Кажете ми една земја во која илјадници луѓе можат 10 години да седат дома, да земаат плата, да им тече пензиски стаж и да имаат здравствено осигурување, без да одат на работно место! За другите смртници важи Законот за работни односи, според кој ако три дена не се појавиш на работа – ти следува автоматски отказ
Помина уште еден бран организирано лицемерство: политичарите се претрчуваа кој прв да честита Велигден (дури и пред поглаварот на МПЦ), да се слика во црква и да се покаже како голем верник, додека под маса се клоцаа и преку медиумите се расправаа. До душа, додека Заев и Мицковски си делеа лекции по економија, оние од ДУИ сериозно го сфаќаат пукањето – пуста навика од 2001-та, па кога ќе се фатат за оружје, тоа е темелна работа, не е шега! Пред празникот пред централното седиште на партијата, се пресметаа со огнено оружје и резултатите од „изборот“ на општинско раководство во кумановскиот огранок се броеше во загинати и повредени.
Ахмети и компанија, по обичај, негираа сѐ: не виделе ништо, не слушнале ништо. Мора човек да ги разбере, не им е лесно: мораат да го (со)чуваат имиџот на Европејци, нели, кои се подготвени да сторат сѐ само земјата да влезе во НАТО и во ЕУ! Кога сме веќе кај Куманово, благодарение на градоначалникот, градот ќе биде запомнет по бизарен споменик! Да, да, токму кога ќе помислиш дека ерата на спомениците поминала, ете ти споменик на приватна воена фирма што регрутира Кумановци за Авганистан и за Ирак! Тоа е тоа сфаќање на локалната политика на вработување и одржлив развој: thank you, USA! Ексклузивно, баш за Велигден, централната новинска агенција, МИА, по стар добар комунистички обичај направи мегаинтервју со премиерот.
Веројатно неговиот „заразен“ оптимизам требаше да внесе доза светлина и покрај осиромашената трпеза. Заев успеа во невозможното: во едно исто издание да се прикаже како богот Јанус, со две лица. Од една страна, зборуваше како маченик, подготвен да ја жртвува својата политичка кариера и онака „исусовски“ на себе да ги земе сите страдања поради коцкањето со (нашето) име за да го испазари за членство во НАТО. Јас повеќе би му верувала доколку во залог го ставеше својот бизнис, кој слушаме дека цвета уште повеќе од порано. Од друга страна, Заев ни се прикажа и како среќен човек што очигледно живее на некоја друга планета, недостапна за граѓаните. А и како и да не биде среќен?
Ете, толку е среќен што токму неговата сопруга имаше „среќа“ да биде првиот пациент во Македонија на кој му е направена некаква операција со матични клетки, и тоа од странски лекар, а на товар на Фондот за здравство! Медиумите ни порачаа да не се секираме, госпоѓата Заева се чувствувала одлично. Ни олесна! Од среќа, сопругот заврши во кафеана со женско друштво. Ни за Тамара се слушна, ни за деца што боледуваат од ретки болести, ни за тоа дека Гинеколошката клиника собира донации по СМС. Ни збор за тоа – оние што се платени за тоа веќе во хор веќе си/ни честитаа Велигден! И во ваква атмосфера ми се јавува колешка од факултет да ме потпраша што се случува во Собранието со Законот за високото образование, што мислам за финалната верзија што е на прво читање итн. Ѝ реков дека сум тотално незаинтересирана.
По организирањето професорски пленум, па распнувањето на крст и плукањето токму од колегите што ги поттикнав, и по сета драма што се случуваше во 2014/2015 година, а која се сведе на фарса – јас веќе немам никаков интерес за високото образование. Зошто? Не само затоа што бројам години до одење во пензија (до најниската старосна граница ми фалат уште 4 години, ако не нѐ „усреќи“ во меѓувреме ММФ, и нас постарите и мајките за кои се планира породилното отсуство да се намали на само 6 месеци). Оваа битка за квалитетно образование сега нека ја бијат помладите. Но, тие – исто како и студентите – си клекнаа на брашно. Законот го читаат само во делот за услови за избор во повисоки звања и со големо олеснување сфаќаат дека го нема стрес-факторот, пардон – импакт-факторот (објавување во реномирани светски списанија) како услов.
Студентите што протестираа ем се удомија во државните јасли, па сега си го гледаат животот, ем веќе не им е грижа ни за студентски стандард, ни за студентски избори. Жарот на протестите очигледно прерасна во оган само од пусти страв дека ќе треба да се полага државен испит. Сега си молчат мудро и кога се случува скандал по скандал во Агенцијата за млади и спорт. Скандалот со збирката „поезија“ не е случај сам по себе, туку со сите свои елементи е еманација на една сосема гнила држава, во која и младите се клонирале од постарите (а и од претходниците, богами). Така, се менуваат нештата за ништо да не се смени. Моите студенти почнаа да мрчат нешто, ама само на Фејсбук. Бараат да се затвори нашата студиска програма, затоа што во конкурсите што ги објавило Министерството за одбрана, токму за места за кои тие имаат компетенции, се барала диплома од Правен факултет. Гневни, фрлаат со дрва и камења по професорите, кои молчеле и не се бореле за нивните вработувања, односно неправдата што им се чинела.
Притоа, не ја гледаат суштинската работа, а тоа е дека конкурсите не само што се наместени, туку се и етнички дефинирани – треба да си Албанец/Албанка! Како да им објаснам дека во оваа држава не се вреднуваат ни квалитет, ни способност, ни просек на оценки, па ни дипломата: потребно е да имаш вистинска партиска книшка и соодветно етничко потекло. Толку! Со овие два услова ни „пајак“ те бие, ни полиција те казнува, ни суд ти суди – а пак можеш да викаш „држете го крадецот“ и „јас сум граѓанин од втор ред“. Под превезот на позитивна дискриминација или правична застапеност (како што гласи уставната формулација) се врши отворена злоупотреба, а никој не смее ни да ја каже за да не биде наречен националист. Кажете ми една земја во која илјадници луѓе можат 10 години да седат дома, да земаат плата, да им тече пензиски стаж и да имаат здравствено осигурување, без да одат на работно место! За другите смртници важи Законот за работни односи, според кој ако три дена не се појавиш на работа – ти следува автоматски отказ.
За овие миленичиња на сите режими, тоа не важи, туку сега дури им праќаат молби да се појават на некое работно место и тоа, ни помалку ни повеќе, туку раководно! (Како што во УЧК немаше обични војници, туку само команданти, така и во администрацијата – оп, право на раководно место, веројатно затоа што имаат десетгодишен работен стаж!) Заев не само што немаше одговор на тоа прашање во велигденското интервју, туку немаше ни кој да му го постави. Инаку, да потсетам дека во неделата освен Велигден, кој така ревносно и со благослови сите си го честитаа, беше и Меѓународниот ден на Ромите. А ако е некој систематски дискриминиран и маргинализиран во оваа земја, тоа се токму Ромите. И тоа и од нивните „народни претставници“, кои учествуваат во делењето на привилегиите на власта и се „шлепаат“ заради шареноликоста на „едно општество за сите“. Да не се лажеме, не е до општеството, туку до природата – на систем во кој еден пратеник, жива мера, достигнува цена и до стотици илјади евра за да се зголеми парламентарното мнозинство. И сега да се секирам за Законот за високото образование? Тоа е како на пациент што умира од канцер да му ги поправаш забите. Ова е монтипајтон-држава, и затоа е можеби подобро да умреш од смеа одошто од нешто друго.