звучи чудно, трговецот Јукинага Кониши е само дежурен виновник, а вистинскиот виновник е токму Хидејоши, кој е познат со прекарите Мајмунот и Ќелавиот Стаорец. Хидејоши, кој целиот живот го мина во интриги и сплетки, совршено ја режирал „апсурдната“ ситуација, а сета вина и одговорност ги презел Кониши. Зошто? Јапонската армија била на чекор пред пораз и Хидејоши се нашол во незавидна положба. Поразот во Кореја можел да го наруши неговиот углед и постоела можност за бунт од многубројните внатрешни непријатели. Тој штотуку ја освоил Јапонија и неговата власт сѐ уште не стоела на цврсти темели. Му било потребно време за реорганизација на армијата и повторно промислување на стратегијата во Кореја. Со оваа дипломатска „фарса“, Хидејоши го добил потребното време, бидејќи преговорите траеле неколку години. Последните години од својот живот, Хидејоши ги минал во внимателно планирање, кое имало цел да ја зацврсти власта на неговиот клан и наследник, притоа не водел сметка за животите на неговите поданици. Во овој правец била и војната, вистинската фарса во оваа приказна, со Кореја и Кина, во текот на која загинаа еден милион Корејци и илјадници Јапонци. Но Хидејоши се заплетка во сопствените интриги, војната ги наруши неговите позиции и по неговата смрт власта ја презеде Иејасу Токугава, кој го уништи кланот Тојотоми, на крајот наследниците на Хидејоши беа овчарот, кој секогаш е колатерална штета.
Во минатото, како и во сегашноста, особено во недемократските општества, владетелите секогаш се воделе и се водат од личните интереси, а никогаш од интересите на нацијата и државата. Слично како Хидејоши, никогаш не се ограничувале ниту се ограничуваат при изборот на средствата за остварување на личните интереси. Затоа во политиката нештата не се онака како што изгледаат на прв поглед и секогаш се прикриени со ѕид од магла, а и зошто да бидат едноставни, кога може да бидат сложени.